Денешна дата
31/05/2020

МВР потрошило 167 илјади евра за набавки без јавни огласи

Министерството за внатрешни работи во 2018 година склучило договори со повеќе фирми, дел преку јавни набавки, дел преку преговарање, без јавен оглас. Се набавувале униформи, опасачи, кошули, маици „поло“ и останати работи за потребите на припадниците на МВР

  • Фирма која со години новогодишно го украсува Скопје, склучила договор по пат на преговарање за набавка на маици и опасачи за потребите на МВР
  • Сите фирми по договорите по пат на преговарање добивале и други тендери како понудувач со најниска цена

ДОКУМЕНТАЦИЈА

1 2 3 4


Пишува: Александар Тодески

Министерството за внатрешни работи пред речиси една година го обвини претходното раководство за неквалитетните униформи за кои реагираше Независниот полициски синдикат. Но, додека тоа се говореше на прес конференции и во изјави за медиумите, МВР нарачувало делови од униформи, но не по пат на јавни огласи, туку преку преговарање, повикувајќи се на „итност“. Вкупната вредност на договорите по пат на преговарање за минатата година изнесува речиси 167 илјади евра, односно над 10 милиони денари.

 

Што се набавувало без јавни огласи

Министерството за внатрешни работи во 2018 година склучило договори со повеќе фирми, дел преку јавни набавки, дел преку преговарање, без јавен оглас. Се набавувале униформи, опасачи, кошули, маици „поло“ и останати работи за потребите на припадниците на МВР. Сепак, на површина излегоа неколку фирми преку кои МВР најчесто набавувало опрема за вработените.

Лидер во набавките е фирмата „Дона-М“ од Штип, која за потребите на МВР нуди се, од кошули и вратоврски до чизми. Фирмата, само преку Министерството, за овие две години година заработила 301.327 илјади евра, или нешто повеќе од 18,5 милиони денари. Со штипската „Дона-М“, сопственост на Добре Митев од Штип, МВР, преку преговарање, минатата година набавувало униформи за помлади полицајци, договор тежок 4.647.312 денари, пари за кои нарачале 1.200 кошули и исто толку вратоврски и кратки виндјакни.

Оваа штипска фирма е основана во 1991 година, а основна и единствена дејност и е трговија на големо со текстил. Сепак, фирмата конкурирала и добила тендер од МВР за набавка на чизми. Преку електронска аукција, оваа фирма дала најниска понуда за набавка на 464 пара машки и 39 пара женски чизми, договор тежок 975.978 денари. Највисокиот тендер кој го добила оваа фирма, која во јавните набавки на МВР за прв пат се појавува во 2017 година е оној за 7.000 џемпери, за што Министерството искеширало над 10 милиони денари.

Фирмата „Фамафлекс“ од Скопје, сопственост на Зоран Адамовиќ се најде меѓу оние преку кои МВР вршело набавки во четири очи. Според податоците од Централниот регистар, адресата впишана како седиште на оваа фирма е домашната адреса на Адамовиќ, сопственик, но и управител на „Фамафлекс“.

Министерството за внатрешни работи преку оваа фирма набавило „БК“ капи во четири очи, но и ракавици за регулирање на сообраќајот, работни униформи и маици, набавки кои „Фамафлекс“ ги добива како понудувач со најниска цена. Фирмата за овие три набавки добила вкупно 90.672 евра, или 5.5 милиони денари, од кои 13.126 евра или 807.686 денари преку договор по пат на преговарање.

Фирмата „Фамафлекс“, која е основана во 2005 година пред четири години ја проширила својата дејност. Па така, освен „производство на останати текстили, неспоменато на друго место“,  во јануари и февруари 2015 година добила три лиценци – за вршење процена од областа на земјоделството, лиценца која ја издало Министерството за земјоделство-шумарство и водостопанство, потоа, лиценца за вршење процена од областа на подвижен имот од Министерството за економија и лиценца за вршење процена од областа на недвижен имот, издадена од Министерството за транспорт и врски.

На еден од влезовите за паркинг во Трговскиот центар „Веро“ има автоперална. Нејзин сопственик е фирмата „Линк Медиа Плус“, фирма која со години ги добива тендерите за новогодишното украсување на Град Скопје. Сепак, сопственикот Ѓорги Вуков одлучил дека освен „услужни дејности за уредување и одржување на животната средина“, оваа фирма треба да ја прошири дејноста, па така, во Централен регистар како други дејности е заведено и „сите евидентирани дејности во надворешно-трговскиот промет“.

Освен тендерите за новогодишно украсување, „Линк Медиа Плус“ одлучила да се вклучи и во тендери со кои досега не работела, па така, преку договор во четири очи, фирмата склучила договор со Министерството за внатрешни работи. Оваа фирма по пат на преговарање со МВР добила над 78 илјади евра, или 4.814.400 денари за набавка на 1200 маици „Поло“ и 1200 опасачи. И за овој договор по пат на преговарање, МВР се повикува на итност.

Новинарката Александра Филиповска која подетално ги истражуваше договорите на оваа фирма и МВР, пишува дека фирмата добила повеќе тендери од Министерството вредни речиси 200 илјади евра.

Освен овие фирми со кои МВР договарало набавки по пат на преговарање, без објавување на оглас, се склучиле и договори со други фирми, преку кои се набавувале униформи за специјалната полиција, но и ремени, панталони, кошули и останати делови од униформите за потребите на припадниците на МВР. Во 2018 година, Министерството за внатрешни работи склучило 12 договори со 7 фирми со вкупна сума од 1.433.321 евро или нешто над 88 милиони денари.

 

Во 2016 и 2017 година драстично помалку набавки, една без јавен оглас

 

Во 2017 година, Министерството за внатрешни работи склучило четири договори за набавки – три преку јавни огласи и еден по пат на преговарање. Се набавувале чевли, кошули и ремени од три различни фирми, а вкупната сума за набавки била  безмалку 102 илјади евра, односно 6.272.976 денари.

Оваа година се јавува и договор кој е склучен по пат на преговарање, без јавен оглас, исто така поради „итност“. Неговиот износ е поголем од целокупните јавни набавки во 2017 година, односно 152.427 евра, или 9.376.752 денари.

Договорот е потпишан со фирмата „Годомин“, а се набавувале 660 пара панталони, 660 кошули со долги ракави, 660 летни капи, 660 кратки виндјакни, 660 ранци и 660 маици.

Технички министер за внатрешни работи до декември 2016 година беше актуелниот министер Оливер Спасовски. Негов дополнителен заменик министер беше прво екс директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, а потоа еднодневниот министер, Оливер Андонов. Во тој период, според документите кои МВР ги достави до Инбокс7, се извршиле само 2 јавни набавки.

Потписник на двата договора е Ѓоко Поповски, поранешниот помошник министер во МВР кој доби 4,5 годишна затворска казна за набавката на Мерцедесот. И двата договора се за набавка на чизми, но од различни фирми.

Во првата набавка, како понудувач со најниска понуда се појавува фирмата „Пинко“, која за испорака на 3.000 пара високи специјални чизми за припадници на полицијата, добила 284.660 евра или 17.511.200 денари. Во договорот е наведено дека фирмата е препродавач, односно чизмите ги изработува фирмата „Техномат Меркуриј“ со седиште во Габрово, Бугарија.

Втората јавна набавка за чизми ја добива друга фирма, велешката „Си-Кон“. Тука, министерството нарачало 500 пара чизми – 250 пара зимски и 250 пара летни чизми, а МВР на „Си-Кон“ за тоа и искеширало 4.768.970 денари или 77.523 евра.