Денешна дата
26/05/2019

ПОБЕДИ & ПОРАЗИ

Иванов повика да ја препознаеме симболиката на посетата на Папата. Ние ја препознавме. Тој не успеа во тоа

Пишува: Зоран Иванов

Изборите завршија. Победија сите освен Силјановска и постизборно Иванов. Првата е поразена од Пендаровски, вториот се самопорази пред Папата.

Овој текст е со два блиц погледа врз претседателските избори и неодминливо за импресијата од домаќинското обраќање на претседателот Иванов пред поглаварот на Римокатоличката Црква.

Првиот, за претседателските и за партиите:

Некој слави, некој тагува, некој калкулира, некој манипулира. Изборите важно завршија мирно, цивилизирано. Земјава помрдна малку нанапред. По цела деценија конечно функционално ќе проработи една многу значајна институција.

Додуша, ова беа само претседателски избори. Носителот на првата државна функција нема клиентелистички ресурси. Го нема државниот буџет, не прави нешто посебно профитни тендери, не може помасовно да вработува во администрацијата и во државните компании. Практично не располага со ресурси за да биде атрактивен за поширокото гласачко тело. Оттука, дали изборно земјава ќе се однесува речиси скандинавски како на овие претседателски, ќе треба да се провери на наредните парламентарни и локални каде што партиските апетити се највидливо нагласени во атакот врз државните пари.

Како и да е, прво со тоа дека победија сите. Победи Пендаровски, стана претседател. Победија СДСМ и ДУИ, нивниот кандидат го доби мандатот. Победи ВМРО-ДПМНЕ, освои уште повеќе гласови од првиот круг и многу повеќе од последните локални. Победи Река, ги освои симпатиите на најшироката македонска јавност. Победија Алијансата и Беса, на своето опозициско конто прокнижија за нив рекордни речиси осумдесет илјади гласови.

Поразена е само Силјановска. Само таа, се разбира во политичка смисла, не доби ништо.

Што се однесува пак само до партиите, тие и покрај прескроминте изборни резултати, пак маркетиншки пумпаа еуфории и форсираа нереални изборни резултати. А всушност, судејќи според интересот на граѓаните за нивните кампањи, пораки и повици,  потајно никој од учесниците во изборната трка не е задоволен. Избирачите ги удостоија со излезеност толку колку изборите да не пропаднат. Но, и за до толку и за двата изборни круга, партиските штабови искинаа железни чевли. Се растрчаа по македонските сокаци да убедат па дури и да извлечат што повеќе луѓе од дома. Граѓаните им испратија пораки за нивото на нивните авторитети. Го сторија тоа и со ниската излезеност и со револтот искажан со речиси пет процентните неважечки ливчиња.

Дваесет и први април и петти мај покажаа една поинаква изборна трезвеност. Луѓето доминантно ја совлада партиската послушност. По овие избори неоптоварени со партиските диктати, се чини е срушена уште една изборна психолошка бариера. Конечно, барем е олабавена клиентелистичката зависност и клиентелистичката беспоговорна послушност спрема партиските субјекти.

Партиите веќе ја немаат моќта да владеат со душите на гласачите кои од нив очекуваат услуги што и онака природно им припаѓаат. Овие избори беа без видливите списоци за гласачка принуда, без двојни лични карти, без исклучени лифтови, без бесрамни уцени за услуги во минатото и за клиентелистички ветувања. Покрај излолираните изборни инциденти на одделни партиски извршители, овие претседателски се одвиваа без децениската режимска изборна принуда. Дури и нагласената апстиненција што луѓето ја манифестираа и во двата изборни круга, може да се сведе под таа избирачка слобода.

И вториот, за Иванов пред Франциск:

Неразбирливо е зошто во оваа посебна прилика кога очите на светот беа свртени кон Северна Македонија, нејзиниот претседател имаше потреба со нагласена реторичка доза на строгост и лутина да ги истури сите негови натрупани фрустрации и да ја покаже својата нереализирана агенда. На ваков начин пред високиот гостин, при неговата за нас историска посета, да ја истури сета своја политичка депресија и така најнеславно да го заврши својот и онака неславен десетогодишен мандат.

Иванов требаше да зне дека Папата знае за неговото политичко самомаргинализирање. За целата негова ментална ксенофобична националистичка агенда, за неговите инаети и отпори спрема било кави промени што земјава развојно ќе ја придвижат нанапред. Наместо тоа, го растревожи Франциск со констатацијата дека во земјава тој дошол во време кога македонското општество било длабоко поделено и кога македонската држава е тешко ранета поради прекршените ветувања и поради изневерените очекувања од страна на меѓународната заедница. Од таа иста меѓународна која за време на својот мандат често претседателски ја потплукнуваше.

Од почетокот на неговиот двоен мандат, за состојбите во државата чиј претседател е, се некој друг му е виновен. Сите и секој и одвнатре и однадвор. Виновен не е само тој. Очекувано и пред Поглаварот на Римокатоличката црква не смогна доза доблест да се исповеда. Не прозборе ништо за својата улога во состојбите што пред гостинот ги констатираше. Не кажа ниту збор за неговиот придонес за блокадите и за неговите напори тие да не бидат отстранети. Иванов премолча и за тоа дека до неодамна во државава владееше режим чиј подржувач и негов одржувач беше и тој. Но и не мораше зашто на Франциск тоа секако му е сосема познато.

Згора, наместо како на татко на нацијата да повика на помирувања и благост, тој  во својот говор Крстот и Полумесечината ги употреби во функција на натомошни делби. Црквите и џамиите ги посочи како граничници и тврдини за маркирање територии. Притоа, ги игнорираше и своите сведоштва и својот претседателски молк за провокациите и за верски мотивираните тепачки како своевремено оние на скопскиот плоштад или за црковно џамиските настани на скопската тврдина.

Нспроти тоа, Папата му одржа предавње за актуелната позицијата на државата чиј претседател е нашиот универзитетски професор. За мостот меѓу Истокот и  Западот, за почвата каде што се среќаваат културни струи и каде што се обединувааат многуте посебности на регионов. И за миксот од различните етнички припадности кои и на ова наше општество му овозможуваат да постигне соживот. Карактеристики кои за ватиканецот се од голема важност за нашиот пат кон што побрзата интеграција во европските земји.

Сосема поинаку од констатациите на претседателот Иванов, во различните етнички и верски заедници во земјава, Папата Франциск виде мозаик. Ја виде убавината на целата наша слика која, за да може да се всади во срцата и на идните овдешни генерации, е неопходно секое камче.

Сепак, уважувајќи го високиот гостин, Иванов повика да ја препознаеме симболиката на посетата на Папата. Ние ја препознавме. Тој не успеа во тоа.

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.