Денешна дата
26/05/2019

Северна Македонија со најниска просечна плата во регионот

  • Македонската просечна плата под просечната плата од оние во поранешна Југославија
  • Дека власта потфрлила во економијата зборуваат податоците, смета поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини
  • Просечната плата во Северна Македонија е тројно помала од онаа во Словенија, која е на врвот на листата

 

 

Пишува: Александар Тодески

 

Планот за живот со кој СДСМ по 11 години во опозиција дојде на власт предвидуваше просечна плата од 500 евра. Планот примањата на граѓаните да се качат до овој просек сепак не се оствари, иако премиерот Зоран Заев сега вели дека до крајот на нивниот мандат, за година и половина сумата ќе се достигне. И додека го чекаме овој просек, кој би не донел над Косово, Србија и Босна и Херцеговина, засега остануваме на дното во регионот .

 

Словенија и Хрватска со далеку поголеми примања од останатите

 

 

Животниот стандард е речиси еднаков во Северна Македонија и Црна Гора. Граѓаните ги имаат речиси истите трошоци кога станува збор за местата во кои постојано живеат луѓе, со исклучок на туристичките места. Но, Црна Гора се наоѓа на трето место по висина на платите, за разлика од земјава, која е четири места подолу.

Од земјите кои беа дел во поранешна Југославија, според Државните заводи за статистика на земјите, Словенија останува на прво место, со просечна плата од 1.082 евра (https://www.stat.si/statweb) , по што следи Хрватска(https://www.dzs.hr/), каде просечната плата изнесува 850 евра. Платите во Црна Гора се на трето место, па така просечната плата таму изнесува 510 евра (https://www.monstat.org/cg/novosti.php?id=2991).

Босна и Херцеговина (http://www.bhas.ba/) и Косово (http://ask.rks-gov.net/) имаат речиси иста просечна плата, околу 450 евра, додека, пак, во Србија (http://www.stat.gov.rs/) просечната плата изнесува 420 евра. Кај нас пак, државниот завод за статистика покажува дека просечната плата сега изнесува 395 евра, со што остануваме на дното на листата по просечни месечни примања во поранешна Југославија (http://www.stat.gov.mk/PrikaziSoopstenie.aspx?rbrtxt=40).

 

Заев никако да ги облече железните опинци

 

„Железните опинци“ на премиерот Зоран Заев веднаш после “метлата“ се чини дека ја обележаа изборната кампања. Откако еднаш ги најави и се појавија во насловите на речиси сите медиуми, тој не пропушти митинг, а да не спомене дека ако треба „ќе облече железни опинци“, ама ќе има просечна плата од 500 евра.

Тој неколку пати рече дека државата има капацитет кој мора да го искористи за достоинствени плати, но и дека можноста за развој на економијата најмногу се отворила со решавањето на спорот со Грција.

Сепак, очекувањата на граѓаните се далеку над моментално оствареното, бидејќи неговиот економски план се остварува поспоро од ветуваното на изборните процеси.

Граѓаните во моментов го очекуваат и ветеното покачување на минималната плата на 15.000 денари, со што веројатно просечната плата би се качила до онаа која во моментов ја има во Косово, односно повторно помалку од 500 евра.

Проблемите на граѓаните сепак остануваат отворени, бидејќи месечните трошоци се над просечната плата. Ако просечно семејство троши речиси 120 евра за сметки, околу 200 евра за храна и останати потреби за домот, како и 25 евра за превоз, колку што чини месечен автобуски билет, тогаш за граѓаните не останува ништо за заштедување, ниту пак, за основните потреби од алишта и обувки.

Дека власта потфрлила зборуваат податоците, смета поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини. Според него, овој пат ги нема ниту јавните инвестиции, што никогаш не било случај во државата.

„Ја имаме најслабата економија, тоа е најјасен показател дека состојбата во економијата е таква. Тоа не е од сега, туку од секогаш. Во сите економски и социјални параметри, Македонија држи рекорд од сите земји во Западен Балкан. Нашиот премиер и пред да дојде на власт тврдеше дека ќе имаме просечна плата од 500 евра, но тоа не се оствари, вели Хајредини за Инбокс7.

Граѓаните и на анкетите како најголем проблем го кажуваат оној со финансиите. Телевизија „Телма“ минатата година направи анкета на која 60% од граѓаните рекоа дека се незадоволни од мерките за економски раст. (https://telma.com.mk/anketa-kako-graganite-ja-otsenuvaat-rabotata-na-vladata/)

На друга анкета на МЦМС пак, 40% од граѓаните одговориле дека би се исселиле трајно, а како причина го наведуваат животниот стандард и висината на платите.