Денешна дата
17/08/2019

НАЈАВЕНАТА “МЕТЛА” ЗА “ТУЃИОТ” ДВОР

Пишува: Џелал НЕЗИРИ

 

За лошото владеење на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ, ова партија плати казна на парламентарните избори во 2016 и на локалните избори во 2017 година. Додека во 2014 броеше 153 илјади гласови, две-три години подоцна овој корпус се преполови на околу 85 илјади гласови.

Заради фактот што ДУИ застана зад кандидатот на СДСМ за претседател на државата, или како што велат заеднички, не може да се знае точно колку гласови добија. Но факт е дека во општините со мнозинство Албанци, или каде се во значителен број, Стево Пендаровски доби околу 120 илјади гласови. Ова ниту и дава на ДУИ комотност, зошто сите партии на етничките Албанци (директно или индиректно) повикаа да се гласа Пендаровски, ниту пак потреба да смени некој од нејзините владини функционери.

Најдиректно пораката од овие избори е до СДСМ, која од 440 илјади гласови во 2016 и  415 илјади во 2017, сега има околу 320 илјади.

Затоа е нелогично “метлата”, како синоним за одговорот на СДСМ кон ова порака на гласачите, да заигра повеќе на дворот на комшијата, во овој случај ДУИ и останатите коалициони партнери.

Нормално е дека Заев како премиер има право да ги бира луѓето со кои ќе работи, но во конкретниот случај операцијата “метла” беше најавена како одговор на СДСМ кон разочараните гласачи. Ако се гледа падот, може да се дојде до заклучок дека тој се однесува на лошото работење на градоначалниците на СДСМ избрани во 2017 година, коруптивните методи во практикување на власта од одредени функционери како и отсуството на реформите кои беа најавени, особено во судството. Секако тука може да има влијание и договорот со Грција, Законот за јазиците или некој друг државнички зафат на СДСМ, но со оглед на резултатите од ланскиот референдум тоа влијание е помало во однос отсуството на реформите и доброто владеење.

Ако СДСМ вистински сака да го запре овој пад и да ги врати разочараните гласачи, треба да престане да го прави она за што го критикуваше ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период (корупција, контрола на судството, организиран криминал, рекет, непотизам…) и да пристапи сериозно кон спроведување на реформите.

Дали треба ДУИ да смени некој од нејзините функционери? Половина од тие јавноста ги гледа само кога има извештаи за трошоците по ресторани или кафулиња. Но, ако партијата на Ахмети ќе одлучи да замижува пред овие факти и да им прости за лошото работење, на идните парламентарни избори без двоумење дека ќе ја плати сметката.

Но, СДСМ треба да има предвид дека кадрите на ДУИ со нивното (не)работење, ниту можат многу да и наштетат на нејзиниот рејтинг, или пак да го подобрат истиот. Со чистењето, сепак, се почнува од сопствениот двор.

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.