Денешна дата
23/10/2019

Инфографика: Пендаровски за НАТО, Силјановска за името, Река за републиката

Членството во НАТО и ЕУ и придобивките од тоа се најчестата и најпосакуваната тема на која пред граѓаните се осврнува претседателскиот кандидат Стево Пендаровски. Од друга страна, Гордана Силјановска најмногу говори за промената на името за химната и Преспанскиот договор. Блерим Река за поинакво функционирање на државата. „ИНБОКС 7“ ги анализираше говорите на претседателските кандидати на митинзите и средбите со граѓаните за Преспанскиот договор и промената на името, за НАТО и ЕУ, за перспективите на младите односно како да се спречи нивното иселување, за економијата

пишува: Светлана Унковска

 

 

 

За Преспанскиот договор и промената на името

 

Најчеста тема на која се обраќа Силјановска е токму Преспанскиот договор, промената на името, а тука секако е и химната. Вели дека единствена реформа на владата по две и пол години е Преспанскиот договор и промената на името. Јас не сум против договори, но договорите имаат две страни, тие треба да бидат рамноправни, истакнува Силјановска. И покрај острите критики порачува дека доколку биде избрана за претседател ќе го употребува новото име.

Преспанскиот договор е надвор од задолжителното меѓународно право, но и од националното право, ние пак велиме дека сме за право, правда и морал. Ме прашуваат зошто велам дека името е отворено прашаање, затоа што во 21 век тажно е повторно да се отвора македонското прашање. Не велам дека ако ме изберете веднаш ќе го сменам името, тоа е невозможно. Но сигурна сум дека ова име ниту има корен ниту иднина“, вели Силјановска.

На темата за Преспанскиот договор и промената на името со ист став се и Пендаровски и Река. Велат дека е тешка и болна одлука која мораше да се донесе Истовреме договорот го оценуваат како историски со кој се отвораат евроатлантските перспективите на земјава и не се одзема ништо од македонскиот идентитет.

Во историска перспектива, Преспанскиот договор беше најдоброто можно решение за нас, ни овозможува пат кон Европа, а не ни одзема ништо. Сите критики се само фрлање прашина во очи на обичниоит македонски гласач. Стопроцентно е заштитено идентитеското прашање на македонската нација,“ истакнува Пендаровски.

Река многу пати повторува дека Преспанскиот договор е компромис кој го отвора патот кон ЕУ и НАТО.

Ја сфаќам тешкотијата со која македонскиот народ ја прифати оваа солуција – промена на името, но се работи за компромис кој го отвора патот кон ЕУ и НАТО. Чувствувам потреба да ги демантирам сите гласини дека Албанците не се заинтересирани и не им е важно промената на името. Ние сочувствуваме со Македонците знаејќи дека тоа е емотивно, национално сензитивно прашање“, вели Река.

 

За членството во НАТО и преговорите со ЕУ

 

На темата за ЕУ и НАТО најкомотно се чувствува Стево Пендаровски за кого интеграцијата на земјава ги отвора вратите на перспективите на сите полиња.

НАТО ни даде покана за членство. Со ова е обезбедена нашата сегашност и иднина. 29 најмоќни земји сега се со нас, не сме сами. Не се поставува прашањето дали ќе не биде. Со добивањето датум за почеток на преговорите ќе ни бидат достапни огромни средства од европските фондови. Сето ова носи подобар живот, стандард, нови работни места, инвестиции“, нагласува Пендаровски.

Но, Силјановска е песимист во однос на почнувањето на преговорите со ЕУ и вели дека сме се уште далеку од Брисел, бидејќи не ги исполнуваме европските стандарди.

Нема ништо од преговорите со Европската унија. Не е добро само да мафтаат со договори кои не ве водат во ЕУ. За ЕУ и НАТО треба да сте пристојно место за живеење. Далеку сме од Брисел, нема да добиеме датум за преговорите, не затоа што го кочи опозицијата, туку поради недемократијата во Македонија. Ние не исполнуваме ниту еден стандард“, истакнува Силјановска.

И Река како Пендаровски во своите обраќања вели дека немаме друга опција освен ЕУ и НАТО, но, во истовреме има став како Силјановска кога вели дека има работа уште многу за да се исполнат европските критериуми.

Со зачленувањето во НАТО ние сме земја членка и сега треба да се концентрираме на другиот стратешки дел, а тоа е започнување на преговорите за членство во ЕУ. Тука ќе имаме повеќе проблеми. Немаме друга опција, освен ЕУ и НАТО а корупцијата и невработеноста мора да запрат“, смета Река.

За проблемот со иселувањето на младите

Заминувањето на младите од државава е, исто така, тема, за која се посветува големо внимание на митинзите на претседателските кандидати. Силјановска најчесто им се обраќа како најумните најдобрите, најхрабрите, моите студенти. Истакнува дека младите не препознаваат живот во земјава и затоа си заминуваат.

Најголемиот дел од младите заминуваат поради целосна партизација и политизација во општеството и ги гледаат своите пријатели што биле просечни и под просекот на високи позиции. Си заминуваат најумните, најпаметните, највредните заради непотизмот, корупцијата, партиското судство и неспособното обвинителство“, нагласува Силјановска.

Река за ова прашање не само што го оценува како многу болно, туку вели и дека на младите мора да им се понудат подобри можности за да останат тука.

Сакаме да се спречи тенденцијата на иселување на младите од земјава. Што ќе ни се концепти за ЕУ и НАТО кога ќе завршиме со петстотини илјади жители помалку. Мора да има владеење на правото, да се деполитизира државата и да им се даде иднина за младите да останат, а не да мигрираат“, порачува Река.

Со сосема поинаков концепт е Пендаровски, кој, покрај тоа што нагласува дека целата наша земја е погодена од иселувањето на младите вели дека неговата политика е преку евроатлантските интеграции да има поголем пристап до ЕУ фондовите кои ќе отворат големи можности да има мобилност во образованието и пракса во различни европски држави.

За младите исклучително битно е тие да станат дел од еден поширок европски пазар и еден европски круг во кои ќе можат како млади да се реализираат. Значи, прво да добијат шанси овде, меѓутоа и низ размена на информации и искуства со своите врсници од сите европски држави да напредуваат побрзо“, вели Пендаровски.

Кој како гледа на економијата во државава

И за прашањето за економијата, Силјановска е со мноштво критики до актуелната власт. Вели дека анкетите покажуваат дека граѓаните на прво место ја ставаат економијата и економскиот развој, а нив воопшто ги нема.

“Странците нашиот економски амбиент го оценуваат со нула, ама економскиот амбиент не постои сам за себе, туку вирее во правна држава во која има извесност и сигурност за капиталот“, оценува Силјановска.

Со контра став е Пендаровски кој е убеден дека во областа на економијата се движиме во правилна насока.

„Насоката во која се движиме и патот по кој тргнавме е пат на напредок, економска сигурност на граѓаните и финансиска стабилност. Економијата се стабилизира, БДП почна да расте, тврди Пендаровски

Според Река, напредокот и развојот на државава зависи пред се и од тоа колку имаме правна држава.

„Треба само да воспоставиме добро владеење, отчетност и транспарентност во водењето на државата. Откако Република Северна Македонија ќе биде правна држава во која ќе владее законот, ќе имаме просперитет“, вели Река.