Денешна дата
14/12/2019

Довербата во СДСМ ќе паѓа како што ќе се губи надежта во реформите

Од локалните избори поминаа само година и половина, а СДСМ значително ја загуби поддршката од гласачкото тело. Тоа се покажа по првиот круг на претседателските избори со околу 90 илјади гласови помалку, што го запали црвеното светло кај лидерот на партијата Зоран Заев, па најави метла. Експертите порачуваат дека доколку не се подобрат состојбите во економијата, здравството и други клучни ресори за подобрување на животот на граѓаните СДСМ ќе се соочи со натамошен пад на рејтингот

пишува: Светлана Унковска

 

Значајниот пад на поддршката кон владејачката СДСМ што се покажа на првиот круг на претседателските избори е предупредување кое раководството на партијата не смее да го заборави по завршувањето на изборите за новиот шеф на државата. По големиот успех на локалните избори, само по година и половина, со резултатите од првиот круг, социјалдемократите добија жолт картон. Тогаш резултатот беше околу 416 илјади гласови за СДСМ, а нешто повеќе од 335 илјади за ВМРО-ДПМНЕ. По 18 месеци првиот круг покажа пад на  322 илјади за СДСМ, а ВМРО-ДПМНЕ со 318 илјади гласови.  Лидерот на партијата и премиер, Зоран Заев секако не смее да ја  подзаборави најавената метла позади врата или ако само замете со две-три рокади или смени на оние, кои и онака сакаат да си заминат, кој од лични причини, кој поради поатрактивна позиција, многу е веројатно дека нема да го намали незадоволството на граѓаните.

Зошто СДСМ за толку краток период ја загуби довербата што ја имаше претходно? Дали води лоши политики и колкава улога имаат аферите како што се тендерите, непотизмот и други злоупотреби на власта? Дали пак се работи за слухот на извршната, но и локалната власт за потребите на граѓаните или пак, затоа што презема непопуларни мерки кои во прво време и немаат некаков бенефит кај граѓаните. За волја на вистината и Антикорупциската комисија е ослободена од какви било влијанија за да покренува постапки во предмети против власта, што не беше случај со претходната власт. Тоа резултираше со отворање на неколку предмети на непотизам, што директно влијае на намалување на довербата.

 

Што вели експертската јавност за падот на поддршката на власта

 

Политичкиот аналитичар Сашо Клековски во својата последна колумна анализира дека за СДСМ оваа победа е горчлива поради значајниот пад на поддршката и тоа во повеќе поголеми градови. Според него, споредбата со референдумот за Преспанскиот договор, пак, може да се толкува дека падот на поддршката не се должи на промената на името, ниту пак на личноста на нивниот кандидат Пендаровски, туку во незадоволството со прашањата како економијата, здравството, образованието и т.н. односно незадоволството со Владата и особено градоначалниците.

„Премиерот Зоран Заев говори за отворен пат за прогрес и перспективи, крај на поделби, место во НАТО и во ЕУ, почеток на преговори со ЕУ. Сегашната политичка состојба потсетува на првата половина на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, моментот кога ја освои целата власт, а надежите за интеграција во ЕУ и НАТО почнаа да бледнеат и почна да опаѓа поддршката. Особено доколку не добиеме датум за преговори со ЕУ годинава и доколку не се подобрат економијата и клучните сектори како здравството, образованието и инфраструктурата. СДСМ ќе се соочи со понатамошно намалување на поддршката“, вели Клековски.

 

Исмаил: Актуелната власт многу време изгуби со поправање на системот кој беше уништен

 

Поранешниот министер за култура и НВО активист, Ѓунер Исмаил пак вели дека СДСМ мораше да направи драстични чекори како што се Преспанскиот договор и негова артикулација во Уставот, при што имаше политичка операција со непопуларни потези. Истовремено, додава Исмаил, многу време и енергија се потроши и на обновување на системот кој беше претходно целосно уништен, но не треба да се премолчи и фактот дека дел од функционерите ја злоупотребуваат власта.

„СДСМ повлече и некои недоволно јасни потези, но што е уште пострашно не успева да се справи и со криминалниот менталитет што е вгнезден и во одредени личности. Во делот на воспоставување на системот се обидува некаде да направи реновирање на законската регулатива што не му успева во најбитниот дел кај судовите и обвинителството. Особено мислам на Законот за јавно обвинителство, но исто така и во сферата на државата администрација. Мора да се напомене и дека е многу краток периодот откако тие се на власт бидејќи по изборите Иванов им украде цели 6 месеци од мандатот со неговите манипулации. Во економскиот дел не се мрдна од две причини. Првата е што годишно отплаќаме половина милијарда евра на име камати и отплата на главница и второ што платите и пензиите се уште се мали. Здравствениот систем е во перманентна неуспешна реконструкција  а треба да се додаде и катастрофалното функционирање на локалната самоуправа“, оценува Исмаил.

 

 

Какви мерки треба да преземе власта до следните избори за да ја врати довербата

 

Иако сега ја има целосната власт во земјава, владејачката партија сепак има уште малку време за да направи подлабока анализа каде треба да се поправат состојбите и на кој начин, бидејќи до следните парламентарни избори има уште година и пол, а до локалните нешто повеќе од две.

„СДСМ со целосна власт во свои раце, со можен пад на поддршката, ќе се соочи со предизвик да прифати одговорност и да ги изгуби следните избори или да не ја прифати одговорноста и да започне со авторитарно владеење. Мал знак на претпазливост треба да бидат обвинувањата за купување гласови на претседателските избори и напорот по секоја цена да се победи на изборите во Ново Село. Како ќе се движат Зоран Заев и СДСМ понатаму ќе се види и со најавените промени во Владата, одговорност на јавната администрација и можни реформи на изборите“, вели Клековски.

Но, Исмаил е со поинаков став и смета дека Заев мора да води сурова реалистична политика кон своите кадри, иако вели дека не е сигурен дека коалициониот партнер ќе го следи во тоа.

„Гледајќи како досега мораше да работи бавно, трпеливо со мали чекори, не можам да претпоставам колкави зафати отсега ќе преземе. Но, гледајќи дека е застапеник на една хиперреалистична политика претпоставувам дека сега чекорите малку ќе ги зголеми. Метлата што ја спомна како метафора мислам дека тоа е само еден дел од она што мора да биде, а потоа веројатно ќе треба да направи и преиспитување на односите со коалициските партнери и воспоставување на некои можеби дополнителни правила на функционирање на коалициите“, оценува Исмаил.