Денешна дата
26/05/2019

Земјава останува без специјалисти – за 8 години заминале над 1000 лекари

Осум од девет општи болници во земјава функционираат со недостиг од лекари специјалисти. Од вкупниот број на специјалисти со кои располагаат дванаесет општи болници – 550, дури 344 од нив, односно повеќе од 62 отсто се над 55 годишна возвраст.

 

Пишува: Љубица Иванова

 

За последниве осум години земјава ја напуштиле 1.200 лекари. Од јануари до март на работа во странство заминале уште 83-ца македонски лекари. Само во првите три месеци од годинава, Лекарската комора на Македонија издала дури 20% повеќе потврди за стручност со која лекарите можат да заминат на работа во странство од истиот период лани. Проблемот е уште пофрапантен ако се знае дека најголемиот број иселени лекари се специјалисти по разни области од медицината. Покрај другото, токму и поради иселувањата на лекарите од македонските болници и поликлиники тие се полупразни. На пример, од потребните 400 гениколози, во моментов во државава активно работат само 144.

Во последниве неколку години македонските медицинари, лекарите и другиот стручен персонал масовно заминува на работа во западните земји. Проблемот не е само се нашава земја. Иселувањето е карактеристично за сите земји од регионов а најпосакуваните дестинации каде што има работа за лекарите и сестрите се Германија, Австрија, Белгија, Словенија и нордиските земји. Проблемите со иселувањето на стручниот медицински персонал од нашите болници и поликлиники најдиректно ја погодува заштитата на здравјето на граѓаните.

Во Лекарската комора на Македонија која е надлежна да издава потврди за стручноста со кои лекарите можат да работа во странство се немоќни.

Проблемот од година во година само се констатира, но владеачките гарнитури не успеваат да се справат со него и тоа со години наназад. Денес речиси и нема болница која не се соочува со недостаток на медицински кадар. Се работи со помалку офталмолози, уролози, ендокринолози, педијатри, гениколози, a најкритична е состојбата со недостиг од анестезиолози. Од надлежните засега само ветувања, но посериозен чекор не се презема.

За оваа тема на Инбокс 7 консултиравме неколку релевантни извори.

Недостатокот на специјалисти се должи на несоодветен одговор и несоодветна стимулација на квалитетот. Сето тоа оди заедно, заедно со рушење на нивото на едукацијата, заедно со се полош продукт кој се дава. Откажувањето од моќта и знаењето на искусните професионалци, несоодветна препотентност, препотентноста треба да постои кај професионалци но, интелектуалниот капацитет треба да овозможи да биде објективен, доколку препотентноста не кореспондира тогаш бегате од својата обврска “, вели Алексеј Дума, специјалист по судска медицина, поранешен долгогодишен директор на Институт за судска медицина и криминалистика и поранешен претседател на Лекарска комора на Македонија:
Со надеж да придонесат до подобрување на условите во кои работи здравствениот кадар, граѓански здруженија, асоцијации на лекари и специјализанти, невладини организации и поединци- експерти постојано потсетуваат на ситуацијата во која се наоѓаат лекарите и здравството, појава која негативно се одразува врз пациентите.

Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари -АСМЛ, на својата официјална фејсбук страна потсети на некои од загрижувачките факти, што се предмет на незадоволство помеѓу здравствениот кадар. Тие нагласуваат дека Македонија ќе ја заврши 2019 година со околу 4700 активни лекари севкупно, што е за 022% помалку лекари од просекот во ЕУ, иако поголем проблем е катастрофалната дисперзија по региони.
„Околу 200 студенти годишно завршуваат медицински факултет, а ист е бројот на оние кои си заминуваат од земјава. Во периодот 2006-2015, бројот на лекари кои заминуваат годишно се зголемил за речиси 20 пати!“ предупредуваат од Асоцијацијата.

Тие алармираат дека во моментов, во државата се активни само 144 матични гинеколози, иако според бројот на население треба да има минимум 400, како и тоа дека просечна возраст на матичните лекари е 57 години.

 

Најкритично во Гостивар, Куманово, Прилеп и Охрид

Користејќи го правото на слободен пристап на информации од јавен карактер, Инбокс7 испрати барања до сите 14 општи болници на територијата на Македонија, а добивме одговор од 12 општи болници.

Графичкиот приказ на состојбата со иселувањето на медицинскиот кадар од државава покажува дека состојбата е алармантна. Така во ЈЗУ Општа болница “Ферид Мурат“ од Гостивар недостасуваат дури неверојатни 116 лекари специјалисти. Болницата на располагање има само 77 специјалисти, иако по систематизација вкупниот број треба да изнесува 193.

 

Бројот на лекари кои се испраќаат на специјализација не соодветствува со број на специјалисти кои недостасуваат во болниците, за да се исполни утврдениот број по систематизација. Од вкупниот број на специјалисти со кои располагаат деветте општи болници – 550, дури 344 од нив, односно 62,55% се над 55 годишна возвраст.

