Денешна дата
16/07/2019

Иванов за канцелариите ќе му плаќа кирија на кумашинот, антикорупциска уште прибира информации

  • Есер Џеваир освен кумашин на Ѓорге Иванов, бил предавач и во Школата за млади лидери
  • Сопственик на просториите кои ги изнајмил Иванов е „Турмак“, фирма чиј директор е кумашинот на Иванов

 

 

Пишува: Александар Тодески

 

 

Секој претседател на државата има две можности – да продолжи со кариерата која ја имал пред да застане на чело на државата или да добие доживотна пензија. Од сите досегашни претседатели, можноста да бираат дали ќе се пензионираат или ќе работат ја имаа само Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов, а и двајцата одбраа доживотна пензија и кабинет. Местото кое Иванов го одбра за своите канцеларии остави место Државната комисија за спречување корупција да истражува, бидејќи токму тој е венчален кум на Есер Џеваир, син на сопственикот на „Џеваир Скај Сити“, зградите каде Ѓорге Иванов и неговиот кабинет од 13 мај секојдневно ќе одат на работа.

 

 

Кој е сопственик на становите каде Иванов ги одбра канцелариите

 

Сомнежот за тоа дали има некакви нерегуларности во изнајмувањето на просториите во зградите на Ибрахим Џеваир, таткото на кумашинот на Иванов се зголеми откако во емисијата „360 степени“ беше обелоденето дека едната канцеларија е на 22. кат, а другата на 38. кат во една од висококатниците.

 

Во недостаток на информации од Службата за општи и заеднички работи на Владата, која не одговори на нашите прашања со кого потпишале договор, односно кој е сопственик на просториите кои Ѓорге Иванов лично ги побарал за канцеларии, се јавија од фирмата „Турмак“, сопственик на „Џеваир Скај Сити“. Оттаму преку соопштение потврдија дека становите се во нивна сопственост, а месечниот закуп ќе чини 1.950 евра месечно, односно 23.400 евра годишно. Просториите кои ги користи Иванов се простираат на вкупно 274 метри квадратни.

 

Конкретен одговор не дадоа ниту Владата, чија Служба за општи и заеднички работи ги потпишува договорите и ги плаќа трошоците на поранешниот претседател.

 

„Ве упатуваме прашањето да го поставите до кабинетот на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов. Влада на Република Северна Македонија не е одговорна за менаџирање на неговиот кабинет“, вели владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

 

Прашања за тоа дали се истражува кому Иванов ќе плаќа месечна кирија од речиси 2.000 евра испративме и до Државната комисија за спречување корупција, од каде ни одговорија дека се уште прибираат инфомрации за наводите.

 

„Државната комисија за спречување на корупцијата се уште прибира информации во однос на наводите“, стои во краткиот одговор.

 

Кои се таткото и синот Џеваир

 

Ибрахим Џеваир, сопственикот на Џеваир Холдинг од Турција во 2012 година почна со инвестицијата во Македонија позната како „Џеваир скај сити“, најпознатите висококатници во скопски Аеродром. Тој и екс премиерот Никола Груевски на 16 јули таа година формално го притиснаа копчето „старт“, кога се почна со градба на 50-катниците.

 

Тогашниот вицепремиер Владимир Пешевски на еден митинг откри дека Џеваир почнал со градење на иницијатива на тогашниот претседател Ѓорге Иванов, кој неколку месеци пред почетокот на градбата, во февруари 2012 година беше венчален кум на Есер Џеваир, синот на Ибрахим.

 

По смртта на Ибрахим Џеваир, кој почина од срцев удар во 2015 година, на директорските места во дел од фирмите, меѓу кои и македонската „Турмак“ застанува кумашниот на Ѓорге Иванов, Есер, кој минатата година се најде меѓу предавачите во Школата за млади лидери на Иванов.

 

Есер Џеваир минатата година на средба со градоначалникот на Аеродром, Златко Марин истакна дека неговата фирма „Турмак“ ќе го финансира кошаркарскиот клуб МЗТ. Освен тоа, тој лани беше назначен и како посебен конзул во Турција, во конзулатот со седиште во градот Едрене.