Денешна дата
26/05/2019

Папата нема тенкови

Пишува: Денко Малески

 

Анегдотата вели дека кога го предупредиле Сталин дека некаква негова одлука нема да му се допадне на Папата, тој прашал: “А, колку тенковски дивизии има Папата?“. Моќта на папата, се разбира, е во неговата морална сила која, во услови не мир, е многу важна за секоја држава. Тоа убаво се гледа на примерот на нашата држава, чие официјално име, по компромисот со Грција, е  Северна Македонија. Посетата на папата, пишува „Њујорк тајмс“, е потврда дека државата излегува од триесетгодишната меѓународна изолација. „Триесетгодишна“, а не „повеќегодишна“, како што прочитав во  текстови на наши коментатори кои, пренесувајќи ја веста, сакаат сите проблеми од минатото да му се припишат само на „режимот“. Се разбира, посетата  немаше да се случи без Преспанскиот договор, како што немаше да отпочне процедурата за прием на нашата земја во НАТО и немаше да ни се отвори патот за членство во ЕУ. Имено, без Преспанскиот договор немаше да дојде и до ова симболично ставање на Северна Македонија на картата на светот од страна на Папата Франциск. Во таа смисла, посетата на Папата е, веројатно, најважната посета на странски државник направена на нашата земја, од независноста до денес. Со решен проблем со Грција, ние сме, во вистинската смисла на зборот, полноправна членка на меѓународното општество на држави.

Несвесен дека без Преспанскиот договор, до посетата воопшто немаше да дојде, македонскиот претседател во заминување Иванов, го искористи присуството на католичкиот верски поглавар да му се пожали на поведението на меѓународната заедница, со чија силна поддршка се постигна договорот кој го реши триесетгодишниот спор. Велам немаше да дојде до посетата затоа што и Ватикан, како држава sui generis, е изложена на истите закономерности на кои се изложени и другите држави. Особено оние кои се дел од Западот, кои ги обединуваат исти вредности и кои членуваат во исти сојузи. Имено, во меѓународните односи, постои нешто што, во една прилика го нареков „каскаден ефект“ во односите меѓу државите: нерешениот проблем со добро етаблирана држава во меѓународниот систем на држави, особено кога се работи за членка на НАТО и на ЕУ, се прелева и на другите партнерски држави заради нивните заеднички интереси, но и заеднички правила на солидарност.

Така, без оглед колку ние да мислиме дека сме во право, а во односите меѓу државите не секогаш е лесно да се утврди тоа, само решен проблем е формула за добри односи. Сиве овие десет години, македонскиот претседател се повикуваше на правото на самоопределување, но на истото право се повикуваа и Грците. Кој, тогаш, е во право? Кога проблемот е идентитетски, оптеретен со тешко минато и горчливи историски  искуства на двете страни, залудно е да се мисли дека ќе се реши со помош на правото. Само лесните проблеми меѓу државите се решаваат со помош на правото. Тешките, се решаваат со дипломатија и тешки компромиси. Бидејќи е политички, проблемот се решава со дипломатски средства чие финале е компромисот. Тоа убаво ни го објаснија во 1993 година при приемот во ОН, но, за жал, на важен дел од нашата политичка структура им стана јасно четврт век подоцна. На претседателот во заминување , пак, никогаш не му се разјаснија овие закономерности во меѓународните односи. Затоа, и во него е коренот на сегашната длабока поделба меѓу Македонците, на која му се пожали на папата. Колку и да не се изнесуваат такви работи пред странски државници, претседателот во заминување е во право: ние сме поделено општество. Северна Македонија, рече папата, е мост помеѓу Истокот и Западот, мислејќи на нашата географска положба  и на фактот дека на нашата територија се среќаваат културите на Западот и на Ориентот. Но, мостови преку поделбите ни се потребни и во секојдневниот живот. Демократски настроени поединци ослободени од национализам се таквите мостови. Тоа се оние малубројните меѓу нас кои, земајќи ја улогата на мост врз своите плеќи, беа спремни, сиве овие долги години, да плата лична цена: да бидат газени од двете страни.

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.