Денешна дата
23/10/2019

БОРБА ЗА СЕКОЈ ГЛАС: ПЕНДАРОВСКИ СМЕТА НА РЕКА, СИЛЈАНОВСКА ГИ УБЕДУВА „БОЈКОТИРАМ“

  • Финишира трката за претседателските избори во вториот изборен круг. Кој ќе излезе како победник и на чие конто ќе бидат албанските гласачи?
  • Дали тие и воопшто ќе излезат на гласање ако во првиот круг покажаа можеби најниска мотивираност досега? Зошто изостана поддршката од ДУИ кон консензуалниот кандидат и како ќе се однесуваат тие на 5 јуни?
  • Многу дилеми околу претстојниот финален круг на изборите за нов шеф на државата.

 

Пишува: Светлана Унковска

 

ДАЛИ ИМАШЕ ТИВОК БОЈКОТ НА ДУИ?

Албанските гласачи во првиот круг излегоа во многу мал процент. Споредбено со локалните избори во 2017 нивниот број е двојно помал. 

 

Претседателски избори 2019                  Локални избори 2017

Арачиново – 2.360 (24,64%)                                 –  5.613

Боговиње – 5.160 (18,76%)                                  -11.228          

Брвеница – 4.967 (32.52%)                                  –  7.302

Врапчиште – 4.948 (19.33%)                              -10.185

Гостивар – 20.597 (25.91%)                                -34.022

Дебар – 8.189 (44.09%)                                         –  8.563

Желино – 4.172 (17.74%)                                      –  9.132

Кичево – 17.189 (34.14%)                                    -28.357

Липково – 4.716 (18.57)                                        -11.458

Сарај – 7.348 (23.32%)                                          -16.507

Струга – 19.197 (31.73)                                       -30.722

Тетово – 24.616 (29.48)                                       -39.955

Чаир – 17.714 (30.67%)                                         -30.456

 

Неколку карактеристики го одбележа првиот круг на претседателските избори – малата излезност од нешто повеќе од 40%,  неочекувано близок резултат меѓу двата фаворизирачки кандидати Гордана Силјановска и Стево Пендаровски, како и тоа што и двајцата се прогласија за победници, а во реалност се губитници. Вториот изборен круг пак ќе го одбележи трката за придобивање поголем број гласови. Пендаровски очекува поддршка од гласовите на Блерим Река, кој не оди во вториот круг, но нема да се пазари. Силјановска, пак, најпрво ги присвои гласовите на Река а потоа се сврте да ги убедува „Бојкотирам“ да излезат и да гласаат за неа.

 

КОЈ ЌЕ ГИ ДОБИЕ ГЛАСОВИТЕ НА БЛЕРИМ РЕКА?

 

Според официјалната бројка на освоени гласови од Државната изборна комисија (ДИК), Пендаровски освои 323.628, Силјановска 319.082, а Блерим Река 79.910 гласови. И токму овие гласови на Река се чини ќе го одредат идниот победник на претседателските избори и ќе го изберат новиот шеф на државата. Силјановска уште вечерта на крајот на изборниот ден во своето обраќање рече дека таа е победник откако на својот резултат ги придодаде и гласовите на Река.

Бројот на гласовите за опозицијата, значи и на оние кои гласале за господинот Блерим Река неговите поддржувачи и ако се собере со гласовите што ги споменав разликата е повеќе од 70 илјади гласови. Јас не сум човек кој посакува или потонува во триумфализам знам дека допрва следи битката, но мислам дека ако ние добивме олкав број на гласови и ако на тие ги додадеме оние на господинот Блерим Река како независен кандидат поддржан од две партии, приказната е јасна. Обајцата ние зборувавме за владеење на право, за правна држава, за крај на корупцијата и криминалот“, изјави Силјановска.

Гласовите на Река ги очекува и Пендаровски, вели нема да тргува за нив, но очекува поддршка. Им порачува на гласачите на Река дека прогресивниот концепт мора да продолжи и дека минатото не е опција.

„Од нив ја очекувам поддршката во вториот круг и ги повикувам и нив масовно да излезат на гласање. Знам дека тие во огромен број ја поддржуваат мојата визија за европска и интегрирана Македонија, наспроти се што постигнавме и блокадите кои ги најавува Силјановска. Јас се согласувам со тезата дека политичка трговија не ни е потребна. Не можете на таков начин да ги земете гласовите и да ги префрлите. Мене ми е туѓо како на човек тоа, не само како на политичар. И задоволен сум што не гледам досега такви обиди од ниту  една страна, ни од опозицијата“, нагласува Пендаровски.

