Денешна дата
17/08/2019

ПО „ЛАСКАРЦИ“ КОНТРОЛИРАНИ ПОВЕЌЕ АВТОБУСИ ОТКОЛКУ ВО ЦЕЛА 2018 ГОДИНА

  • МВР засилено ги контролира автобусите по несреќата кај Ласкарци

 

  • За 2 месеци од сообраќај се исклучени 298 автобуси, а лани за цела година 12 помалку

 

  • Притворите за сопственикот на „Дурмо Турс“ и другите осомничени беа последна официјална вест за случајот, судењето уште не е почнато

 

 

Пишува: Александар Тодески

 

Министерството за внатрешни работи ги тресе автобусите на приватни превозници откако на 13 февруари годинава загинаа 16 патници во автобуската несреќа на автопатот Скопје-Тетово, кај селото Ласкарци, 20 километри оддалечено од Скопје.

Контролите на автобусите не биле доволни за да се спречат несреќите, бидејќи лани ги имаше неколку, но онаа која се случи на почетокот на годинава беше кобна. Инбокс7 истражуваше, колку автобуси лани биле исклучени од сообраќај поради неисправност, а колку во првите два месеца од годинава.

 

 

КОНСТАТИРАНИ ПОВЕЌЕ НЕИСПРАВНИ АВТОБУСИ

 

 

Автобус од Скопје до Гостивар возел 20 патници повеќе, па полицијата ги симнала, беа насловите на повеќе портали во текот на вчерашниот ден. Годинава, слични случаи со претоварени автобуси биле констатирани кај шест превозници, а од Министерството за внатрешни работи велат дека и возачите и превозниците се казнети веднаш.

 

По ваквите неретки случаи, следуваат и оние кај кои автобусите се неисправни, но сепак сообраќаат. Според информациите кои ги доби Инбокс7, во 2018 година МВР извршило контрола на 3.510 автобуси од приватни превозници, од кои 2.113 возила биле испратени на вонреден технички преглед. Од нив, кај 412 автобуси била констатирана техничка неисправност, а 286 биле исклучени од сообраќај.

 

Наспроти овие бројки, годинава за само два месеца се направени речиси исто толку контроли, а техничка неисправност е најдена кај повеќе автобуси. Па така, од 1 јануари до 28 февруари, МВР контролирало 2.255 автобуси, од кои на технички преглед биле испратени 1.533 возила. Од овие автобуси на приватни превозници кои вршат јавен превоз, кај 416 автобуси е констатирана техничка неисправност, а 298 биле исклучени од сообраќај, бројки кои покажуваат дека за само два месеца била констатирана неисправност и биле исклучени од сообраќај повеќе автобуси отколку целата 2018 година.

 

 

НЕСРЕЌА БЕЗ КОНЕЧЕН ИСХОД 

 

 

Иако несреќата во која загинаа 16 лица се случи пред повеќе од два месеца, нема ниту датум за судење, а веќе има притворени лица. Информациите кои обвинителството ги сподели со јавноста беа концентрирани на притворите и неприлагодената брзина, но останува голем прашалник дали во истрагата се зема предвид изјавата на еден од преживеаните патници, дека воланот бил блокиран, што остава простор автобусот да бил технички неисправен.

 

„Истрагата покажа дека сопирачките биле неисправни и иако тоа било увидено на техничкиот преглед во јули 2018 година му било дадена дозвола за работа. Истото и покрај неправилностите било направено и при техничкиот прием во декември 2018. Дополнително е утврдено дека е манипулирано со тахографот со што не се покажувала реалната брзина на возење. Возачот тој ден возел со 99 километри на час. За возила над 3 тони дозволена брзина е 80 километри на час. Автобусот е тежок 15 тони. Неисправноста на кочниците и големата брзина се причина за сообраќајката“, рече шефот на скопското обвинителство, Сашо Рајчев на прес-конференција минатиот месец.

 

За несреќата во притвор завршија сопственикот на „Дурмо Турс“ Дурмиш Белили, раководителот на фирмата и возачот на автобусот. Двајца осомничени добија мерка домашен притвор, за еден се одредени мерки на претпазливост и тоа одземање пасош, забрана за напуштање на живеалиштето, обврска повремено да се јавува во суд и забрана за вршење на работни активности, а седмиот осомничен доби мерки за претпазливост.

 

Додека се чека судењето за седумте обвинети, се појави уште една вест, дека „Дурмо Турс“ има добиено тендер за превоз на ученици од средно училиште во селото Неготино, општина Врапчиште само два дена по катастрофалната несреќа.