Денешна дата
10/07/2020

ИЗБОРИ

Пишува: Трифун Костовски

 

Неколку пати во во предизборието ги споделив своите размисли поврзани со актуелните претседателски избори. Но, сега, и постизборно, после првиот круг, би сакал да го резимирам мојот впечаток. Почитувани читатели, сериозно сум загрижен за иднината на нашата држава, и токму затоа чувствувам должност да укажам на аномалиите во целиот изборен концепт на кандидатите, бидејќи сметам дека Македонија заслужува достоинствен и релевантен државник на претседателската функција.

Тоа што се ракоплеска на скандинавскиот „дизајн“ на овие избори, мене не ме фасцинира, бидејќи јас не сум Скандинавец туку сум Македонец. Она што ме плаши се резултатите кои укажуваат на фактот дека, всушност, победник нема. Воочливо е дека граѓаните на Република Македонија, се во резигнација, која ги води во отпор, апстиненција и неучество во изборите. Причините, веројатно се многубројни, но би сакал да набројам неколку: лажни ветувања, играчи на политичката сцена, кои не умеат да ја одиграат својата вистинска улога. Најтажно е што граѓаните во македонскиот блок не пронајдоа кандидат кој ги задоволува нивните критериуми.

На јавноста ѝ е јасно дека Силјановска Давкова е „под закрилата“ на Мицковски, а додека Пендаровски е „под закрилата“ на Заев. И, можеби, тоа е најголемиот проблем – во Република Македонија не успеавме да се одвоиме од концептот на партија-држава. Сѐ уште двете владејачки партии имаат монопол над политичкиот систем. Владее втолпено размислување и дејствување, во кое не постои место за поединечните, индивидуални, автономни мислења, дејствувања и концепти.

Верувам дека многумина се прашуваат како може, и двајцата кандидати, да претендираат дека се независни и дека ќе ги обединат сите граѓани во Република Македонија, кога истите се дијаметрално спротивставени еден наспрема друг, не само според идеолошката матрица, туку и според нивните следбеници. Би сакал да споменам некои нешта кои не ми се допаднаа во кампањата, а кои можеби ќе ви се чинат како небитни, но според мене навидум малите нешта ја чинат големата слика. Еве такви два детали, од кои едниот се однесува на госпоѓата Силјановска Давкова, а другиот на господинот Пендаровски.

Госпоѓата Силјановска Давкова вели дека ќе бара амнестија за обвинетите за насилството кое се случи на 27 април 2017, во парламентот. За мене тоа значи дека таа, која се колне во владеењето на правото, токму таа ќе го прекрши тоа право.

Господинот Пендаровски го гледав на Бекстејџ, емисија од забавен карактер, која ја третира популарната култура. Сметам дека тој си дозволи, одговарајќи на дел од новинарските прашања, да даде повеќе од несоодветни одговори. На прашањето, за кого би гласал доколку претседателски кандидати се Љубе Бошковски, Амди Бајрам и Стојанче Ангелов, Пендаровски одговори дека би ги пречкртал сите и би го фрлил ливчето во кош. Дали Пендаровски заборави дека тие се лидери на партиите кои ја поддржуваат неговата кампања? Тој смета дека ниту еден од нив не може да ја претставува државата? Дали е тоа незграпна смисла за хумор или станува збор за нарцисоидност, самобендисаност? Второто прашање кое му беше поставено, а кое ми падна во очи, се однесуваше на мигот кога тој искрено заплакал. Пендаровски одговори дека тоа се случило за време на оваа кампања, кога децата со попреченост направиле претстава. Дали господинот Пендаровски е свесен дека лицата со попреченост живеат со нас и околу нас, и дека тие луѓе не сакаат да бидат сожалувани туку вклучени и признаени. Дали тој првпат се среќава со лица со попреченост? Сметам дека ваквиот исказ е политичка демагогија.

Сакам да добиеме претседател во вториот круг, бидејќи во спротивно Македонија ќе влезе во нова политичка криза. Меѓутоа дали кандидатите се најсоодветни за таа функција, времето ќе покаже. Би сакал да грешам бидејќи си ја сакам татковината.

Ги молам кандидатите да се вратат кон сопствените вредности, сопствените интелектуални капацитети. Би сакал да видам дека тие ќе ја зацврстат својата автономија, без да дозволуваат понатаму да бидат марионети во канџите на партиските приоритети. Да престанат да говорат со јазикот на партиските ПР служби, да го заборават интересот на партиите од кои се поддржани. Наместо тоа, мисла водилка во нивната кампања, но пред сѐ во нивните идни политички чекори, треба да им биде иднината на граѓаните на Република Македонија.

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.