Денешна дата
18/02/2020

Јован Вранишковски не бара помилување, чека одлука од aпелација

Поранешниот владика на МПЦ, Јован Вранишковски, кој издржува казна затвор за финансиска проневера, самиот нема да бара помилување, туку ќе ја чека одлуката од Апелацискиот суд. Ослободувањето на Јован како услов за повторно отпочнување на 12 години замрзнатите разговори меѓу Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и Српската Православна Црква, го постави српската страна. Како инцијатива за отпочнување на дијалог меѓу двете цркви е писмото од Синодот на МПЦ испратено до Белградската патријаршија

Помилување или ослободување со судска пресуда се двете можности за излегување од затвор на некогашниот владика на МПЦ, Јован Вранишковски, кој е веќе седми пат зад решетки. Тој утре од затворот Идризово треба да биде донесен на закажаното судско рочиште во Апелацискиот суд во Скопје. Од црквата на Јован Вранишковски, ПОА велат дека нивниот архиепискот не поднел барање за помилување.

Вранишковски нема да поднесува такво барање. Причина за тоа е зашто судскиот процесот во моментов е пред Апелациски суд, кој ќе заседава утре (14 мај), и кој допрва ќе треба да ја соопшти одлуката“, објаснува за Инбокс 7, Давид Нинов, владика во ПОА.

Покрај апелација, постои уште една можност за излегување на Вранишковски од затвор, тоа е аболиција од страна на претседателот на Република Македонија, без било какво претходно барање, а може да ја даде во било кое време од годината.

Според процедурата, аболиција предлага министерот за правда, а одлуката ја потпишува претседателот Ѓорге Иванов, чија инаугурација за нов петгодишен мандат беше одржана вчера.

Постизборна Македонија се уште е на ниво на преговори за формирање на нова влада и распределба на министерските места, па оттука неизвесна е и позицијата на досегашниот министер за правда Блерим Беџети. Овој институционален вакуум ја исклучува било која можност за отворање процедура за помилување.

 

Пред еден месец (16 април 2014 г.), беше одложен претресот на Апелацискиот суд во Скопје по однос на жалбата на одлуката на Основниот суд Скопје I, со која Јован Вранишковски е осуден на нова тригодишна затворска казна, а осудени се и епископи, свештеници, монаштво и верници на Православната Охридска Архиепископија. Вранишковски, кој се наоѓа во затворот во Идризово, од необјасниви причини не беше донесен од страна на затворските власти.

Во исто време притисок за ослободување на првиот човек на ПОА, Јован Вранишковски, континуирано прави Српската Православна Црква која тоа го постави како услов за продолжување на замрзнатите преговори со Македонската Православна црква- Охридска архиепископија.

MPC

Српскиот патријарх Иринеј и при воскресенската посланица и при божиќната порака не пропушти да потсети дека во Македонија се спроведува државен прогон врз верска основа против, како што тој истакна „Архиепископот охридски г.г. Јован и Православната Охридска Архиепископија“. Тој упати апел како до властите на Р. Македонија, така и до меѓународната заедница веднаш и неизоставно да го ослободат Вранишковски, а на неговата црква да ѝ обезбедат полно право и слобода, што според законот ѝ припаѓаат.

После Белград, помилување за Вранишковски побараа и центарот на православието– Цариград, како и седиштето на Руската православна црква- Москва. 

 

Г.Г. Стефан: Дијалогот треба да се води отворено и без условувања

 

Светиот Архиерејски Синод на МПЦ-ОА на својата последна седница донесе одлука за испраќање писма до патријарсите, српскиот Иринеј, рускиот Кирил и вселенскиот Вартоломеј. Испраќањето на писмата треба да придонесе кон интензивирање на црковната дипломатија, и како што објаснуваат од Синодот, сè со цел работите да се поместат од мртва точка до Вселенскиот црковен собор, кој треба да се одржи во 2016 година.

Писмото за помирување, после 12 години замрзнати односи меѓу СПЦ и МПЦ-ОА, се очекува да биде тема на Саборот на српската црква неделава во белградската патријаршија. Но, извесно е дека се додека Вранишковски е зад решетки, македонската и српската страна нема да можат да седнат на маса.

 

Расположението меѓу македонските владици за ослободување на Јован се повеќе се зголемува. Неофицијално извори во Синодот, велат дека сепак најмногу поглаварот г.г. Стефан и владиците Петар и Агатангел не биле согласни на исполнување на условот поставен од српска страна.

 

arhiepiskop Stefan

Дијалогот треба да се води отворено и без условувања, без поставување линии и можности. Сакаме да разговараме и да дојдеме до решение поради црквата и православието и, штом тоа е влогот, мора со искреност да се трудиме да направиме сѐ“, рече меѓу другото во велигденското интервју за Нова Македонија, поглаварот Стефан

За потсетување, последните официјални разговори СПЦ – МПЦ во 2002 год., резултираа со потпишување на Нишки договор, кој подоцна македонската страна го прогласи за ништавен.

