Денешна дата
17/08/2019

Наместо во владиниот двор, метлата на Заев „заигра“ во скопските депонии

  • Од најавената метла на премиерот Зоран Заев, единствено скопските градоначалници како да се најдоа прозвани, па вистински се фатија за метла. Владиниот партнер ДУИ вели дека во нивните редови сите добро работат, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ му даде и предлози
  • Новинарската фела порачува дека власта треба да се зачисти прво во своите редови 

 

 

Светлана Унковска

 

По најавата на премиерот Зоран Заев дека подготвува „метла“ за сите  функционери од централната и локалната власт од кои граѓаните не се задоволни, дел од скопските градоначалници буквално се фатија за метла и веднаш организираа еко-акција за чиста околина. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов во придружба со градоначалникот на Карпош Стефан Богоев уште веднаш се фати да чисти, најпрво депонијата кај  салата Борис Трајковски, а утредента со градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ со метла од Комунална хигиена чистеше на паркингот спроти Скопски саем, барем додека имаше камери. Се метеше и во Ѓорче Петров и во Аеродром.

Колку оваа „ад-хок“ еко акција ќе има ефект врз расположението на граѓаните во периодов меѓу двата изборни круга на претседателските избори, останува да се види, иако впечатокот во јавноста е дека владејачката СДСМ како да сака преку ноќ да ги оствари неисполнетите ветувања кои беа дел и од нивната предизборна програма.

 

Додека Заев најавува метла, ДУИ се фали со своите функционери

 

Заев во изјавата рече дека пораката од првиот круг претседателски избори ја примил и возвраќа дека чистка на сите функционери кои немаат капацитет да му служат на народот.

На граѓанинот мора да му се јавите, да му одговорите, да му дадете совет и да му помогнете. Ако не можете денес, ќе кажете кога ќе можете да му ја завршите работата“, изјави тој ден по првиот круг од изборите.

И додека премиерот најавува чистка, Артан Груби од ДУИ вели дека е задоволен од сите функционери од неговата партија.

Јас сум задоволен од рабоатата на министрите на ДУИ, особено од пратеничката група, а задоволен сум и од градоначалниците. Во моментов во ДУИ воопшто нема отворена дебата за разрешувања“, рече Груби.

 

Филипче, Манчевски, Адеми, Дураку, први на списокот според Милошоски

 

Претседателскиот кандидат Гордана Силјановска порача дека рибата се чисти од главата, а пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски пак, на својот фејсбук профил искоментира дека ваквата изјава е само лажно предизборно ветување.

Доколку Заев навистина ја разбрал пораката од незадоволните гласачи тој може согласно Уставот и Законот за Влада уште денес до Собранието да достави предлог за разрешување, на пример на министрите: Венко Филипче заради сомнителните тендери и кризата во здравството, Дамјан Манчевски заради немањето ни „р“ од најавените реформи во администрацијата, Асаф Адеми заради неуспешната политика во секторот култура и Садула Дураку, заради нула ангажман во животната средина“, искоментира Милошоски.

Но, како гледаат дел од новинарите кои секојдневно ја следат работата на актуелните функционери, за тоа кај кого прво треба да „заигра“ метлата.

Александра Мицовска Митевска новинар во „Независен весник“ оценува дека министрите на ДУИ, со чесни исклучоци, се покажале како најслаба алка во владиниот кабинет, а нивната неажурност се толерира во име на мирот во коалицијата, што секако влијаело врз перцепцијата на гласачите за функционирањето на Владата.

Александра Мицовска Митевска

Заедничкиот настап на изборите на владејачките партии, а со тоа и заедничкиот резултат што го постигнаа, треба да биде дополнителен мотив за ревидирање на кадровската политика во рамки на коалицијата, така што во иднина компетентноста и искуството, а не партиските заслуги, ќе бидат главни критериуми за поставувањето кадри на раководни позиции. СДСМ како главна владејачка партија, секако, дека има најголема одговорност и поради тоа треба да помине и низ внатрешна анализа на кадровските политики, почнувајќи од општините во кои е регистриран најголем пад на партијата во однос на резултатите од локалните избори со акцент на главниот град“, вели Митевска. Таа смета дека не треба да бидат „амнестирани“ од одговорност ниту оперативците во партискиот врв на кои во изминатите 2 години се чини им беше препуштена партијата.

