Денешна дата
20/01/2021

HABEMUS PAPAM (ПРЕТСЕДАТЕЛ)

Пишува: Александар Кржаловски

 

Во духот на денешната посета на Папата Франциск на Македонија, можеме да ја позајмиме фразата која се користи при инаугурацијата на секој нов поглавар на Католичката црква – Habemus papam или Имаме Папа – за прв пат во нашата земја.

Истата фраза би ја употребил и за завчерашниот избор на нов претседател на државата (секоја сличност со еден претходен наш претседател, чиј најпознат прекар беше токму Папа, е случајна).

 

Да, имаме нов претседател – галичанецот Стево Пендаровски. Конечните резултати се веќе познати и јавно достапни на страницата на ДИК, а се сведуваат на околу 60,000 гласови разлика, во услови на излезност од 46,7% или нешто под 850,000 гласачи. Мал осврт на изборниот процес:

– се потврди дека компетитивноста на резултатот од првиот круг (малата разлика од околу 5,000 гласови) придонесе за поголема мобилизација на партиите и самите гласачи за вториот круг;

– иако зголемена во однос на првиот круг (точно 5 процентни поени-пп) излезноста е сепак мала (без оглед на фактот што избирачкиот список не одговара на реалноста, односно на бројот на жители присутни во земјата), со што се потврдува и „пораката“ на гласачите до партиите за незадоволство од практикувањето на политиката;

– изборниот ден мина во мирна атмосфера и без речиси никакви инциденти, па и покрај неколкуте изјави на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за нерегуларности, сепак општ е впечатокот дека овие избори беа фер и демократски и после подолго време не се оспорувани (барем не сериозно и со конкретни приговори) од никого;

– конечната разлика од 6,93 пп од излезените гласачи, односно 3,24 пп од вкупниот број избирачи, е многу блиска до единствената анкетна прогноза  за вториот круг (на агенцијата М-проспект за МТВ, која изнесуваше 2,4 пп предност за Пендаровски, односно разликата до остварениот резултат е помала од 1 пп). Со оглед на прецизноста и на објавените анкети за првиот круг од три агенции (М-проспект, Рејтинг и ИПИС), може да констатираме и враќање или потврда на кредибилноста на овие агенции;

– остварената разлика во корист на Пендаровски ја донесоа главно гласачите етнички Албанци. Околу 80,000 гласови разлика има во средините кои се со мнозинство на таа популација (околу 113 илјади гласови за Пендаровски, наспроти околу 33 илјади за Силјановска), а во пет од тие општини, Пендаровски има добиено над 90% од гласовите. Пендаровски во овие 15 општини освои 57 илјади гласови повеќе отколку во првиот круг, а Силјановска само околу 5 илјади повеќе.

 

Прашање е која партија од албанскиот блок е најзаслужна за таа разлика?

Два дена се водат полемики за тоа на социјалните мрежи, но со оглед на тоа што само ДУИ имаше активна кампања за вториот круг, најголем дел од заслугите за изборот на Пендаровски се чини е нивна. Во прилог на ова тврдење одат разликите остварени во тие општини, во однос на гласовите кои ги оствари третиот кандидат, Блерим Река, во првиот круг. На пример, во Липково, Река освои околу 3,000 гласови, а сега Пендаровски доби околу 5,000 гласови повеќе (значи најмалку 2,000 „нови“ гласови). Во Сарај, такви гласови има околу 1,000.

Од друга страна, коментаторите на кои ДУИ не им е „симпатична“, посочуваат дека во повеќето од овие општини, бројот на гласови за Пендаровски во вториот круг е всушност сличен со збирот на неговите гласови од првиот круг и тие на Река, односно дека најголем дел од тие новодобиени гласови за Пендаровски во неделата се токму од 80-те илјади гласачи на Река (односно од симпатизерите на Алијансата за Албанците и на Беса). Но, во тие (15) општини, Река доби околу 60 илјади гласови (од своите вкупно 80 илјади), па околу 52,500 беа „нови“ гласачи за Стево.

