Денешна дата
14/10/2019

ДЕН ПРЕД ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ: ПОЛИТИЧКА ИГРА НА СЕ ИЛИ НИШТО 

  • Ден по изборите некој ќе слави, а некој ќе мора да ја понесе одговорноста.
  • Кој колку ќе добие а кој колку ќе изгуби по оваа финална трка до вила Водно?
  • Заев веќе најави дека доколку изгуби Пендаровски, ќе оди на предвремени избори, но Мицкоски вешто избегнува да каже дали во случај на пораз ќе поднесе оставка од лидерската позиција на партијата.

 

Пишува: Светлана Унковска

 

Кои се сценаријата по одржувањето на вториот круг на претседателските избори? Што ќе се случи доколку Пендаровски и со него Заев ги изгубат изборите, а што доколку тоа се случи на двоецот Силјановска и Мицкоски? Кој ќе плати поголема политичка цена?

Премиерот Заев на тв-дуелот со Мицкоски веќе изјави дека ако Пендаровски ги изгуби изборите ќе бидат распишани предвремени парламентарни избори. Но, Мицкоски на дуелот одбегна да одговори на прашањето на Заев, дали тој ќе си поднесе оставка од лидерската позиција на ВМРО-ДПМНЕ и разговорот го сврте „на своја вода“ тврдејќи упорно дека нема што да се разговара кога Силјановска ќе биде победник на изборите. Сепак, партиски извори велат дека барањето на дел од партиското членство на опозициската партија останува, – доколку Мицкоски со Силјановска ги загуби изборите да го напушти кормилото на партијата.

Политичка одговорност за поразените

Мислам дека премиерот и лидер на СДСМ е свесен дека евентуалното губење на претседателските избори значи дека ќе се соочи на предвремени парламентарни избори со опозициската ВМРО-ДПМНЕ. – Сефер Тахири, универзитетски професор

Политичките аналитичари велат дека и двајцата лидери на политичките партии Заев и Мицкоски се свесни дека доколку ги изгубат изборите ќе треба да си понесат одговорност. Според професорот Сефер Тахири одговорноста на челници се чини најпрво ќе биде побарана од дел од членството на партиите.

Мислам дека премиерот и лидер на СДСМ е свесен дека евентуалното губење на претседателските избори значи дека ќе се соочи на предвремени парламентарни избори со опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Мислам дека одвнатре од партијата ќе има барање за политичка одговорност, но сето тоа го велам доколку Пендаровски загуби. Но ако се случи спротивното и Пендаровски стане претседател на државата владејачката структура добива на време до следните редовни парламентарни избори да се консолидира и да ги поправи грешките кои се направени досега како што имаше случаи на непотизам, начинот на кој се делеле тендери на функционери на власта и некои други пропусти кои се евидентни“, оценува Тахири. Во другиот табор тој вели дека доколку не се освои позицијата шеф на државата, исто така ќе има барање одговорност, но во тој случај не очекува дека лидерот на опозицијата ќе ја прифати одговорноста.

Истото го мислам дека ќе следува и за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, значи ќе се бара оддговорност, но мислам дека ако Силјановска ги изгуби изборите Мицкоски нема на никој начин да биде загрозен во својата претседателската позиција. Ова го мислам бидејќи и да изгуби резултатот во вториот круг мислам дека ќе биде идентичен како во првиот круг, значи сосема близок со тој на Пендаровски, што значи дека сепак постигнал резултат и се обидел да го зачува единството на партијата иако знаеме дека во ВМРО-ДПМНЕ постојат најмалку 4-5 групации кои дејствуваат со свои агенди. Мислам дека одреден дел, особено поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ што беа во владата на Никола Груевски ќе бараат отворено оставка од него и тука мислам на групата на Коневски, Милошоски, но и Тодоров, иако мислам дека нема да им успее барањето“, оценува Тахири.

Политички гамбит на Заев

Сега е Заев пред нов политички гамбит доколку претседателските избори, од кои било причини не завршат со регуларна победа на Пендаровски, се чини дека тој, Заев, е подготвен да си даде оставка од премиерската функција. – Сашо Ордановски, аналитичар

Но политичкиот аналитичар Сашо Ордановски во својата последна колумна оди уште подалеку и смета дека доколку се случи пораз на Пендаровски можно е Заев да се повлече од политиката.

По нерешениот резултат во претседателското полуфинале, Заев делува и уморно и разочарано, бидејќи знае дека целиот ризичен проект за почетокот на модернизацијата на Македонија може целосно да пропаде доколку влеземе во уште една политичка криза со сосема непредвидливи последици. Сега е Заев пред нов политички гамбит доколку претседателските избори, од кои било причини не завршат со регуларна победа на Пендаровски, се чини дека тој, Заев, е подготвен да си даде оставка од премиерската функција и сосема да се повлече од политиката, во очи на новите, предвремени парламентарни избори кои што најверојатно би се организирале заедно со повторените претседателски“, пишува Ордановски.

Цензусот и натаму виси како закана

Но во игра е и третата опција, пропаѓање на изборите поради немање цензус што би довело до нова политичка криза, односно организирање нови претседателски избори но заедно со предвремени парламентарни. Професорот Тахири, е убеден дека цензус ќе биде постигнат.

Мислам дека ќе се постигне цензусот и ќе имаме претседател на државата бидејќи како што гледаме и по последните реакции на опозициските партии на Албанците нема да има бојкот од страна на Албанците. Хипотетички зборувано, во случај да не се постигне цензусот тогаш другата варијанта би била да се оди на предвремени парламентарни избори бидејќи власта нема да го има политичкиот  легитимитет за да продолжи. Но, сепак, јас стојам на мислењето дека Гордана Силјановска ќе ја доживее судбината на Тито Петковки во 1999 година за претседателските избори. Иако не сум многу сигурен дека Пендаровски ќе ги добие гласовите како што ги доби тогаш Борис Трајковски, но ќе добие значителен број за да се добие и цензусот и предност пред Силјановска“, уверува Тахири.