Денешна дата
19/11/2019

ТРИЕСЕТ НЕДЕЛИ ТРИЕСЕТ ПОЕНТИ

Од недела во недела, последователно триесет на „Инбокс7.мк“.

Напишано од: Зоран Иванов

 

Хронолошката ретроспектива во текстовите прикажана само со по поента, две од секоја од нив, вели:

Европска бајка наместо мелем на раната: Кабинетското проектирање на референдумската кампања со нагласени акценти на европскиот сон на сметка на домашното јаве, не го допре пулсот на граѓаните.

Шумолењето на народот и наглувоста на власта: Преспанскиот договор нема да ги амнестира предизборните ветувања. Ќе се подразбуди ли актуелната политичка гарнитура или и таа, како непосакуван континуитет на уникатната македонска политичка матрица, ќе го потврди народниот впечаток дека – сите се исти.

Мaкарти од наше маало: Ако е факт дека во нашето законодавство навредата е декриминализирана, тоа подразбира државата да си седи настрана од јавните полемики на слободниот и слободарски интернет простор колку тие за некого и да се навредливи.

Ако странците не бдеат над државава таа одамна ќе ни отидеше јабана: Клучните партиски фактори уште не најдоа за умно барем малку да се европизираат. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не го напуштаат примитивизмот во меѓусебната комуникација дури и кога теми се највиталните државни интереси.

Ако избори има утре ќе победи никој: Но сега, парахеројот на тоа негово криминално време ликува од главниот унгарски град. Пишува писма, испраќа пораки, дели лекции, соли памет. Ја пушта власта посрамотена и понижена да си се снаоѓа во сопственото неснаоѓање.

Државата на Николо Макијавели: Во овие редови прашањето не е дали политиката го повредува правото, туку дали, во ова актуелно македонско време, инсистирањето на правото не ги повредува перспективите на државата.

Инфузија за покојникот: Буџетското помагање на увозници на хартија, на сопственици на печатници и на дистрибутерски фирми, е видливо дефектна состојба. Мирисот на печатарската боја одамна не е привлечна ниту за најголемите носталгичари.

Назад во парламентот: Да се биде продуктивен и почитуван претседател на држава, конкретно на нашава, најмалку е важен изборниот модел.

И правта слегна и маглата се крена: Македонија останува едниствениот меѓународен субјект, единствената држава во светот запишана во тетаратката на ООН која во своето име и натаму ќе го носи милениумското Македонија.

На работа на Илинденска или во егзил на Водно: Дали веќе крева раце од нас и се подготвува за збег од премиер за претседател, од жешката и секогаш виновна Илинденска бб во мирната и спокојна резиденција на Водно, е сега најактуелното прашањето од јавноста до него.

Право – правда &каша – попара: Крикот ќе се загуби во далечините без повратно ехо до креаторите на актуелниот политички амбиент кои од оваа мала надежна земја повторно направија каша попара.

Нема демократска држава со тоталитарни политички партии: Кога се на власт тие со државата управуваат со истите тоталитарни манири како што тоа го прават и со своите партии – царува молкот и нема ниту „д“ од внатрешно партиски демократии.

Меѓу сонот и јавето: Нема каде, ќе си се испоразбудат сите. Од најромaнтичарните сонувачи до најтврдокорните националисти. Од најстудениот и најрационалниот родољуб до најзапалениот и најбунтовниот патриот. Сонот заврши. Ни остана јавето. Би било умесно од овој компромис да го издвоиме нашето парче победа.

Истокот нè отпишува Западот не нè запишува: Политиката од граѓаните направи навивачки групи со стравови, ксенофобии, антагонизми. Ова е мигот кога конечно можеме да му дозволиме на Истокот да не`отпише и да го пуштиме Западот да не`запише.

Со претседател, а без претседател: Политиката на делби се форсира и за престојниве избори па многу извесно е земјава пак да добие претседтел, а да не добие претседател легитимен за сите.

Славата милува ама корупцијата урива: Ова е време во кое Зоран Заев ја доби војната во војна. И време во кое му се потребни избори за да не ја изгуби битката во мир. Шанса со нови луѓе до посакуваната држава спакувана според насоките од Прибе.