Сепак, како што рече премиерот Заев, партиите не ги чуваат во џеб овие гласови, па ни за овие 50-тина илјади не може со целосна сигурност да се тврди дека се исклучиво симпатизери на ДУИ, како што ни за останатите 60-тина илјади од разликата што ја направи Пендаровски во вториот круг во овие средини, се симпатизери на Алијансата или Беса (или ДПА или други партии на етничките Албанци).

Поблиску до вистината може да се дојде само со проверка на гласачките листи и споредба во која мерка исти лица гласале во двата круга, а колку се навистина „нови“ гласачи. Партиите кои имаа свои набљудувачи во избирачките места, можеби и можат да ги посочат овие бројки, но се сомневам дека ќе излезат со такви податоци, а ќе продолжат со своите тврдења дека токму „нивните“ симпатизери ја донеле победата на Пендаровски. А и во тој случај, пак не може да се тврди „чии“ се тие гласачи, и уште помалку како ви гласале тие на евентуални парламентарни (или локални) избори, како што покажаа случаите на Охрид и Ново село, каде што исти гласачи им донесоа победа на кандидатите за градоначалници на СДСМ, но истовремено дадоа предност на Силјановска наспроти Пендаровски во претседателската трка!

 

Како и да е, хабемус претседател, во мирни и фер избори, во избори карактеризирани со мала излезност на гласачите и „казна“ до партиите, во која победникот Пендаровски го освои мнозинството од вкупно излезените гласачи, но Силјановска освои мнозинство кај мнозинската заедница, односно кај етничките Македонци.

Со ова, на некој начин се потврди поддршката за Преспанскиот договор и уставните измени кои се донесоа со дво-третинско мнозинство во Собранието во јануари, но и се покажа дека за мнозинството етнички Македонци договорот едноставно не е доволно добар и Владата треба многу внимателно да продолжи со неговото понатамошно спроведување, особено во однос на работата на комисиите кои се формирани за разни прашања (од историски до економски – трговските марки) и со брзината на примената на некои од одредбите (да се почека со почетокот на преговорите за ЕУ и отворањето и затворањето на одредени поглавја од тој процес).

 

На крајот, некој збор и за денешната посета на Папата Франциск. Секако, како и многу други работи, оваа посета ќе се окарактеризира како „историска“. Може и така да се каже, со оглед дека е прва посета на некој Папа на Македонија како независна држава (а можеби и воопшто?). Во секој случај е значајна и од политички и од црковен аспект. Ова е прв Папа кој прифати да ја посети Македонија, иако и двајцата негови претходници (Јован Павле II и Бенедикт XVI) беа поканети и доаѓа во време по заокружувањето на договорот со Грција. Во таа смисла се гледа и како дополнителна битна меѓународна поддршка за понатамошните наши евроинтеграции. Од црковен аспект, на посетата се гледа и како на поддршка за малата (околу 15,000 лица) Католичка заедница во државата, за нејзино поголемо вклучување и влијание на случувањата во државата. Од поширок аспект, како Папа посветен на екуменизмот, односно поблиска соработка на верските заедници низ светот, особено на христијанските, оваа посета ќе е веројатно и дел од мозаикот кон евентуално надминување на 1,000-годишната поделба во христијанството, од големата шизма во 1,054 година и различните патишта што тогаш ги „фатија“ источната и западната црква, односно Православието и Католицизмот. Секако, тој процес ќе трае уште долго и можеби никогаш нема да заврши со повторно „соединување“, но како што велат некои западни коментатори – и со оваа посета, Папата Франциск ќе донесе „големи работи, во мали пакувања“.

Фокусот на посетата ќе е и на сиромашните, како и на мигрантите/бегалците, а посебно место во неговиот престој ќе има споменот на скопјанката Мајка Тереза, која меѓу другото е и еден од најголемите симболи на заедништвото на овие простори, со своите влашки и албански етнички корени, а практикување на христијанската верска традиција.

Па, да му посакаме добредојде и го пречекаме за прв пат во Македонија, по што и ние ќе може да кажеме „Хабемус (имаме) Папа“!

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.