При најавата на „чистката“ премиерот посебно посочи на локалните власти, иако е познато дека тој не може да менува градоначалници или членови на совети. Затоа, пак, новиот статут на СДСМ, практично му дава дискреционо право да избира кој ќе ги води општинските организации“, вели Митевска.

Фигуративна или вистинска, метлата на Заев би можела да биде задоцнета за претседателските избори, оценува Теофил Блажевски, новинар и уредник во „Вистиномер“, медиумски проект за проверка на факти на Фондацијата Метаморфозис. Додава дека Пендаровски може да го направат победник само гласовите од СДСМ и од неопределените кои не би сакале да го видат Груевски или неговите структури повторно на власт. Истовремено истакнува дека вистинска примена на метла, Заев би можел да размислува само во СДСМ, зашто за жал, иако во намалена мерка, останува поделбата помеѓу македонската и албанската партија во власта и секој одговара за својот двор.

Теофил Блажевски

Злоупотребите од непотистички карактер се најситните негативни индикатори за метла. Ако нешто е горливо и резултира со депресивност кај граѓаните се отсуствата на резултати во главните области што ги допираат сите во државата: правда и правна држава каде што реформите доцнат, а на виделина се пазари меѓу партиите за клучните закони наместо тие да бидат пишувани од експерти, а строго имплементирани од власта со силна политичка волја; реформите и подобрувањето на здравството, каде што на виделина се само невешти експертименти за некакво магично решение за јавно-приватно партнерство; реформи во образованието, каде што на виделина нема ама баш ништо, зашто пишувачот на одличните реформи во партиската програма на СДСМ е ставен на позиција безгласна буква во ресорното министерство. Потоа, реформи во областа животна средина, каде што, исто така, имаме безгласна буква на челната позиција во ресорот, а човекот од СДСМ што може нешто да направи е оставен без голема институционална поддршка и без доволно финансии“, ги нотира Блажевски главните сектори каде што, истакнува, мора под итно да дојде до промени и испорачани резултати и тоа со голема брзина и без компромиси во решенијата.

Менче Точи која долги години пишува за секторот здравство, вели дека прво треба да подзачистат во своите планови, договори и идеи како може да дојдат до сопствена корист, за кое што се прикажува како општонародна. Пред се, додава Точи, тоа се однесува на тендерите, фирми, вработувања, проекти од кои единствена корист имаат тие од власта и нивни блиски роднини и пријатели.

Менче Точи

Ова што го утврди Антикорупциска комисија, самото објавување сега,  мислам дека е повеќе претстава за пред народ, но секако метлата треба да заигра во сите случаи каде што има непотизам, местење огласи, злоупотреба на службена положба и слично. Метла и за сите директори и заменици кои не носат резултати, за министрите кои не спроведуваат реформи туку само промовираат и се сликаат за безначајни работи за сопствена промоција. Има непартиски, способни луѓе кои можат да ги заменат“, порачува Точи, новинар во „Нова Тв“. Додава дека најтешко и е тоа што оваа власт ја продолжи „традицијата“на груевизмот на ботови, на луѓе на кои им е работа да следат се, на поделба на посебни кланови внатрепартиски кои делуваат со примитивни методи.

Метла и чистка за организаторите на тие дејанија, на притаените кои ги користат како орудие неколкуте портали кои пласираат непристојни и лажни содржини за угледни луѓе, новинари, аналитичари, професори кои одеднаш не им се допаѓаат затоа што ја говорат вистината.  Јас и уште неколку професионални новинари кои се занимаваат со истражувачко новинарство бевме мета на ваквите портали, инструирани во исто време да пишуваат лажни и деградирачки содржини. Доколку не заигра метлата и таму и тоа добро да замете, следниот чекор ќе биде да го известиме меѓународниот фактор“, реагира Точи.

Ова не е прва најава за метла од Заев. Тој уште минатата година најави метла на функционерите од кои не се задоволни, но потоа како да се предомисли и на новинарско прашање кога ќе прави смени на министрите рече „ако ги сменам со кого ќе работам“.