Денешна дата
26/05/2019

Многу резерви околу најавеното помирување на Пендаровски

Новиот шеф на државата Стево Пендаровски си постави приоритет – помирување и обединување на сите чинители во земјава. Но, како ќе обединува и помирува кога на свечената инаугурација не беше поканет лидерот на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ? Политичките партии со поделени ставови за приоритетот на Пендаровски. Едни се оптимисти во капацитет на новиот претседател, други не очекуваат дека тоа ќе се оствари

пишува: Светлана Унковска

 

Во своето прво претседателско обраќање новиот шеф на државата, Стево Пендаровски по положувањето на свечената заклетва порача дека еден од неговите главни приоритети ќе биде граѓанското помирување. „Речиси и да нема држава во Европа која е толку мала, а има толку поделби, особено политички кои во најголем дел се креирани од политичари“, истакна Пендаровски. Тој рече дека и подава рака на опозицијата затоа што чувствува обврска да ги штити статусот и правата на политичкото малцинство, иако бил предложен од мнозинството.

Време е да ги залечиме отворените рани од нашето скорешно минато и реално да го започнеме граѓанското помирување, затоа што немаме резервна татковина која можеме да ја наречеме наш дом. На тој пат сакам да се вложам без остаток, не водејќи сметка за сопствениот политички рејтинг. Сите добронамерни луѓе, политичари и партии што ќе решат да одат по истиот тој пат, ќе ја имаат мојата поддршка“ порача Пендаровски.

Како ќе помирува Пендаровски кога на инаугурацијата не беше поканет Мицкоски

Но сето ова убаво кажано и срочено за кратко време издиша како балон бидејќи на самата инаугурација на Пендаровски не беше поканет лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Нејасно остана и зошто не присуствуваше и премиерот и лидер на владејачката СДСМ, Зоран Заев, кој токму тогаш си зеде неколкудневен одмор. На кого му ја упати пораката Пендаровски и како ќе помирува кога за првиот човек на опозицијата не се најде потребно да му биде пратена покана. Од Собранието само кусо одговорија дека тоа било пракса и досега. Според собраниската служба на инаугурации на претседатели не се канат лидери на политички партии кои не се пратеници и дека тој не бил носител на висока државна функција.

Според досегашна пракса, на инаугурации на претседатели досега не се повикувале лидери на политички партии кои не се пратеници“ е ставот на Собранието.

Како Пендаровски ќе помирува и обединува, дали ќе го повика Мицкоски наскоро на средба и со тоа не само да биде поправена грешката во неиспраќањето покана, туку и да го направи првиот обид да се подотвори вратата за воспоставување нормален политички дијалог во земјава.

 

Опозицијата нема големи очекувања, власта со голема верба од најавите на Пендаровски

 

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ уште веднаш излегоа со соопштение во кое наведуваат дека подадената рака од страна на новоизбраниот претседател ја примаат со одредена резерва. И токму неиспратената порака за Мицкоски ја наведуваат како една од причините за нивните сомнежи. Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски вели дека повикот како форма е добар, но содржината е далеку спротивна од тоа.

Повикот е добар, но мора да е проследен со содржина. Прво што треба да направи е да се справи со политички диригираните постапки. Така што, ако е сериозно зафатен тоа да го реши, кој е можеби најдлабокиот проблем во моментов, тоа треба да е проследено со конкретни активности. Но, ако само по потреба на свечености и протоколарни настани е споменато, нема да има никаков резултат од тоа. Знаејќи како СДСМ дејствуваше во досегашните две години не сум оптимист, но оставам простор претседателот да покаже различен пристап од потезите на СДСМ. Треба да се запре филозофијата дека кога СДСМ е на власт ќе го уништува ВМРО-ДПМНЕ, а кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт да го уништува СДСМ“, нагласува Димовски.

Од друга страна, пак, Фросина Ременски од СДСМ и потпретседател на Собранието, вели дека очекува сите политички партии, нивните лидери и сите граѓани во државата да се соочат со реалноста дека државата ни е мултиетничка и дека политичките поделби најмалку треба да влијаат на концептот на еднакво и слободно општество. Потенцира дека верува во идејата на Пендаровски.

Знаејќи го капацитет интелектуален и политички на претседателот Пендаровски, длабоко сум убедена дека тој ќе подаде рака буквално на сите интересни групи, невладини организации, лидери на политички партии, медиуми. Но тоа исто така треба да влијае и да резултира и кај опозицијата со преземање на обврските околу заедничките интереси на државата. Мислам дека малку повеќе треба да се бара одговорност и од опозицијата, затоа што со нивното однесување поттикнува однесување и на други чинители во општеството и на обичниот граѓанин, а не нуди ништо на патот на стабилноста на државата. Народот е уморен од реторики и политички битки“, истакнува Ременски.

 

Зендели: Пендаровски има искрени намери

Пратеникот на опозициската Беса пак, Фадиљ Зендели оценува дека тоа што го порачал Пендаровски е искрена намера, но вели, потребни се конкретни чекори.

Намерата му е чиста и реална на претседателот во однос на помирувањето и обединувањето. Тој вети дека ќе соработува со сите политички субјекти и етнички заедници и мислам дека намерата му е искрена, но ќе видиме следните чекори што ќе ги преземе дали е тоа така. Претседателот го претставува единството на сите во државата без разлика дали се работи за власт или опозиција. Од него очекувам нормална комуникација со сите субјекти во државава, а дали ќе биде потчинет кон Владата како што беше довчерашниот претседател или ќе има свој став кој ќе биде одраз на реалноста во државава и колку реално ќе комуницира со сите. Отвореноста и транспарентноста ќе биде многу значајна“, оценува Зендели.

Артан Груби пратеник од редовите на ДУИ вели дека очекува оти Пендаровски ќе предводи во напорите за помирување меѓу сите политички партии и лидери во земјава, но и дека со овие заложби ќе донесе позитивни времиња за цела држава.

Очекуваме дека ќе предводи во напорите за помирување посебно на политичката елита и политичките партии врз основа на клучните приоритети на земјата, а тоа се интеграциите, меѓуетничките односи и економскиот развој. Очекуваме да биде кохезивен фактор помеѓу сите политички партии и да се стави во служба на помирување и единство. Инаку, не може да направи повеќе од тоа колку што му се надлежностите, но очекуваме да дејствува согласно со неговите надлежности и ќе видиме што конкретно ќе направи“, вели Груби.

Пратеникот на ГРОМ Панчо Минов со кратка и прецизна изјава оцени дека помирување во наши услови ќе биде многу тешко.

Вршењето на функцијата во интерес на сите граѓани е значајно и тоа одамна го кажа Пендаровски. Тој меѓу првите приоритети спомна дека ќе го афирмира политичкиот дијалог. Тоа е многу лесно да се каже, но е ѓаволски тешко да се реализира посебно на наш терен“, нагласува Минов.