Денешна дата
13/12/2019

КОИ МЕДИУМИ НАЈМНОГУ СЕ ОФАЈДИЛЕ ОД ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ?

  • Телевизијата Сител од кандидатите за претседател до сега добила над 10 милиони денари

 

  • Порталите Курир, Република и Лидер добиле најмногу пари од сите останати портали, само од Силјановска-Давкова

 

  • Пендаровски не дал информации колку чинат хонорарите на пејачите, а Река не навел каде се рекламирал и колку платил

 

 

 

Пишува: Александар Тодески

 

 

Сите изборни процеси во Република Северна Македонија се рај за буџетите на медиумите. Телевизиите пак го добиле најголемиот дел од рекламниот колач на предизборната кампања на тројцата кандидати за претседател на државата. Добар дел од рекламите овој пат добиле и порталите, како нови медиуми.

 

Според вториот извештај на кандидатите, четири медиуми добиваат најмногу средства од партиите: Канал5, Сител, Телма и Алсат.

 

На овие избори, согласно измените во Изборниот законик, за прв пат сите трошоци за рекламирање во медиумите се платени од буџетот на државата. За останатите предизборни активности, како што се трошоците за митинзи или за рекламен материјал, кандидатите требало да ги обезбедат од други донатори.

 

Стево Пендаровски, Гордана Силјановска и Блерим Река во изборната кампања можеле да потрошат максимум 10 милиони евра. Според правилата, тројцата може да потрошат максимум по 3,2 милиони евра или по 110 денари за секој од 1.8 милиони запишани избирачи. За платено политичко рекламирање на телевизиите се предвидени вкупно 9 минути на еден час програма. По четири за власта и четири за опозицијата и една минута за политички партии кои немаат пратеничка група во Собранието. Четирите минути на власта ги поделиле Пендаровски и градоначалничките кандидати на СДСМ И ДУИ. Силјановска, како кандидат поддржана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, го подели времето од 4 минути со Река, кој е  поддржан од опозициските Алијанса за Албанците и БЕСА.

 

 

ТЕЛЕВИЗИИТЕ СО НАЈГОЛЕМ ПРИХОД ОД ИЗБОРИТЕ

 

Сител, Канал 5 и Телма се телевизиите кои најмногу се офајдиле од изборите. Во вториот извештај кои кандидатите за претседател на државата ги поднесуваат до Државната изборна комисија (ДИК) може да се види дека на контото на Сител се „легнале“ 10.333.781 денари или 168 илјади евра – 5.789.817 денари или околу 95 илјади евра од Силјановска-Давкова и 4.543.964 денари или 74 илјади евра од Пендаровски.

 

На второ место е Канал 5, на чија сметка легнале 6.524.478 денари или 104 илјади евра, од кои 3.498.382 денари или 56.8 илјади евра од Пендаровски и 3.026.096 денари или 49 илјади евра од Силјановска.

 

Телма од претседателските избори до сега се збогатила за 3.626.250 денари или околу 58 илјади евра, од кои 2.369.338 денари или 38 илјади евра од кандидатот на СДСМ и 1.256.912 денари или околу 20 илјади евра од кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Телевизијата Алсат добила 3.159.516 денари или околу 50 илјади евра од Стево Пендаровски, додека пак оваа телевизија не се најде во листата на Гордана Силјановска-Давкова.

 

Телевизија 24 за рекламирање на претседателските кандидати до сега наплатила 2.767.813 денари, односно 1.441.087 од Силјановска-Давкова и 1.326.726 од Пендаровски.

 

Алфа најмногу добила од Гордана Силјановска-Давкова, односно 2.395.238 и 480.036 денари од Стево Пендаровски, или вкупно 2.875.274 денари.

 

Останатите средства, претседателските кандидати ги потрошиле на локални телевизии.

 

Кандидатот поддржан од Беса и Алијансата за Албанците, Блерим Река, кој не влезе во вториот круг на изборите во својот извештај навел дека потрошил 1.415.167 денари, но не дал детали на кој медиум колку потрошил за рекламирање.

 

Од порталите, најмногу се „збогатиле“ Курир, Лидер, Денешен и неколку останати, кои од Гордана Силјановска-Давкова добиле 952.924 денари. Следат порталите Вечер, Вести.мк и Весник.ком, кои добиле 362.906 денари и порталот Република со 352.454 денари, исто така само од Силјановска-Давкова.

 

Помалку од овие портали добиле порталите А1он, Макфакс и Плусинфо, на кои се рекламираат и двајцата кандидати кои влегоа во вториот круг, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова. Според извештаите на двајцата претседателски кандидати, на контото на Клип Медиа Груп, односно порталите А1он и Макфакс легнале 223.075 денари – 133.812 денари од Пендаровски и 109.263 денари од Силјановска-Давкова. Плусинфо пак, од двајцата кандидати добил 105.343 од Гордана Силјановска-Давкова и 36.331 денар од Стево Пендаровски, или 141.674 од двајцата кандидати. Ромскиот портал 24вакти од двајцата кандидати вкупно добил 28.570 денари, 10.750 денари од Пендаровски и 17.820 денари од Силјановска.

 

ПЕЈАЧИТЕ И ГЛУМЦИТЕ НАПЛАЌААТ ДАЛЕКУ ПОМАЛКУ ОД МЕДИУМИТЕ

 

Секој од митинзите и трибините почнуваат и завршуваат со музика. Глумци кои ги најавуваат трибините на Стево Пендаровски нема, но затоа е поголем бројот на пејачи кои излегуваат на сцента пред и по настапот на кандидатот и останатите говорници. Ѓоко Таневски, Кристина Арнаудова, Бени Шаќири, Владо Јаневски се само дел од естрадните уметници кои пејат за Стево, но нивните хонорари ги нема јавно објавени во извештајот поднесен до Државната изборна Комисија.

 

За разлика од нив, во извештајот на Гордана Силјановска-Давкова се наведени хонорарите на уметниците. Најголеми хонорари, или 123.000 денари земаат Наум Петрески, Миле Кузмановски и Андијана Јаневска, кои ги забавуваат присутните пред почетокот на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ. Актерите Зоран Љутков и Јелена Жугиќ за најава на Силјановска-Давкова наплаќаат по 61.500 денари.

 

Интересен е фактот што Јелена Жугиќ, актуелна советничка во Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, која во декември 2016 година беше избрана за пратеник, но веднаш се откажа од функцијата, до минатите избори беше еден од најголемите донатори на кампањите на партијата која сега ја плаќа за најави на митинзите.

 

На извештајот на Блерим Река, исто како и кај Стево Пендаровски не може да се видат хонорари за актери или пејачи.