Денешна дата
26/05/2019

ПЕНДАРОВСКИ ГИ ДОБИ ГЛАСОВИТЕ НА АЛБАНЦИТЕ, НО ДАЛИ НА ДУИ ИЛИ ОНИЕ НА РЕКА?

  • Разликата на гласовите на сега веќе избраниот нов претседател на државата Стево Пендаровски е добиена главно од општините со претежно албанско население.
  • Дали „проработе“ партијата на Али Ахмети во обезбедување поддршка на заедничкиот кандидат или гласовите кои во првиот круг ги доби Блерим Река едноставно преминаа на контото на Пендаровски.
  • Артан Груби од ДУИ уште вечерта побрза да ја припише победата на нивното конто.

 

Пишува: Светлана Унковска

 

Со победата на заедничкиот кандидат на СДСМ и ДУИ, Стево Пендаровски со водство од 58.499 гласови пред неговиот противкандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска, државава и официјално ќе го добие новиот, петти по ред претседател на шестите претседателски избори.  Одлучувачки во вториот круг и на овие избори за нов шеф на државата беа гласовите на Албанците кои практично го одлепија Пендаровски од претходно тесниот резултат со Силјановска и му донесоа убедлива победа. Факт е и тоа дека и покрај стравувањето за постигнување цензус во вториот круг на гласање излегоа за 5 проценти повеќе гласачи или 753.520 во првиот круг, а во вториот 844.360, што е за 90.845 гласачи повеќе.

Во поголемиот број на општини имаше поголема излезност за разлика од првиот круг, со исклучок на Тетово, Гостивар, Струга, Дебар, Студеничане и Босилово

Општините со мнозинство Албанци го одредија победникот

Колку Пендаровски доби од гласовите на Албанците може лесно да се утврди со бројот на гласовите во општините со мнозинско албанско население. Во скоро сите  општини главно населени со Албанци тој освои околу 114.000 што е за околу 60.000 гласови повеќе од првиот круг, во однос на Силјановска која во овие општини ги доби гласовите на нешто повеќе од 33.500 избирачи, што е за околу 5.500 повеќе од првиот круг. Разликата во гласовите во некои од овие градови е голема, како што е пример со Чаир, каде Пендаровски освои 12.000 повеќе од Силјановска, потоа во Тетово со разлика од 10.000 и во Гостивар со 8.000 гласови повеќе за коалицискиот кандидат на СДСМ и ДУИ. Покрај високата разлика забележително е што во некои од општините со претежно албанско население, Силјановска добива симболичен број на гласови. Во Арачиново доби 84 гласови, наспроти 2.900 на Пендаровски, Боговиње со 53 наспроти 4.450, во Желино со 54 спрема околу 3.700, Липково 44 спрема 6.500, Студеничани 360 со 4.400 гласови и во Сарај е огромна разликата со 588 спрема 8.200.

Пендаровски има победа во 6 општини во кои загуби во првиот круг и тоа во Бутел, Радовиш, Ранковце, Јегуновце, Брвеница и Демир Хисар. Наспроти овие резултати Силјановска победи во нешто повеќе од 40 општини со претежно македонско население, во кои спаѓаат и поголемите градови како што се Велес, Гевгелија, Кавадарци, Охрид, Прилеп, Битола и Штип и општинската карта ја бои во црвено скоро цел источен и дел од централниот дел.

Поделбата на скопските општини отпаѓа во корист на Пендаровски кој ги освои Карпош, Центар, Бутел, Сарај, Чаир и Шуто Оризари, а Силјановска – Ѓорче Петров, Аеродром, Кисела Вода и Гази Баба.

 

Пендаровски најави дека ќе биде претседател на сите, Силјановска задоволна

Новоизбраниот македонски претседател Стево Пендаровски уште во неделата вечерта им се заблагодари на македонските гласачи и рече дека ќе биде претседател на сите граѓани.

Ќе бидам претседател на сите, претседател кој ќе ја води Северна Македонија кон ЕУ и НАТО. Ова е победа на обединување и заедништво. Ќе бидам претседател кој ќе обединува, фактор на стабилност, а не на кризи“, истакна Пендаровски во победничкото обраќање. Премиерот Заев му честиташе на победата и оцени дека изборите биле фер и демократски.

Имавме беспрекорно чисти избори во двата изборни круга. Северна Македонија покажа врвни демократски капацитети, докажавме уште еднаш дека сме подготвени за Европа“, рече тој.

Силјановска пак, од изборниот штаб во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека се чувствува чудно, бидејќи бројките говореле за пораз, но и оти таа се чувствува исполнето.

Да добиете речиси 370 илјади гласови е голема благодарност, а истовремено да станете позната по улиците како Гога. Ако се погледнат бројките треба да се  направи преиспитување на однесувањето на власта, односно дека резултатот зборува за нејзино делегитимирање и наметнува потреба од разговори, преговори и за сериозно размислување за предвремени парламентарни избори“, нагласи Силјановска.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека всушност тие се морални победници.

Реалноста е следна – ако имаше парламетарни избори, партијата која ќе освоеше најмногу мандати, најмногу пратеници е ВМРО-ДПМНЕ. Освоивме одличен резултат“, изјави Мицкоски.

 

ДУИ побрза да ја припишат победата за нивна, од другиот табор велат дека е победено со гласови на Река

Вечерта откако веќе и се знаеше исходот од  гласањето, се огласи и Артан Груби од ДУИ кој објави статус на фејсбук во кој напиша: „ Али Ахмети и ДУИ прават претседатели на Собрание, Али Ахмети и ДУИ прават премиери, Али Ахмети и ДУИ прават претседатели на државата. Без Али Ахмети и ДУИ не ја бива работата. Победници“, напиша Груби.

Александар Кржаловски од МЦМС во својата последна колумна пишува дека остварената разлика во корист на Пендаровски ја донесоа главно гласачите етнички Албанци, но ја поставува дилемата – на која политичка партија одговорија овие гласачи.

Прашање е која партија од албанскиот блок е најзаслужна за таа разлика? Два дена се водат полемики за тоа на социјалните мрежи, но со оглед на тоа што само ДУИ имаше активна кампања за вториот круг, најголем дел од заслугите за изборот на Пендаровски се чини е нивна. Во прилог на ова тврдење одат разликите остварени во тие општини во однос на гласовите кои ги оствари третиот кандидат Блерим Река во првиот круг. На пример во Липково, Река освои околу 3.000 гласови а сега Пендаровски доби околу 5.000 гласови повеќе, значи најмалку 2.000 нови гласови. Во Сарај, такви гласови има околу 1.000“, оценува Кржаловски. Но, потсетува на коментарите на оние на кои ДУИ не им е симпатична кои сметаат дека тоа се гласови исклучиво на Река, односно дека Пендаровски ја направил разликата со неговите 60.000 илјади освоени токму во оние општини кои сега, во вториот круг, ја направиле разликата на Пендаровски.