Неодамна, директорот на Општата болница во Струмица, во интервју за локална телевизија изјави дека од болницата за два месеци тројца специјалисти заминале во приватно здравство. Вели дека надостатокот на лекари специјалисти го надополнуваат со лекари-специјалисти од Градската болница „8-ми Септември“ и Клиничкиот центар во Скопје. За дефицитот го обвинува поранешното раководство на струмичката болница.

Со проектот „Наш специјалист“ воведен 2015та година, пракса е упатување на специјалисти од здравствени установи каде што има доволен број на доктори, и каде што времето за чекање не е големо, во болници со поголем дефицит на специјалисти.
Меѓутоа, искуството на граѓаните – пациенти покажува дека и покрај ваквите обиди недостатокот се чувствува. Специјалисти од други градови доаѓаат на одреден период (пример еднаш во месецот), па така пациентите мораат да чекаат долг период за да бидат прегледани или во спротивно се принудени прегледот да го извршат во приватна здравствена установа.

Граѓаните реагираат дека ненавремени и лоши услуги понекогаш се и пресудни по нивниот живот, особено кога треба да се интервенира во итни ситуации.

Проблемот со недостаток на специјалисти не се однесува само на пациентите, туку и на самите специјалисти кои во текот на еден работен ден се случува да треба да прегледат и до 50 пациенти. Тоа не им дозволува временски да посветат доволно внимание и грижа за секој поединец, што повторно резултира со незадоволство.

 

Ригорозни „лихварски“ договори

Од Извршниот одбор на Асоцијацијата на специјалисти и млади лекари  – АСМЛ  посочуваат дека „статусот на младиот лекар во Македонија е далеку од задоволителен, и има многу што да се смени“ и притоа додаваат: „Повеќе од 90 лекари ја напуштија земјата од почетокот на годината, за 20% повеќе од истиот период лани. Дваеесетичетири часовните дежурства и понатаму се неплатени. Државната просечна плата за млад општ лекар е 26.000 денари, додека колегите на специјализација се со плата од 24.000 денари. Продолжија скандалозни конкурси за вработување под старите одредби,со дискреционо право на комисијатa да одлучи за вработување без оглед на ранг листа по квалификации. Партиските вработувања се секојдневие и натаму“.

Комплексно е прашањето на што се должи недостатокот на специјалисти. Прво се должи на лоши услови за работа, второ,  на глобален тренд на иселување и миграција на доктори, особено во Европа од Балкан кон Германија или кон Скандинавските земји. Трета работа е недоволна продукција на специјалисти. Се на се, нема ни една долгорочна стратегија за производство на кадар, тоа пак се должи на други работи“, смета Ненад Лазаров од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.

Тој додава дека не треба да се заборави финансискиот аспект. „Специјализантите беа оставени без плата, пензиско осигурување и право на трудничко. Проблем се и ригорозните ‘лихварски’ договори со обврска на тие што се вработени во болниците- ако специјализира 5 години го обврзуваат 15 години да остане во болницата после тоа или да враќа 200 илјади евра. Перспективата е исто битна работа, дали има можности за развој на кариера. Она што се нуди на запад, нема споредба со она што тука се добива, треба само да научиш јазик„, вели тој.

 

Висина на надоместокот за спроведување на теоретската настава и практичната обука и за полагање на испит за специјализации односно супспецијализации од областа на медицината специјалистичкиот испит односно супспецијалистички испит за странски државјани
Хируршки гранки на специјализации Нехируршки гранки на специјализации Хируршки гранки на супспецијализации Нехируршки гранки на супсупспецијализации Хируршки и нехируршки гранки на специјализации Хируршки и нехируршки гранки на супспецијализации
Во траење од 4 година –9.600евра Во траење од 3 години – 3.300евра Во траење од две години –
3.400евра
Во траење од две години –

 2.600евра

Во траење од 4,5 и 6 години –
16.000евра
Во траење од две години – 16.000евра
Во траење од 5 години –11.600евра Во траење од 4 години – 8.000евра      
Во траење од 6 години –13.600евра Во траење од 5 години – 9.600евра      
  Во траење од 6 години –11.200евра      

 

Според него, нон сенс е што постои плаќање на специјализација за домашни граѓани. „Тоа во свет го нема, токму затоа што сите земји се борат со недостаток на лекари, таа пракса неколку декади наназад не постои. Во моментот сме единствен пример во светот каде домашни лекари плаќаат за специјализација во сопствената држава. Обично на запад те молат за да специјализираш, не плаќаш ништо, немаш никаква обврска и на тој начин има задоволителни резултати по однос на кандидати. Ние како асоцијација во неколку наврати баравме укинување на надоместокот за специјализанти“, вели Лазаров.

