Денешна дата
18/08/2019

СКОПЈЕ НИЗ ЗЕЛЕНАТА ПРИЗМА Е СИВО

Пишуваат: Ангела Рајчевска и Бјанка Станковиќ

Една година по донесувањето на Законот на урбано зеленило, Скопје останува сиво, без ветеното зеленило.

„Овој закон, како што јавноста е веќе запознаена е донесен во јануари 2018 година, и сметаме дека едно година од неговото донесување не е доволна имплементаицјата на овој закон за урбано зеленило„ – изјави пратенипчката Маја Морачанин, на конференцијата „Како да го зазелениме урбанизмот“ во организација на Зелен Институт, ДОМ и Фондација на  зелени од Холандија.

За неагилната имплементација на законот таа дополнува дека е потребна  поинтензивна работа на инспекциските служби и на локално и на централно ниво со цел да се обезбедат одредбите од овој закон.

„Јасно е дека треба и самите административни службеници кои што се одговорни во носењето и примената на деталните урбанистички планови да бидат посветени на сериозна имплементација на овој закон, затоа што одредбите од законот, и тоа е главната придобивка на законот за урбано зеленило на ГУП, треба да се проектира 25м2 по жител на зеленило, заодлжително минимум  20% зеленило на градежна парцела, исто така, зелениот катастар да се воведе и заштита на дрвјата, особено капиталните примероци“ – додаде пратеничката.

 

Зелениот катастар во застој поради обемна работа

 

Изминаа три и пол месеци откако беше промовиран долгоочекуваниот Зелен катастар од страна на Градот Скопје во соработка со УНДП, кога се попишаа 65.844 дрвја и 28.395 грмушки во градското зеленило. Но, на веб страната на Зелениот катастар се уште стои истата статистика и оттогаш нема никакви ажурирања на податоците.

Од град Скопје, велат дека поради комплексноста на работите, активностите се реализираат во фази.

„Досега се реализирани активности за геодетско снимање на зелените површини и дрвјата, грмушките и парковската инфраструктура. Изработена е ГИС апликација за преглед и управување со јавносто зеленило на територијата на град Скопје. Со геодетското снимање опфатено е зеленило на површина од 650 хектари“ – велат во изјава за ИНБОКС7 од општината.

Тие најавуваат дека во следните фази предвидено е снимање на зелените површини на институциите што се под надлежност на Град Скопје – јавните претпријатија, јавните установи, средните училишта и други.

„Во соработка со општините во Скопје, пак, предвидено е и дополнување на катастарот со зеленилото што е под нивна надлежност – блоковското зеленило и зеленилото во основните училиште и градинките. Во најнапредна фаза се предвидува и отворање на модул во кој секој граѓанин ќе може да го впише и зеленилот од сопствениот двор“ велат оттаму.

Ненад Коциќ, лекар и претседател на еколошкото друштво „Вила Зора“ од Велес, смета дека зелениот катастар уште некое време ќе биде само убава идеја, без конкретни активности околу неговара реализација.

„Не е доволно само да се презентира, туку е потребна и негова реализација. Нема да биде реализиран се додека не бидеме притиснати од треба страна да се однесуваме малку поодговорно кон сопствените природни богатства“ – изјави Коциќ.

 

 

Додека се врши попис на дрвјата, расте бројот на градбите

 

Според податоците на Државниот завод за статистика во март 2019 година се издадени 277 одобренија за градење, што е за 56.5 % повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Во извештајниот период е предвидена изградба на 276 станови, со вкупна корисна површина од 28 520 м2.

И минатогодишната анализа на Мета.мк, покажува дека само во периодот јули – септември 2018 година, на целата територија на Северна Македонија се продадени само 792 новоизградени станови. Иако во понудата на станови во Скопје, одамна ја надминува побарувачката, а најдобар показател за тоа се извештаите од Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности кои откриваат дека иако пазарот има над 5.000 непродадени станови, во моментов се градат двојно повеќе. Односно, за секој непродаден стан, се градат уште два нови.

 

Ненад Коциќ вели дека ниту еден закон не е толку лош, колку што е лошо непочитувањето на истиот.

