Денешна дата
18/08/2019

ШЕКЕРИНСКА: „МЕТЛАТА“ НЕМА ДА БИДЕ ДОВОЛНА, ОД ВЛАДАТА СЕ ОЧЕКУВААТ ПРОМЕНИ ВО СУШТИНА А НЕ ВО ШМИНКА

  • Треба целосно да ја раздрмаме државната управа, ако тој дел не го промениме, ниту една метла нема да биде доволна

 

  • И за НАТО е позитивно да каже дека во 70-тата година од постоењето ја добиваат и 30-тата членка

 

  • Двата проценти никогаш нема да бидат за НАТО, тие ќе бидат за Република Северна Македонија, за нејзината армија и за нејзината одбрана

 

 

Интервјуирал: Александар Тодески

 

 

Никој од нас не може објективно и чесно да каже дали ќе биде сменет, вели министерката за одбрана Радмила Шекеринска во интервју за Инбокс7. Министерката за одбрана смета дека проблемите со војската и касарните се решаваат полека, бидејќи ништо не можело да се смени преку ноќ.

„Факт е дека по 10 години т.н. режим, заробена држава напишано во извештаите на ЕК и на ОБСЕ, период во кој партијата ги диктираше и луѓето и одлуките внатре во институциите, би било наивно да очекувате дека наеднаш луѓето кои биле поставени со партиски цели, од партиски интереси ќе почнат да работат за државните интереси. Се разбира дека одредени поединци и заради пари се внатре за да спречат правна разврска на многу случаи. Бегството на Груевски, вакви реакции или снимки кои се појавуваат преку ноќ, но исто така и отпори во некои од институциите кон реформи“, одговара Шекеринска на прашањето за новите прислушкувани разговори кои извесен Игор Громовник ги објави во руските социјални мрежи.

 

Инбокс7: Колку државата и министерството се подготвени за влезот во НАТО?

 

Шекеринска: Ние 30 години посакуваме и работиме на оваа цел. Убедена сум дека нашата држава заслужува и може да се носи со предизвиците на членството во НАТО бидејќи ако не беше така, минатата година немаше да ја добиеме поканата за членство, немаше да ги завршиме пристапните преговори и немаше да се потпише протоколот за пристапување. Навистина, во нашиот случај се гледа колку брзо Алијансата може да ги носи одлуките кога навистина сака да ја испрати пораката дека земјата ги прави вистинските чекори и ги носи вистинските одлуки. Јас знам дека минатата година имаше многумина кои велеа дека сме неоправдани оптимисти, тврдеа дека на Самитот ништо нема да се случи, тврдеа дека три дена пред Самитот Алијансата ќе пропадне… Се виде дека и после Самитот Алијансата излезе дури и посилна, со повеќе пари, со повеќе војска, со повеќе обврски кои ги преземаа особено големите држави. Ние го извршивме нашиот дел од задачата. За една година, почнувајќи од средината на 2017 година, до самитот во НАТО и успеавме да ги убедиме колегите во алијансата дека сме донеле вистински план за реформи во одбраната, дека ги имаме вистинските луѓе и вистинските политики за да ги исполниме обврските. НАТО Алијансата не ви дава покана што велат „на лепе очи“, не потпишува протокол толку брзо и не ви дава покус пат. Од вас очекува тоа што сте го зеле како обврска да го завршите. Ние оваа недела ги имавме и последните разговори со претставниците на Алијансата во поглед на нашиот долгорочен план за развој во одбраната. До последна точка, до последна запирка, до бројки на оружје, до реформи во одбраната, сето тоа минува низ посилен ренген сега. Покажавме дека стоиме зад она што сме го презеле како обврска. Воопшто не беше лесно и нема да биде лесна целава оваа година, но кога има политичка волја има и резултати.

 

Инбокс7: Колку сте задоволна од потпишувањето на протоколите од страна на земјите-членки на НАТО?

 

