Денешна дата
26/05/2019

АВИОНСКИТЕ НЕСРЕЌИ НИЗ ГОДИНИТЕ: 255 ЖРТВИ ВО 12 НЕСРЕЌИ ВО МАКЕДОНИЈА

  • Скопскиот регион се издвојува како место со најголем број несреќи на територијата на државата
  • Ниту едно лице не беше обвинето за хеликоптерската несреќа кај Блаце во која загинаа 11 членови на АРМ
  • Во Србија се случиле многу повеќе несреќи, но речиси половина поминале само со оштетување на авионот, без жртви

 

Пишува: Александар Тодески

 

Втори април, ден со ветровито и дождливо време, неповолно за летање со мали авиони. Четиричлено семејство на бизнисменот Георги Бошнаков од Бугарија одлучува да се враќа кон Софија, но при полетувањето наидуваат на бура, по што бараат да слетаат на скопскиот аеродром. Добиваат дозвола за тоа, но Бошнаков, кој го управува малото авионче од типот „цесна“ сепак одлучува да продолжи кон Бугарија. Од невремето успеваат да стигнат само до Солунска Глава, каде авионот паѓа. Во потрагата се најдени само остатоци од авионот и телата на четворицата патници.

Оваа вест не е единствена кога поради грешни пресметки на пилотот се урива авион во Македонија. Пред 3 години, во дождливо попладне мал авион падна во селото Кожле близу Петровец, бидејќи пилотот грешно пресметал дека ќе ситгне навремено да наполни гориво на скопскиот аеродром. Во оваа несреќа, загинаа пет италијански и еден косовски државјанин.

 

Во Македонија паѓале најчесто мали авиони

Сепак, на небото над Македонија падовите на авиони не се новост, иако се реткост. Дванаесет авионски несреќи со 255 жртви се случиле на тлото на Македонија низ годините, од кои 10 со 243 жртви само во независна Македонија. Инбокс7 направи паралела, колку авионски несреќи се случиле во државава, а колку кај нашите соседи.

Првата се случила во Скопје, во 1951 година, кога загинале 12 луѓе, а во втората, 4 години подоцна нема жртви. Подоцна, во 1992 година, кај селото Лисец се урнал фокер, кога загинале 8 лица. Во 1993 година се случуваат две несреќи, една кај Скопје во која загинуваат 86 лица, а другата кај Тројани, близу Охрид, во која животот го загубиле 116 лица. Во 1995 година, две лица загинуваат кај Скопје, а во 2001 година во несреќа на мал авион исто така загинуваат две лица.

2008 година пак, останува да се памети по паднатиот хеликоптер на АРМ кај Блаце, кога животот го загубија 11 членови на армијата. За овој случај беше отворена истрага, но до денеска истата не повлече никакво обвинение. Истата година, Цесна падна кај село Лескоец, кога загинаа четворица. Во 2011 година, кај Струмица падна хеликоптер, кој однесе четири жртви.

 

Во Србија јавно се објавуваат извештаите за авионските несреќи

Српските власти пред повеќе години го формирале Центарот за истражување на несреќи. Освен во водениот и железничкиот сообраќај, овој Центар ги истражува и воздухопловните несреќи, кои во Србија не се реткост.

Во 2006 година, од кога има записи за воздухопловните несреќи, во соседна Србија имало 15 авионски несреќи, од кои 10 се означени како судир. Наредната 2007 година, имало 6 несреќи, од кои 4 судири. Во 2008 имало 11 несреќи, во 2009 година имало 8 несреќи, исто колку и во 2010 и 2011 година. Во 2012 година имало две авионски несреќи, а во 2013 и 2015 година пет. Во 2014 година, во Србија се случиле осум авионски несреќи, додека пак во 2016 и 2017 година по четири. Минатата 2018 година, над небото во Србија се случиле седум авионски несреќи.

Иако со повеќе авионски несреќи отколку во Македонија, во Србија во последните 8 години загинале 20 лица, додека пак 11 биле повредени.

Бугарија пак, како авионски несреќи кои се случиле на нејзина територија има забележано само три, во 1955 година, кога загинале 58 лица, во 1962 година, кога загинале петмина и во 1977 година, несреќа во која животот го загубиле шест лица.