„Трката за пари и богатство е посилна од љубовта кон животна средина. Треба да се прекине со узурпирањето на природните ресурси со цел да се заработи евро повеќе. Градовите се обезличени, гол бетон и сивило. Почнаа да немаат душа, зеленилото им ја дава убавината и топлината. Со неговото сечење се уништува и убавината на градот“ – додава Коциќ.

 

Зелените покриви – неопходност или декорација?

 

Зелените покриви се актуелни во големите европски и светски градови, но сепак најавата за зелена градина на покривот на Градскиот трговски центар во Скопје, наиде на остри реакции. Ова беше предизборно ветување на актуелниот градоначалник Петре Шилегов кое беше планирано да биде завршено оваа пролет.

Проектот за изградба на Зелен кров на ГТЦ е трипартитен проект каде учествуваат три страни: Град Скопје, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП)и АД ГТЦ. Финансиските средства се обезбедени од Град Скопје, проектот е на АД ГТЦ, додека сите постапки беа спроведени од страна на УНДП.

Набргу по најавата, новинарите ја обелоденија информацијата дека на зелениот покрив ќе има еднаква површина на трева и на бекатон, со што се дојде до заклучок дека оваа идеја е само „дотерување“ на ГТЦ наместо корисно решение за загадениот воздух во главниот град.

 

На прашањето до каде е реализацијата на проектот за зелен покрив на ГТЦ, од Град Скопје велат дека процесот се водел според важечките правила за јавни набавки на УНДП, согласно договорот меѓу УНДП и градот, како и согласно меморандумот за соработка со АД ГТЦ.

„Имајќи предвид дека постоеја извесни реакции од дел од фелата на архитекти, по што на барање на Град Скопје, во рамки на законските можности кои што се дадени и праивлата кои што беа определни од УНДП, преку „Скопје урбан центар“, каде што се членки Здружението на архитекти и Архитектонскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, ќе бидат извешени определени корекции на проектот. По тоа, треба да се избере и надзор и да се аплицира за градежна дозвола“ – изјавија од општината.

Па така, надежно, ГТЦ својот зелен кров може да го добие дури наредната пролет.

 

Популистички мерки – брзи решенија за властите

 

Од О2 иницијативата остро ја критикуваа изјавата на Петре Шилегов во врска со тоа дека само 187 од над 1.000 заробени дрва во Скопје се под надлежност на општината.

Тие посочуваат дека Шилегов како градоначалник кој раководи со Координативното тело на градоначалниците во градов, има можност и должност, да го постави ослободувањето на сите заробени дрвја како заедничка акција.

„Ако можело во минатото градоначалниците да се координираат за заедничка акција за чистење во сите општини во Скопје и јавните претпријатија да работат интензивно на територијата на една општина во период од 7 дена, може и ова да се спроведе на сличен начин, пред да започне летната сезона и жештините доведат 200 до 300 исклучително загрозени дрва да угинат“ – дополнуваат активистите.

 

Ненад Коциќ смета дека е повеќе од потребно подигање на јавната свест, но и активно вложување од страна на локалните и националните авторитети.

 

„Треба да се вложат и општествено одговорните компании во обезбедувањето на еколошки превоз, обновливи извори на енергија, пошумување и тоа не само во доцна есен и зима кога воздухот е најзагаден, туку во текот на целата година. Значи, зголемување на инвеститициите и ревно практицирање, а не само симболично промовирање на еколошките начини на живеење“ – вели Коциќ

 

Зеленилото носи здравствени придобивки кои што придонесуваат кон здраво општество

 

Шумското капење (forest bathing) или времето поминато во шума или друг зелен простор за да се искористат здравствените придобивки стана попопуларна активност во последниве години, особено во некои земји, како Јапонија, каде оваа активност е сфатена многу сериозно. Таа е веќе добро потврдена здравствена навика која во последниве неколку години доби многу популарен и научен интерес.

Новата мета-анализа во списанието Environmental Research покажува дека луѓето кои поминуваат повеќе време во зелените површини имаат значително намален ризик за голем број хронични болести. Веројатно постојат неколку механизми зад оваа врска, но една од причините има врска со фитохемикалиите што ги испуштаат дрвјата, а луѓето ги вдишуваат.