Денешна дата
26/05/2019

ВО НИТУ ЕДЕН СУД ВО ВНАТРЕШНОСТА НЕМА ПРЕСУДА ЗА КОРУПЦИЈА ВО 2019 ГОДИНА

  • Судовите од внатрешноста имаат вкупна нула во пресуди за корупција од почетокот на годинава

 

  • Индексот на корупција понизок од минатото, но се уште сме означени со црвено

 

  • Зад Северна Македонија по нивото на корупција се само Албанија, Молдавија, Украина и Русија

 

 

 

Пишува: Александар Тодески

 

Дека борбата со корупцијата е тешка и долготрајна не крие никој. Сите политичари без исклучок велат дека се сложни во борбата против корупцијата, но во практика никој не делува. По истражувањето на Инбокс7 колку лица се осудени за организиран криминал и корупција изминатите пет години, истражувавме како судовите ја почнале новата 2019 година. Почнавме со судовите од внатрешноста на Северна Македонија, каде целокупната бројка на пресуди е поразителна нула.

 

ИНДЕКСОТ НА КОРУПЦИЈА СЕ НАМАЛИЛ, НО СЕ УШТЕ СМЕ ВО „ЦРВЕНА ЗОНА“

 

Дека Македонија ја чека долг пат за влезот во Европската Унија покажува и нивото на корупција во државата. Меѓу оние мерки кои ЕУ бара државата да ги преземе е токму борбата со корупцијата, но не се занемарува и фактот што дури пред претседателските избори земјава доби членови на Државната комисија за спречување на корупција, места кои беа испразнети уште во март 2018 година.

 

„Трговија и економија“ на клиентите ширум светот им го покажува нивото на корупција во земјите каде фирмите би инвестирале, а нашата земја се најде на 5-то место, но од долниот дел на листата. Зад нас се само Албанија, Молдавија, Украина и Русија, а на исто ниво со нас е Косово.

 

На мапата на Транспаренси интернешнал бојата се уште е црвена, како знак на висока корупција, иако сега не е темно црвена како во минатото.

 

 

Сегашниот индекс на корупција е поголем од 2017 година, иако низ годините, најголем индекс на корупција сме имале во 2014 година, кога сме имале 45 поени.

 


source: tradingeconomics.com

 

Европскиот совет годинава излезе со извештај за мерките кои Северна Македонија ги презела против економскиот криминал и корупцијата. Во него меѓу другото е наведено и бегството на екс премиерот Никола Груевски, каде се наведува дека во моментов е во Унгарија, но и дека побегнал откако бил осуден за случајот со мерцедесот. Како најнова одлука, нотирана е пресудата за крвавиот упад во Собранието, а меѓу другото се наведува дека има пресуда и за поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков.

Сепак, во извештаите ги нема бројките колку судовите носат пресуди за корупција, иако како што пишувавме погоре, индексот на Северна Македонија во тоа поле е висок.

 

СУДОВИТЕ ОД ВНАТРЕШНОСТА НЕ ДОНЕЛЕ НИКАКВИ ПРЕСУДИ ЗА КОРУПЦИЈА ГОДИНАВА

 

Дваесет и пет основни судови во внатрешноста на државата – нула пресуди за корупција. Ова е исходот од работата на судовите низ градовите од почетокот на годинава, чии бројки и во минатите пет години не биле пооптимистички.

 

Пресуди нема ниту во Гевгелија, Кратово, Струга, Гостивар, Штип, Крива Паланка, каде во изминатите пет години имало вакви пресуди.

 

Овие бројки не се нотирани во ниту еден извештај, бидејќи земјата се оценува по вкупните бројки од сторени кривични дела, обвиненија и пресуди, иако е алармантна ситуацијата бидејќи јавноста слуша за случаи на корупција, но судовите се чини дека не сакаат да носат никакви пресуди кога станува збор за вакви дела.

 

Разликата помеѓу случаи регистрирани од Министерството за внатрешни работи и пресуди донесени од судовите во последните пет години беше огромна, односно 3.576 регистрирани сторители наспроти 670 пресуди за корупција, од кои само 118 во судовите во внатрешноста на земјата.