Приватизирана власт: Граѓанското незадоволство без пардон ги соголува лажните моралисти во власта. Владејачката партија забрзано вози во рикверц. Таа ја измести својата предизборна диоптријата од времете на уривањето на режимот.

Вариете Македонија: Не е најважно со кого власта ќе и`се спротивстави на кандидатката на опозицијата. Важно е со која личност таа ќе го мотивира постреферендумското  депресивно гласачко тело на изборната 21-во априлска недела да излезе од дома.

Сожни попови и во петок мрсат: Сакате вработување, преку партија. Сакате тендер, преку партија. Сакате стипендија, преку партија, сакате унапредување, исто така преку партија, сакате проект, пак преку партија. Сакате живот, и тоа само преку партија.

Претседателските – изборот е меѓу сега и вчера: Доколку и во двата круга, особено во вториот, и власта и опозицијата успет да ги мотивираат луѓето во потребниот број да излезат на гласање, за Силјановска оваа трка е однапред изгубена.

Од претседателските се плашат сите: Доколку не се оствари потребната излезност, тоа ќе биде мошне непријатно особено за СДСМ и за ВМРО-ДПМНЕ. Уште по непријатно ќе биде тоа за нивните партиски лидери. Фијаското на овие претседателски нема да е победа за граѓаните. Но ќе биде тоа тежок пораз за политичарите и за нивните политики.

Груевизам & Вучиќизам: Српскиот современ вожд не сака или не умее да види дека упадот во македонското собрание беше упад за подршка на режим, а дека упадот во српската радио телевизија беше упад за рушење режим. Разлика е мала, само сто и осумдесет степени.

Лидерство заглавено во рикверц: Политиката што ја форсира Мицковски е политика во стилот на својот претходник. Продолжува да пимпла истрошен патриотизам и да пумпа гол популизам кој води кон никаде. Тој не покажа дека умее своето членство да го поведе по нови чисти, современи, неизодени развојни патеки.

Идентитет &  идентификација манипулација: Идентификацијата и идентитетот се поими што треба да се разграничат и да се објаснат. Тие ниту по форма, ниту по содржина, немаат ништо заедничко. Идентитет не е тоа што пишува на документот, туку тоа што е веќе запишано во секој од нас.

Општеството за сите се тркала кон држава за сите: На македонскиот политички систем за брзо време ќе му биде потребно нова доза системска инфузија. За новиот европски терен на Северна Македонија и`треба уште по некоја уставна глазура. Уште по некоја храбра дефиниција без национални комплекси. Институционално решение кое ќе гарантира еднакво, етнички неконфликтно и стабилно македонско општество.

Под еден, под два, под три и збор за Прибе: Некој конечно да ја отвори неговата тетратка со училиштните тестови наменети за нашите политички елити. Дотогаш ќе си дремеме на клупата на старата балканска станица чекајќи го товарниот воз за Европа.

Малите партиски победи во големите партиски порази: Доминантен е впечатокот дека елитистите ги заменија популистите, дека апатијата го надвладеа оптимизмот и дека таквата општествена состојба се рефлектира во граѓанското игнорирање на овие избори.

За апсурдот на овие претседателски: Наместо со веќе изветвените кампањи да не влечкаат по улиците, политичарите да си се скрасат во собранието и таму да си ги бијат битките за избор на станар за резиденцијат на Водно. Изборот во собранието ќе ги ослободи партиите од сегашниве понижувачки мољакања немотивираните граѓните да им излезете на гласање и да им го спасуваат образот.

Победи & порази: Изборите завршија. Победија сите освен Силјановска и постизборно Иванов. Првата е поразена од Пендаровски, вториот се самопорази пред Папата. Иванов повика да ја препознаеме симболиката на посетата на Папата. Ние ја препознавме. Тој не успеа во тоа.

Со метла или без неа – или тој нив или тие него: Ако сега тој не ги смете нив, изборите догодина ќе го сметат него. Со сите ризици ама и со нови можности, премиерот ќе треба веднаш да реши дали за метлата ќе се фати тој за да расчити со намножените коруптивни клиентелистички гнезда или ќе и`дозволи на метлата таа да се фати за него и да го оддува во политички неповрат. Затоа и прашањето и одговорт се во едно: со метлата или без неа – или тој нив или тие него.

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.