Денешна дата
13/12/2019

Рано е националистите да се вратат на власт

Пишува: Денко Малески

 

Само антикомунист како американскиот претседател Ричард Никсон можеше, без поголеми домашни потреси, да ја отвори новата ера на односи со комунистичка Кина. По истата логика, мислев дека само макеодонските националисти, без поголеми домашни потреси, можат да направат компромис со Грција и да отворат нова ера во односите меѓу двете земји. Оти, либералните луѓе од двете страни на границата, Грци и Македонци, ниту имаа проблем со името, ниту со словенскиот карактер на нашата нација, па за нив конфликт и немаше. Компромисот беше потребен заради националстите. Но, очекувањата македонските националисти, оние кои зборуваат за поделена македонска држава (пред да постоела) и за географска Македонија како наша етничка територија, да го решат спрот, не се остварија. Решението, како и она од 2001 година, кога земјата беше поставена на колосекот кон мултинационална држава, дојде под притисок од Западот. И, што правиме сега? Партијата на социјалдемократите, која и самата играше со името и идентитетот кога беа во прашање гласови на избори, а не партијата на националистите, се нагрби со задачата да го реши спорот.

Преспанскиот договор, тој драматичен момент од нашата историја, ги стави партиите пред алтернативата да се обединат околу заедничката мака или националистите да ја искористат маката на социјалдемократите за да победат на претседателските избори и за да предизвикаат предвремени парламентарни избори. Како секогаш, ја одбраа втората, полесната стратегија која не бараше од нив самопреиспитување и менување на курсот. Влегоа во уште еден обид да исцедат од граѓаните онолку патриотизам колку што останал после сите избори во независна Македонија. Така, не препознавајќи го историскиот момент, партиите пропуштија да се обединат околу една нова политика која забрзано би не водела во ЕУ, па она што не чека е повеќе од веќе виденото во нашата политика: споро и мачно ќе се пробиваме и ќе не теглат напред.

Претседателскиот кандидат на македонските националисти бара да дојде на власт таа и нејзината партија за да раководат со Република Северна Македонија. Со решен спор, на готово, што би рекле. Ем не се согласуваат со новото име, ем се спремни да водат држава која што има ново име. Ова е реприза на поведението на македонските партии од 1993 кога сите ја осудија и ја отфрлија референцата од ОН, Поранешна југословенска република Македонија, ја префрлија вината врз Глигоров и кротко си ги завзедоа местата во меѓународните форуми позади таблата на која беше испишана референцата. Заедничкиот именител на тогашното и сегашното поведение на партиите и на политичарите е – поривот за власт, по било која цена, вклучувајќи ја и онаа да се седи зад „срамното име“. Ама, работите ќе ги змениме! Меѓународна комисија на експерти сигурно нема ни за милиметар да промени нешто што е предизвикано и од поместувањето на политичките тектонски плочи врз кои почиваат односите помеѓу Западот и Русија. Една просветена публика, само би мавнала со рака на такво наивно размислување, но, оние на кои вистината им е мила, би го нарекле свесно изговорена лага заради гласови. Но, лагата не е некаква особена вредност во македонското општество па лесно се простува.

Во секое зло, добро. Доброто е што, иако ништо веќе не може да се смени во поглед на Преспанскиот договор и земјата има отворен пат напред, кога националистичката опозиција ќе дојде на власт, на Договорот ќе му ја даде легитимноста и од онаа полвина од општеството која ја застапува. Така, со време, сосема постепено, идејата за Преспанскиот договор ќе завладее со свеста на населснието. Тоа ќе се случи токму благодарејќи на сегашните политичари кои за да завладеат се спремни да ги предадат истите оние патриотски чувства кои денес ќе ги лансираат во власта. Имено, критика од позиција на политичка опозиција е лесна затоа што критичарите ја немаат одговорноста на владеењето. Но, докажано е дека доаѓајќи на власт и станувајќи свесен за одговорноста и за реалностите на домашната и на меѓународната политика, политичарот знае своето екстремно поведение да го трансформира во умерено. Тоа ја чека ВМРО-ДПМНЕ и нивниот претседателски кандидат доколку им успее, со популизам, да дојдат на власт во блиска иднина. Лично мислам дека тоа би било прерано и лошо за државата, дека ќе загубиме во темпото на приближување кон ЕУ, а новата власт би можела да ги закочи преговорите со Бугарија и да ги искомплицира односите со Грција со некои свои несмотрени изјави или потези.

Затоа, да сме на сигурно, значи да ја поддржиме линијата на кандидатот на СДСМ и ДУИ и група помали партии, Стево Пендаровски. Побезбедно би било, мислам, временски, што повеќе да се одалечиме од оваа жешка точка на решавањето на спорот со Грција, пред македонските националисти, повторно да ја добијат шансата да управуваат со државата, Република Северна Македонија. Во меѓувреме, тие треба да се покажат како вистинкси борци за правда со примерот кој ќе го дадат: фер судење и заслужени казни за нивните поранешни раководители кои ја злоупотребувале својата функција. Тоа ќе ги легитимира и дома и надвор како борци за правда и за правна држава, повик кој денес го има призвукот на амнестија за кршењето на правото од нивни луѓе. Затоа, во власта тие ќе влезат со коруптивниот багаж кој ќе го влечкаат зад себе.

На почетокот од девдесеттите, се спасивме од екстремизмот затоа што, за разлика од другите републики, политичкото клатно не одлета силовито кон националистичкиот екстрем кој предизвика војна во другите републики, туку запра до групата либерални комунисти на чело со Киро Глигоров, кој преку составот на експертската влада се обиде да ги помири скараните политички фракции од минатото. Во меѓувреме, неговата умерена политика покажа дека не се точни тезите на националистите дека нема независност без крвопролевање, зашто Македонија стана независна преку политиката на мирољубивото самоопределување. Осум години по прокламираната независност, националистите дојдоа на власт во Македонија. Но, тогаш веќе ниту државата, ниту тие не беа исти: бевме признаена држава членка на ОН, па крвопролевањето за кое зборуваа на почетокот стана непотребно, а и тие доживеева физичка трансформација со одела, избричани бради и закопчани кошули и кравати.

Денешни националисти нема да останат осум години надвор од власта. Се плашам дека ќе дојдат многу порано. Велам се плашам затоа што нивната секојдневна жестока реторика, покажува дека им треба време да ги разберат новите домашни и меѓународни околности и да почнат да се однесуваат многу поумерено. Ако народот ја разбира ситуација која ја опишав и не им ја даде власта на партијата на националистите и на нивниот претседателски кандидат, сите ќе бидеме на посигурната страна.

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.