Денешна дата
17/08/2019

Претседателски привилегии: Пендаровски сака да се минимализираат, Силјановска да се искоренат

  • Кабинетот на Ивнаов се распрашувал за претседателските привилегии откако ќе му заврши мандатот, ама не кажуваат дали тој ќе бара државна пензија
  • СОЗР известила дека Иванов по завршувањето на мандатот ќе има на располагање 8% од буџетот со кој раководи како актуелен претседател
  • Претседателските кандидати велат дека ако победат ќе бараат измени во Законот за претседател

 

Пишува: Александар Тодески

 

Претседателската фотелја иако не е најзначајно место во државата, политичарите го сметаат за атрактивно, но не поради надлежностите кои ги има претседателот, бидејќи тие се малку. Политичарите ги мамат привилегиите кои претседателот ги има по завршување на функцијата, бидејќи тоа е единствената позиција од која следува доживотна пензија, канцеларија, кабинет, обезбедување и возач, наспроти останатите функционери за кои е предвидена апанажа од една година доколку немаат работни места на кои треба да се вратат.

И Ѓорге Иванов како и сите останати претседатели пред него ја има отворена можноста да земе доживотна пензија, но и останатите удобности кои следат по претседателскиот мандат, но тој се уште не кажал дали ќе го користи тоа право како што тоа го направија Киро Глигоров и Бранко Црвенковски, или пак ќе се врати кај студентите, бидејќи во претседателската фотелја дојде како професор на Правниот факултет.

Кабинетот на Иванов прашувал во СОЗР што му следува на претседателот

Ѓорге Иванов е единствениот државен функционер кој не го почитува новото уставно име, па затоа и не ги потпишува законите кои ги изгласале пратениците, бидејќи на нив пишувало Република Северна Македонија. Но овој негов „цврст“ став не стои и кога се работи за државната пензија, бидејќи од неговиот кабинет испратиле низа прашања до Службата за општи и заеднички работи со кои се интересираат колкав буџет му следува на Иванов за удобностите како поранешен претседател на државата.

Инбокс7 испрати прашања до кабинетот на Иванов, меѓу кои и прашањето дали тој ќе го користи правото да земе државна пензија, бидејќи тоа му е законско право, или пак ќе се врати како професор на Правниот факултет, но до објавување на текстот не добивме никаков одговор.

Службата за општи и заеднички работи пак, истакна дека до Иванов испратиле одговор дека му следува 8% од претседателскиот буџет за доживотната пензија, но и за канцеларија, кабинет, возач и обезбедување, но од таму не добиле друго прашање за пензијата..

Пендаровски и Силјановска против претседателските привилегии

Во недела, на 5 мај, граѓаните бираат наследник на Ѓорге Иванов. Изборот се стесни, па доколку има цензус, Стево Пендаровски или Гордана Силјановска-Давкова во наредните пет години ќе ја носат титулата претседател на Северна Македонија. И двајцата пред граѓаните истакнаа дека не сакаат привилегии откако ќе им заврши мандатот, како и дека ќе се залагаат за тоа истите да бидат укинати.

Пендаровски рече дека максимум ќе ги редуцира привилегиите на претседателот кои не соодветствуваат со скромните ресурси на државата, додека пак неговата против кандидатка Силјановска истакна дека ќе побара од пратениците да ги сменат решенијата од законот за привилегиите на претседателот на државата.

Дека претседателот не треба да има привилегии беше ставот и на лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов во 2016 година.

Тој тогаш велеше дека претседателот треба да има само доживотна пензија и канцеларија без персоналот што сега му следува, а канцеларијата да му биде во Собранието. Според него поранешниот претседател не треба да има посебен кабинет по негов избор, а во врска со обезбедувањето, да има само во исклучителни ситуации, ако се појави ризик.

„Вакви привилегии нема ниту поранешниот претседател на САД, каде е претседателски систем. Замислете Ѓорге Иванов, кој нема кредибилитет и меѓународен углед, доживотно да ги користи сите овие привилегии што му ги дава сегашниот закон. Тука ќе го споменам и поранешниот претседател Бранко Црвенковски кој сега ги ужива овие привилегии, а никаде го нема, ништо не работи“, рече тогаш Трајанов.

Законот за претседател, кој е оставен онаков каков што е, иако неколку пати имаше најави за промена, на поранешните претседатели им предвиува:

– Пензија чијј износ е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот

– Канцелариски простор и најмногу до три стручни лица

– Лично обезбедување, како и право на користење на службено возило и возач согласно со прописите што ги донесува министерот за внатрешни работи.

– Право на поранешниот претседател да учествувана државни свечености и манифестации редоследно по претседателот на државата, претседателот на Собранието, премиерот и претседателот на Уставниот суд

– Материјални трошоци за потребите при остварувањето на неговите активности

Извори од владејачкото мнозинство пак, за Инбокс7 велат дека ќе се наоѓа подобро законско решение кое ќе ги скрати привилегиите, но нема целосно да ги искорени. Претходно и ВМРО-ДПМНЕ најавуваше промени во овој закон, но истото не се случи.