 

 

Што со црквата на Вранишковски, ПОА?

 

Евентуалното излегувањето на Јован Вранишковски на слобода ќе го отвори и прашањето за решавање на статусот на неговата црква ПОА.

Тргнувајќи од член 19 од Уставот на РМ, која ја гарантира слободата на вероисповеста и член 20 кој на граѓаните им гарантира слобода на здружувањето, новинарот и добар познавач на црковсните состојби во Македонија, Зоран Бојаровски вели дека нерегистрирањето на ПОА во Македонија претставува селективност и дискриминација во однос на верските права и слободи.

Во 2007 година, пратениците во македонскиот парламент, имајќи ја европската перспектива на нашата земја, донесоа измени и дополнувања на Законот за  правната положба на црква, верска заедница и религиозна група (Сл. Весник на Р. Македонија бр.113/07 од 20.09.2007 год.) и со тоа ги усогласија принципите на еднаквост и ја потврдија уставното загарантираната слобода на верско изразување и здружување. Со тоа, од правна гледна точка, МПЦ нема ексклузивитет во однос на православната христијанска вероисповед“, објаснува Бојаровски за Инбокс 7.

 

Нова шанса за решавање на статусот на МПЦ-ОА

 

Нерешениот статус на МПЦ-ОА добива нова шанса, преку позитивните сигнали кои стигнуваат од сите страни.

zoran Bojarovski

Новинарот Бојаровски смета дека заради верниот народ во Република Македонија, кој исповеда православно христијанство, заради клирот и архијереите на МПЦ, „многу поважно е сега, кога има сигнали од сите страни за уште еден обид за решавање на статусот на МПЦ-ОА, да и’ дадеме шанса на таа можност и сите заедно да се радуваме на позитивниот исход кој ќе биде од огромно значење и за угледот на Република Македонија.

 

 

 

 

Прашањето на статусот ПОА во Македонија, која веќе одамна го доби томосотод СПЦ, ќе се отвори и во текот на преговорите за решавање статусот на МПЦ.

Европскиот митрополит Пимен, истакнува дека е неспорно дека кога ќе почнат преговорите ќе се разговара и за статусот на ПОА, односно нејзините владици кои се поставени на истите епархии каде и МПЦ-ОА има свои епископи.

vladika Pimen

Ќе треба да објасниме во преговорите дека на владиците не би можеле да им дадеме епархија затоа што народот после негативната пропаганда нема да ги прифати како свои пастири на конкретни епархии“, изјави митрополит Пимен за Инбокс 7.

 

 

 

За разлика од владиката на МПЦ, владиката Давид од ПОА смета дека не постои никаков проблем.

david

Еве, одговорете си сами на следново прашање: дали епископите на ПОА сослужуваат со епископите од сите помесни цркви? Дали епископите на МПЦ стремат кон тоа и тие да сослужуваат? Доколку тие го постигнат тоа, зар тоа нема да значи единство помеѓу нас и зар нема да значи дека ќе бидеме една црква? Зар не е тоа нешто што сите го посакуваме? А, доколку дојде до тоа единство, моето искуство е дека не постои проблем во црквата, кој низ разговор не може да биде решен“, одговори Давид.

 

 

 

Јован Вранишковски е веќе седми пат во затвор

Откако беше уапсен во декември 2011, година, кога доброволно влезе во Македонија очекувајќи дека ќе се брани од слобода при обновениот судски процес, Вранишковски веќе две години и шест месеци е во затвор. Осуден е за финансиски проневери додека бил владика повардарски во МПЦ-ОА.

Според пресудата, осуден е за следново: МПЦ го тужи за проневера на четиригодишните буџети додека бил епископ во МПЦ. Пресудата на судот во Велес подоцна ја потврди и Апелацискиот суд.

Кога беше уапсен во Бугарија, судот во Софија одби да го екстрадира во Р. Македонија, токму со образложение дека не е возможно севкупниот буџет да биде проневерен, бидејќи од приложените документи е очигледно дека се плаќале сметки, плати за вработените и слично. На пример во обвинението стоеше и дека купил автомобил, но никој не пренесе дека тој автомобил е купен со одлука на епархискиот Управен одбор за потребите на Митрополијата, и дека архиепископот Јован не го зел со себе, туку дека автомобилот и денес е во сопственост на МПЦ,“ објаснуваат Давид Нинов од ПОА.

Судот во Бугарија тогаш излезе со образложение дека е очигледно спроведувањето на државен прогон врз верска основа под плаштот на пријавите за проневера.

Од 2002 г., до денес, Јован во затвор бил дури седум пати, а сега е осуден на нови три години затвор

Во последниот извештај за човекови права на Стејтдепартментот во делот за верските слободи во Македонија, од мај минатата година, е нотиран проблемот со ПОА и нивниот архиепископ кој се наоѓа во затвор.

Уредник: Стојанка Митреска

stavrova@inbox7.mk