Денешна дата
14/10/2019

Иванов се сели во наместени станови, но нема да може да влегува секој

Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија ексклузивно дојде до договорот на владината Служба за општи и заеднички работи со фирмата “Турмак”, чии станови ќе користи екс шефот на државава, Иванов

Засега е склучен само преддоговор, чија содржина се наведува дека е “деловна тајна”

 

 

Пишуваат: Жаклина Хаџи Зафирова и Александар Тодески

 

 

Просториите во висококатниците Џевахир со поглед од птичја перспектива кои поранешниот претседател Ѓорге Иванов ги побара за доживотни канцеларии ќе ја чинат државата над 2.000 евра месечно, заедно со канцелариски мебел и месечните трошоци за комуналии. Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија ексклузивно дојде до преддоговорот кој Службата за општи и заеднички работи го потпиша со фирмата “Турмак”, сопственик на „Џевахир Скај Сити“, во кој, меѓу другото, се наведува дека содржината на овој документ е деловна тајна.

(Отвори го документот од договорот овде)

Што е наведено во договорот

Службата за општи и заеднички работи ги прифатила барањата на Иванов, неговата канцеларија и канцеларијата на неговиот кабинет да бидат лоцирани со разлика од 16 ката во прво изградената зграда на Џевахир. За користењето на овие простории од 274 квадратни метри, Службата за општи и заеднички работи на Владата склучила преддоговор (кој го објавуваме во целост) по кој се очекува да се склучи и конечен договор за изнајмување на просториите наведени во овој документ. Во сумата за кирија е предвиден и канцеларискиот мебел, но не е јасно дали сумата од 1950 евра за кирија е нето или бруто. Но, ова не е конечниот цех за просториите на Иванов, бидејќи на оваа сума ќе се додадат и трошоците за струја, вода, греење и други трошоци согласно квадратурата, што секако ќе ја надмине сумата од 1950 евра месечно.

“Закупнината е фиксна и на месечно ниво изнесува 1950 евра со вклучен ДДВ или 7,11 евра месечно со пресметан ДДВ по метар квадратен, изразено во денарска противвредност според средниот курс на НБРСМ на денот на фактурирањето. Данокот на додадена вредност ќе го плаќа закупецот и истиот ќе се пресметува како посебен износ во фактурата”, се вели во преддоговорот меѓу фирмата “Турмак” и СОЗР, кој Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија го доби како одговор на нашето барање користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Инаку, во документот се наведува дека полномошник на фирмата “Турмак” е Хана Муминовиќ, роднина на поранешниот пратеник Рафет Муминовиќ.

Во преддоговорот стои дека закуподавецот, односно фирмата “Турмак” мора да има увид кој секојдневно ќе влегува кај Иванов, а ќе се склучи и Протокол за посета на надворешни лица во канцелариите на екс претседателот Иванов.

Договорот-деловна тајна

Во член 15 од Преддоговорот се наведува дека содржината на документот е деловна тајна.

“Договорните страни се согласни дека содржината на овој Преддоговор претставува деловна тајна и се должни да го ограничат пристапот на истиот само на овластени вработени или овластени трети лица кои се непосредно задолжени за извршување на одредбите од Преддоговорот”, се вели во документот, во кој се потсетува за кривична одговорност во случај на издавање на тајната поврзана со просториите каде ќе биде сместен Иванов.

По дефиниција, деловна тајна може да бидат научните или техничките информации, дизајни, мостри, процеси, постапки, формули, бизнис планови, финансиски информации и списоци на имиња, адреси или телефонски броеви, но не и информации за трошења на државни функционери, посебно ако е добиена по пат на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, а се однесува на трошење на буџетски средства кои доаѓаат од граѓаните.

Антикорупциска уште не донесе заклучок за канцелариите на Иванов

Дали има непотизам и како се бирале просториите кои екс претседателот Ѓорге Иванов ги побара за свои канцеларии по завршување на мандатот, се уште нема одговор од Државната комисија за спречување корупција.

Антикорупциската комисија потврди уште минатата недела дека ќе отвори постапка за овој случај, кога од Службата за општи и заеднички работи кажаа дека Иванов канцелариите ги одбрал во Џевахир, односно преку фирмата Турмак, чиј сопственик и директор, Есер Џевахир е негов кумашин.

Сомнежите за тоа како се бирани просториите се зголемија откако се обелодени дека едната канцеларија се наоѓа на 22 кат, додека пак другата на 38 кат од висококатниците, што и се потврди со овој документ.

Претседателката на антикорупциската комисија, Билјана Ивановска истакна дека освен можен судир на интереси ќе се испитува и постапката за избор на канцелариски простор кај досегашните претседатели.

„Ќе испитуваме дали  државната Служба за општи и заеднички работи може да понуди простории, ако нема, тогаш како се врши изборот на тие простории“, изјави Ивановска.

Освен канцелариите на Иванов, Антикорупциската комисија ќе го „чешла“ и начинот на кој екс претседателот Бранко Црвенковски ги одбрал канцелариите близу седиштето на неговата матична партија, СДСМ.

* Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Промовирање отчетност преку истражувачко известување”.