Денешна дата
19/11/2019

ПОД ЕДЕН, ПОД ДВА, ПОД ТРИ И ЗБОР ЗА ПРИБЕ

Овој пат на претседателот нема да му се случи шарената револуција, но на шарената револуција ќе ѝ се случи нова шлаканица

Пишува: Зоран Иванов

Под еден, неразбирливи се полемиките околу аболицијата или помилувањето. Дали се уште актуелниот претседател ќе ги амнестира преостанатите неамнестирани за настаните од 27-ми април од пред две години. Ќе го направи ли тоа симболично деновиве на двегодишнината од  упадот во Собранието, ќе биде ли тоа новата помирувачка сабота наспроти крвавиот четврток.

Се разбира како и се досега околу ваквите настани, поучен од искуството од претходниот обид за аболиција што ја направа на своја рака, поточно под команда на својот надлежен Груевски па ја предизвика и шарената револуција, Георге Иванов сега ќе го чека сигналот од погоре. Досега, барем јавно, тој нема виза за тоа па овој пат, иако е на самиот крај од својот мандат и никој ништо не му може, нема да ризикува повторно да донесе некаква будалеста одлука без амин од надлежните однадвор. А без нарачка оттаму од амнестијата ништо никому.

Тој секако, без оглед на правните толкувања со фамозниот член единаесет што на времето Груевски му го одзеде на Црвенковски и со кој сега околу амнестијата му ги врза рацете на Иванов, ја посакува ситуацијата за колку толку пославно да го заврши својот десетгодишен неславен мандат. Па после толку, во името на повисоките цели политички спакувани ослободителни случувања, е можен уште еден правен преседан. Некакво широко толкување на укинатата надлежност на претседателот за амнестијата да стане извесна. И онака со разни неправни и неправедни политички еквибрилистики се до урниса правниот поредок, до крајот на месецов мошне можно е уште едно такво до урнисување пак во името на некои повисоки, овој пат обединително помирувачки цели. А со правото и правдата пак сѐ од почеток. Од нула па натаму, па здравје.

Нашата држава покажа дека е политичка, поликратска, неинституционална и аналогно на тоа и нашето општество преслабо да се справува со било која покомплицирана ситуација. За секоја и помала политичка криза од неа нѐ извлекуваат странците, разните дипломати, посредници, миротворци. И сега Иванов го чека одобрувањето и како што се насетува и ќе го добие. Тоа веројатно ќе биде уште еден штетен, а нужен компромис. Овој пат за СЈО и за некакво пеглање на неправдата, за некаква еднаквост во вината за крвавиот четврток. Нешто како и за пратениците претходно, сега така и за извршителите. Инспираторот и така на време, со истиот тој амин однадвор и одвнатре, му ја кидна во Европа. Неславното во сѐ ќе биде што човекот кој со своето претседателствување цела декада ја уназадуваше земјата, за многумина ќе биде херојот писмејкер. Овој пат на претседателот нема да му се случи шарената револуција, но на шарената револуција ќе ѝ се случи нова шлаканица.

По сѐ нормално нема да добиеме датум за почеток на преговори со ЕУ во јуни. Секако не. Брисел ќе нѐ почека да испозавршиме со уште по некоја валкана работа и дури потоа да ни даде шанса да се сетиме на Рајнхард Прибе. Некој конечно да ја отвори неговата тетратка со училишните тестови наменети за нашите политички елити. Дотогаш ќе си дремеме на клупата на старата балканска станица чекајќи го товарниот воз за Европа.

Под два, зошто Гордана Силјановска не може да биде претседател на Северна Македонија. И нема да биде од неколку едноставни причини: Прво, таа е личен избор на Христијан Мицковски. Претседател на ВМРО-ДПМНЕ, но не и лидер на таа голема и влијателна политичка партија. Таа е негов кадар, но не и одраз на желбите на молчеливото и во внатрешната кадровска политика безгласно партиско членство. Второ, таа се загуби во контроверзите на внатрешно партиските недефинирани и за пост груевистичкото време, не адаптирани политики. Заглавена меѓу кориците на учебниците по право, професорката очигледно ги преспала лекциите од политиката, од таа вулгарна алатка на моќните. Со својот теоретизам се навлече на лизгавиот прагматичен политички терен и сега пред крајот на кампањата се препелка во потрага по логични ветувања. Трето, можеби и најсуштинското, таа уште не зуцна, уста не отвори за минатодецениската македонска историја. За времето и за делата на Груевски и екипата од партијата што сега неа ја нуди за мајка на нацијата. Ниту збор за тоталитарното владеење на оние што сега таа ги претставува на овие избори. Ниту збор утеха за страдалниците, ниту осуда за сторителите што земјава ја сведоа на последните меѓународни демократски скалила. Со игнорирањето на блиското минато, практично таа самата се легитимираше како поборник и како следбеник на нереформираната и кадровски непрочистената партиска структура дефинирана како режим чиј  претседателки кандидат е.

Под три, Стево Пендаровски е во право дека ЕУ и НАТО за земјава се есенцијата за нејзината безбедност, унитарност и европски напредок. Препуштени на домашните партиски структури, еве три децении сме немоќни за било какво помрднување од живата кал што со криминали, корупции, непотизми, повеќе или помалку ни ја приредува секоја наша власт. Но и тој, штитејќи ја СДСМ, неговата основна партија промотор, не проговори ниту збор или новинарски изнудено нешто сосема малку за актуелните сѐ повидливи корупција, непотизам, протекционизам и секакви други  девијантни привилегии по кои се мами секоја па и оваа власт.

И Блерим Река не успеа да се издигне над сопственото локално национално кредо. Не успеа да ја префрли летвичката на националното и да се претстави како можен граѓански претседател за целата држава. Наспроти неговите прокламации за Република за сите, нагласено ја протежираше реториката на своите партии промотори во чија матрица националното е уште високо над граѓанското.

За само уште еден ден се изборите. Ако веќе треба, би било најдобро тие да завршат од прва, успешно на петти мај. Најмногу за да не продолжат изборните малтретирања и конечно да почне да се работи на задачите на Прибе. Без тоа нема ниту покана за ЕУ ниту бакрачи. Со Северна Алијансата си ја заврши работата. Сето друго сега е само овдешна домашна обврска и тоа заедничка и за власта и за опозицијата. Би било елементарно умно тоа конечно да го разберат и прифатат и едните и другите.

Главните политичките структури конечно да најдат именител и да почнат да ја средуваат државава. Од тие причини, ако се гледа од аголот на таа перспектива и ако државава сепак треба да има претседател, нека тоа биде Пендаровски. Ова од најпроста причина што неговата политичка филозофија е барем реална и прагматична, конкретна и перспективна. И што не се бламира и не гата за промена на минатото, туку ветува чекори за натаму. Неговата девиза е во суровата вистина дека земјава, Република Северна или само Република или само Македонија, кој како милува, без интеграциите нема шанси, нема никакви шанси да мрдне ниту милиметар во прогрес за демократијата, владеењето на правото, економијата па натаму во социјалата, здравството, образованието, културата, спортот.

И под еден и под два и под три и под …., ниту во оваа изборна кампања никој уште не ја спомна нашата водилка за Европа господинот Рајнхард Прибе.

Па ако и власта и опозицијата и натаму сложно продолжат да ги игнорираат неговите насоки, сите ние ,онака на купче сосе милата ни татковина, отидовме јабана.

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.