Денешна дата
19/11/2019

НЕНАД КОЦИЌ: ГРАДОВИТЕ СЕ ОБЕЗЛИЧЕНИ, ГОЛ БЕТОН И СИВИЛО

  • Ниеден закон не е толку лош, колку што е лошо кога тој не се почитува
  • Трката за пари и богатство е посилна од љубовта кон животната средина
  • Зголемување на инвестициите и ревно практицирање а не само симболично промовирање на еколошките начини на живеење 

 

Докажано е дека зеленилото носи многу здравствени придобивки. Па така, властите често пропагираат популистички решенија, зелени покриви, дрва за секое дете, електрични тротинети и слично. За функционалност на овие мерки и неопходноста од поголемо ангажирање на властите за изградба на здрава животна средина, разговаравме со Ненад Коциќ, лекар и претседател на еколошкото друштво „Вила Зора“.

 

Дали се корисни овие мерки за создавање на здрави навики?

 

  • Секако дека што повеќе мерки, толку е подобро да се влијае на навиките на луѓето активно да се вклучат во грижата за животната средина и подобрувањето на условите за живот. Повеќе од потребно е подигнување на јавната свест, но и активно вложување од страна на локалните и националните авторитети, како и од општествено одговорни компании во обезбедувањето на еколошки превоз, обновливи извори на енергија, пошумување, и тоа не само во доцнаесен и зима кога е воздухот најзагаден, туку во текот на целата година. Значи, зголемување на инвестициите и ревносно практицирање а не само симболично промовирање на еколошките начини на живеење. 

 

Долгоочекуваниот зелен катастар беше промовиран во јануари. Оттогаш па до сега не се ажурирани податоците за бројот на дрвјата. Кој е Вашиот коментар во врска со ова?

 

  • Мислам дека зеленито катастар уште некое време ќе биде само убава идеја, без конкретни активности околу неговата реализација. Сепак не е доволно само да се презентира, туку е потребна и негова реализација. Нема да биде реализиран, се додека не бидеме притиснати од трета страна да се однесуваме малку поодговорно кон сопствените природни богатства. 

 

Додека пописот на дрвјата е во застој, расте бројот на зградите. Граѓаните се уморни од протести, а градоначалниците со изговори дека дел од одлуките се веќе донесени од нивните претходници. Коментар за изградбата на непотребни згради што ја гушат природата?

  • Ниеден закон не е толку лош, колку што е лошо кога законот не се почитува. Трката за пари и богатсво е посилна од љубовта кон животната средина. Донесувањето на Деталниот урбанистички план (ДУП) од страна на локалните власти МОРА  да биде согласно позитивните законски прописи, а инвеститорите да се придржуваат кон добиените дозволи. Треба да се прекине со узурпирањето на природните ресурси со цел да се заработи евро повеќе. Градовите се обезличени, гол бетон и сивило. Почнаа да немаат душа, зеленилото им ја дава убавината и топлината. Со неговото сечење се уништува и убавината на градот. 

 

Како претседател на еколошкото друштво „Вила Зора“, што се залага за здрава животна средина, кои се вашите ставови и предлог мерки со кои би се овозможила една поздрава средина и подобар живот?

  • Има многу проблеми, а со тоа се потребни и многу мерки. Прво, ригорозно почитување на законите, казнување на загадувачите, правилни третирање на отпадот, инвестирање во одржливиот развој, искористување на обновливите извори на енергија, намалување на дрвокрадството и сечењето шума, како легално, така и илегално, гасификација. Потоа зајакнување на Министерството за животна средина и просторно планирање и ангажирање на луѓе кои си ја знаат работата. Фонд за животна средина, искористување на капацитетите на НВО секторот…