Од друга страна и политичките партии Алијанса за Албанците и Беса кои застанаа зад Река им порачаа на партиите дека немаат намера да се договараат за гласовите што ги освои нивниот кандидат особено не на начинот како што тоа го направи Силјановска.

Не треба да се мешаат гласовите на таков начи. Вистината е дека албанската опозиција ги победи албанските партии во власта. Ние освоивме двојно повеќе од албанските партии во владината коалиција, двојно повеќе од ДУИ, ДПА, Алтернатива. Според наша темелна аналилза тие имаат околу 40 илјади гласови вклучувајќи ги и гласовите на Албанците што гласаат за СДСМ“, изјави Арбен Таравари генерален секретар на Алијанса за Албанците.

 

НА АЛБАНСКИТЕ ГЛАСАЧИ ПОБЛИЗОК ИМ Е ПЕНДАРОВСКИ

 

Политичките аналитичари се едногласни во толкувањето на позицијата на партиите и за тоа кому албанскиот електорат ќе му го даде својот глас. Насер Зибери вели дека на албанските гласачи нема да им биде тешко да се определат.

„Имајќи предвид дека ВМРО-ДПМНЕ и Силјановска за крупните прашања и стратешки определби на земјава имаа став што значеше неприфаќање на Преспанскиот договор и негативен став и враќање назад во однос на европските процеси, како и негативен став кон законот за јазиците и многу други прашања како сами да се исклучија од можноста да ги придобијат овие гласови. Од друга страна Пендаровски целосно ги поддржува овие политики и определби и длабоко сум убеден дека албанските гласачи нема да им биде тешко да ја направат јасната дистинкција и да се определат“, оценува Зибери.

Професорот Јове Кекеновски вели дека со оглед на дадениот збор на лидерите на партиите кои го поддржаа Река, не очекува дека ќе има пазарење и со двете страни. Сепак, остава можност доколку дојде до тоа да се договорат со власта.

За мене е нелогично Села да се одлучи да ги даде гласовите на Силјановска заради тоа што раководството на партијата која што ја поддржува и е главен нејзин промотор се од партијата чие поранешно раководство се обвинети како нарачатели за обид за негово убиство. Оттука тоа не ми дава за право да верувам дека Села без разлика колкав е политичкиот интерес би се впуштил во пазарење и давање гласови на Силјановска“, оценува Кекеновски.

 

ПЕНДАРОВСКИ СО ИСТ РЕЗУЛТАТ КАКО И ПРЕТХОДНИТЕ ИЗБОРИ

 

Она што остана нејасно во првиот круг е колку Пендаровски ја доби довербата од 30-те коалициски партии кои застанаа зад него, но особено од владиниот партнер ДУИ. Споредувајќи ги резултатите со првиот круг од претседателските избори во 2014 кога Пендаровски освои 326.164 гласови што е за околу 3 илјади повеќе отколку сега се поставува прашањето дали воопшто тој имаше поддршка од ДУИ како нивен заеднички кандидат.

Тие цело време тврдат дека стојат на тоа дека својот дел од обврската ја исполниле иако бројот на гласови не го потврдува тоа. Мислам дека две нешта се во прашање – прво ДУИ се најде во една малку неповолна положба при кандидат Албанец во првиот круг да повикува глаасачите да се определат за Пендаровски. Но мислам дека во вториот круг е клучното прашање дали ќе излезат и дали ќе се исполни цензусот од 40 проценти. Затоа партиите треба да поработат поактивно“, вели Зибери.

Од друга страна го прашавме Кекеновски што мисли за повикот на Силјановска до „Бојкотирам“ да излезат и да и ја дадат поддршката во вториот круг.

Не очекувам дека ќе ги убеди бидејќи тие цврсто стојат на ставот дека со тоа ќе направат да биде постигнат цензусот кој ќе му ја овозможи победата на Пендаровски. Второ тие и не се расположени многу за нејзина поддршка бидејќи сепак за нив Силјановска е од друга идеолошка провиниенција, особено сега кога го омекна ставот околу Преспанскиот договор“, смета Кекеновски, кој додава дека во вториот круг повеќе ќе биде прашањето околу постигнувањето цензус кој ќе биде тешко остварлив.