Денешна дата
17/08/2019

ПО ИЗБОРИТЕ СЛЕДИ РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ВЛАДАТА, ЗАМИНУВААТ И ДЕСЕТИНА ДИРЕКТОРИ

  • Помалите коалициони партнери на СДСМ добиваат министерски места

 

  • Инбокс7 дознава дека ќе има рокада на министерски места помеѓу СДСМ и ДУИ

 

  • По изборите десетина директори ќе бидат сменети поради немање никакви резултати во нивната работа

 

 

Пишува: Александар Тодески

 

 

Премиерот Зоран Заев чека да завршат претседателските избори и да помине јуни, кога треба се поизвесно е дека ќе добиеме подготвителен период од Брисел за да ја изврши реконструкцијата, дознава Инбокс7 од извори од владината коалиција. Еден од министрите кој ќе замине е Асаф Адеми, Министерот за култура од редовите на партијата Алтернатива на Африм Гаши. Во партијата на Гаши има незадоволство од учеството во владината коалиција, при што се бара напуштање на истата.

Поместувања ќе има и во Министерството за животна средина и просторно планирање, како и Министерството за локална самоуправа.

 

 

ПОСТИЗБОРНО СТАРТУВА И НОВОТО МИНИСТЕРСТВО

 

 

Владејачката СДСМ ќе добие уште едно заменичко место, во новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците кое ќе го замени секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, на чие чело најверојатно нема да се најде Хазби Лика, туку генералниот секретар на ДУИ, Атила Реџепи.

 

Извори на Инбокс7 од владејачкото мнозинство велат дека се разгледува и можноста во министер за политички систем и односи меѓу заедниците да биде член на другите коалициони партнери, а ДУИ да го добие Министерството за култура, но се уште се калкулира со останатите владини партнери.

 

Неофицијално дознаваме дека кадри од помалите коалициони партнери на СДСМ ќе застанат на чело во Министерството за животна средина и Министерството за локална самоуправа, каде заменик министер и државен секретар ќе биде од ДУИ.

 

Премиерот Зоран Заев не е задоволен ниту од брзината со која се движат реформите во Министерството за правда, но засега не ја разгледува можноста повторно да ја реконструира Рената Дескоска, која на почетокот беше министерка за образование и наука.

 

Останува неизвесно дали Андреј Жерновски ќе остане заменик-министер за надворешни работи, бидејќи при замената на кадри, СДСМ ќе мора да се откаже од едно од местата кои ги има во моментов, а надворешни работи е единствениот ресор во кој министерот, заменик-министерот и државниот секретар се Македонци, односно нема ниту еден член на албанските партии.

 

Реконструкцијата на владата нема да ги опфати само министрите, туку и дел од директорите. Неофицијално дознаваме дека десетина актуелни директори ќе заминат од местото, бидејќи премиерот Зоран Заев повеќе пати им предочил дека не е задоволен од нивната работа, но тие не презеле ништо. Меѓу нив, најгласно се споменува името на директорот на Службата за општи и заеднички работи, Пеце Мирчевски, но и на директорите на затворите, откако Европскиот совет излезе со црни статистики за државата. Иако еден од одговорните е и директорот на Управата за извршување санкции, Јовица Стојановиќ, неговото име не е меѓу оние чие директорување завршува постизборно.

 

 

СЕКОЈА ВЛАСТ СО СВОИ РЕКОНСТРУКЦИИ

 

 

Почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на власт дојде во 2006 година со амбициозна програма за крупни реформи. Неговата прва влада остана нереконструирана, бидејќи во 2008 година имаше предвремени парламентарни избори. Од тогаш, па се до 2014 година, кога беа последните избори на кои тој беше претседател на владата, немаше состав кој не беше реконструиран.

 

По изборите во 2008 година, Зоран Ставрески беше вицепремиер за економски прашања, а Трајко Славески министер за финансии. При реконструкцијата во 2009 година, Славески беше тргнат од министерско место, а Ставрески стана министер за финансии. На негово место како вицепремиер за економски прашања дојде Владимир Пешевски. Никола Тодоров тогаш прв пат стана министер за образование и наука, а Љупчо Димовски министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

 

Во 2011 година пак, Фатмир Бесими беше министер за одбрана, а Спиро Ристовски министер за труд и социјална политика, кои на тие места беа се до 2013 година, кога Бесими стана вицепремиер за евроинтеграции, а на негово место во одбрана дојде сегашниот претседател на Собранието, Талат Џафери. Спиро Ристовски стана министер за образование и наука, а за министер за труд и социјална политика како најмлад министер дојде Диме Спасов.

 

Реконструкција имаше и на последната влада предводена од Никола Груевски, но поради оставки. Во 2015 година, откако одекнаа бомбите на премиерот Зоран Заев и неколку дена откако се случија немилите настани во кумановското Диво Насеље, оставки си поднесоа министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, братучедот на Груевски и директор на УБК, Сашо Мијалков, како и тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески. На местото на Јанкулоска дојде Митко Чавков, кој до тогаш беше директор на Бирото за јавна безбедност, а на местото на Јанакиеки дојде Владо Мисајловски. Реконструкција имаше и кај министрите на ДУИ, кога лидерот Али Ахмети ги повлече, а на нивно место се појавија млади, до тогаш непознати за јавноста личности од партијата. Оставка во таа влада си поднесе и министерот за финансии Зоран Ставрески на 6 месеци пред изборите на кои се промени власта, а на негово место дојде Кирил Миноски, кој оваа функција ја вршеше до 1 јуни, кога официјално се смени власта.