Во училиштата за странски јазици се поинтензивно се вметнуваат и специјализирани курсеви за медицинари, најчесто на германски јазик. Заинтересираноста на студентите по медицина да изучуваат германски јазик е показател за нивните аспирации за напуштање на државата.

А, еве што на оваа тема велат студентите на медицина при Државниот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“:

„Би продолжила на специјализација во странство како во Австрија или Словенија, а не овде поради владеење на непотизам во секој сектор и поради неможноста за стручна соработка со неквалификуван кадар кој е партиски вработен, без соодветни знаења и способности“, вели една студентка. Нејзин колега-студент размислува во оваа насока:

„Би сакал да продолжам на специјализација бидејќи имам љубов кон пластичната хирургија но не во Македонија. Не сум од Скопје за да можам уште пет, шест години да си го дозволувам тој трошок“.

 

Промени во образованието

Нужни се и промени во образованието на лекарите. Во таа насока Алексеј Дума појаснува:

Овој нов систем ќе донесе кинески доктори. Не може да дадете шестка поради присуство, не може да му кажете на студент ти ќе полагаш тогаш и тогаш, треба да полага кога тој е подготвен.  Промените треба да почнат од образованието, на универзитетите има одлични професионалци.  Треба да им се овозможи на студентите да ги совладаат вештините. Некој се обиде да направи инкубаторски интелектуалци во државата и воопшто во образованието, гледате каква ерозија има на титулата професор, доктор на науки.

Д-р Алексеј Дума, објаснува какви чекори се превземале пред дваесетина години кога недостатокот на лекари се јавил како проблем:

 „Комората направи програма за потребен докторски кадар воопшто, со помош на специјализирани институции кои што се бават со таа работа. Програмата беше за потребен број на студенти на медицински факултет со динамика, број на потребни специјалисти во одредени области и динамика на пополнување на работните места, земајќи ги предвид одливите, пензионирање и слично. Втората акција се однесуваше на задоволување на потребите на докторите, во однос на соодветни финансии. Трет чекор беше да се привлечат добрите доктори во државното здравство, бидејќи државното здравство е пред Уставот гаранција за здравствена безбедност. Сепак на приватното здравство не може да се ослоните долгорочно. Целта беше да се отвори простор за додатно финансиско стимулирање, па потоа да се разговара за јавно-приватно здравство. “
Во тоа време, дополнува Дума, овие чекори резултирале позитивно но, но само краткорочно на одреден временски период .

 

Министерството за здравство најавува подобри денови

Од министерството упорни се во ставот дека  работите ќе се менуваат на подобро.

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, по повод седми април – Светскиот ден на здравјето на Факултетот за медицински науки при Универзитетот во Тетово изјави:
До 2020 година, платите на докторите специјалисти во терциерното здравство скалесто ќе се зголемуваат и ќе изнесуваат 100 илјади денари, односно 1.600 евра“.
Притоа, тој истакна дека минатата година се распишале рекорден број државни специјализации, 240 специјализации и 115 супспецијализации во различни области, а годинава во септември ќе следи и нов конкурс за специјализации, особено во дефицитарни области.

Ненад Лазаров за „ Инбокс 7“ зборува за промените кои треба да настапат:
Прво и основно политичарите треба да се држат до елементарното предизборното ветување кое го дадоа, а тоа е драстично треба да се зголемат платите, бидејќи во моментов во Европа и пошироко имаме најниски плати. Пример во Косово имаат двапати повисоки плати од нас. Плаќања на приватни специјализации мора да се укине, како самото плаќање така и таа обврска што после тоа ја наметнуваат. Не е нормално колега вработен во болница за да оди на тродневна едукација, курс од болницата добива 500 евра парична помош, а за сметка на тоа ќе го обврзат додатни три години да остане во болницата“.
Тој потсетува  дека до 2020 година ќе има огромен бран на пензионирање и тоа на речиси 30% од моментално активните специјалисти кои во една година ќе се пензионираат. Затоа, вели тој, можеби треба да се размислува и за кратење на времето на специјализирање, бидеќи пред десетина години кога се почувствува недостигот на лекари се зголеми времетраењето на специјализации од четири на пет години, со цел подолго време да се задржат специјализантите на клиниките затоа што требаше работна сила.  Во Европа не постојат пет години специјализација, вели Лазаров и додава:
„За мене во моментов ова е изгубена борба, сега треба да размислуваме за санирање на последици, од аспект што може ургентно да се направи за да колку толку амортизираме. Уште во 2009 година, кога сето ова започна, ја започнавме оваа борба и го предвидовме ова што сега се случува преку статистики, што значи догодина може да дојде и до колапс на здравството во Македонија. Единствено што може да се направи е тотална системска промена, од корен да се смени целиот здравствен систем.“