Шекеринска: Потпишувањето одеше многу брзо. Вие знаете дека и земји, кои вообичаено имаат подолга постапка за давање на одобрение на своите амбасадори, сакаа да ја испратат политичката порака на поддршка на нашата земја и нејзиното членство и затоа можеше толку брзо, до 6ти февруари да се потпише протоколот што ми даде мене шанса да бидам првиот министер кој што учествува заедно со колегите од членките на НАТО-алијансата. Ратификацијата е уште еден доказ колку силна е поддршката и довербата која што ја уживаме кај партнерите од Алијансата. Ние во прв момент кога го правевме планот не планиравме постапка на ратификација на протоколот која што би траела пократко од година и половина. Јас давав изјави во кои велев дека на крајот на краиштата дали ќе биде година или година и половина нема многу да ни промени. Ни помага малку што оваа година се навршуваат 70 години од формирањето на Алијансата. И за НАТО е позитивно да каже дека во 70-тата година од постоењето ја добиваат и 30-тата членка. И затоа не беше неоправдан оптимизмот да работиме ратификациите да завршат до Самитот во Лондон. Велам, не е клучното прашање дали е два месеца пред или потоа, но убава е пораката и затоа фокусот и наш и на земјите членки е во текот на годината овој процес да заврши. Во тој случај ние ќе бидеме една од државите кои во последните проширувања навистина имале многу брза ратификација. Не ни го подарија, си го заслуживме и можеме да кажеме сега дека по 30 години работа, успеавме да го реализираме нашиот стратешки приоритет.

 

Инбокс7: Кога станавте министерка ги посетивте касарните. Сега велите, има засилено скенирање од страна на НАТО. Во каква состојба се моментално касарните, бидејќи како што претходно можевме да видиме беа во ужасна состојба?

 

Шекеринска: Во тој дел и вие самите сте свесни дека преку ноќ промени во толку голем број на објекти се невозможни. Тоа е еден од проблемите кои полесно ќе се решава како членка на НАТО и ќе ви кажам и зошто. Се сеќавам на дебатата која ја имавме околу 2 проценти од Бруто-домашниот производ и има одреден број луѓе кои се критични за нашето членство во НАТО, кои сметаат дека е непотребно, кои не ги имаат предвид ниеден од безбедносните ризици со кои како држава се соочувавме, велат зошто би трошеле ние 2 проценти за НАТО. Двата проценти никогаш нема да бидат за НАТО, тие ќе бидат за Република Северна Македонија, за нејзината армија и за нејзината одбрана. Со такво инвестирање во нашата одбрана, ние ќе можеме да обезбедиме и повисоки плати и подобра обука и подобра опременост на нашата армија, тоа е овој дел на модернизација, но и подобри услови за работа. Еден од проблемите со кои се соочив кога дојдов е не само лоша состојба, најголем дел од нашите касарни, вклучително и зградава во која го правиме интервјуто се градени пред 70 години, некои се дури и постари и сите тие со текот на годините, бидејќи не се инвестирало, гледале како сето тоа станува полош квалитет, помалку услови за работа. Навистина, проблемот беше не само што е лоша состојбата, туку и немаше проекти за реконструкција. Вие знаете како се нашите закони, велат за да нешто реконструираме ти треба проект, за да нешто направиш ти треба јавна набавка, кога ќе го направиш планот ти треба јавна набавка за реконструкцијата и сето тоа ги врзува во голема мера рацете. Но она што успеавме да направиме е дека во 2018 година завршивме околу 26 постапки за реконструкција на различни објекти во армијата. Кога имате 10-20 години практично армијата ставена на страна, особено последните десет, кога буџетот на одбраната падна, тоа не можете преку ноќ да го решите.

 

Инбокс7: Го споменавте десетгодишното намалување на буџетот. Наши извори тврдат дека во минатото возилата се расипувале често, војниците биле некогаш приморани да ги поправаат сами или пак да чекаат друго возило за превоз, но и дека гумите биле постари од 10 години. Вие извршивте набавка на пневматици и делови. Во каква состојба се сега возилата на Армијата?

 

Шекеринска: Неслучајно беше тоа што објавивме кога ги купивме и новите пневматици и дел од резервните делови. И јас не сум сметала дека тоа во нормални околности е вест, ама кога ќе имате десет години таков проблем и нови пневматици се вест. Мислам дека сме на добар пат ова прашање да го решаваме. Еден дел од проблемот е тоа што армијата има преголем број на различни типови на возила и тоа е невозможно да го одржувате. Голем дел од овие возила се добиени со донации и ни завршиле работа, биле многу корисни, меѓутоа сега веќе станува прескапо старите возила да ги одржувате и треба постојано да набавувате резервни делови. Проценката и барањето и од генералштабот и од луѓето кои стручно анализираа е дека треба да избереме еден, два или три типа на различни возила кои ќе бидат целосно обезбедени со резервни делови и за кои што одржувањето делумно ќе можеме да го правиме и во министерството. Вие знаете какви се нашите закони за јавни набавки, не сакаме да ги кршиме, но со тек на време, долгорочниот план за развој во одбраната и буџетските планови одат во насока на тоа државата кога ќе купи одреден број на возила, практично да се посвети таков тип на возила да користи во следниот 10-15 годишен период, а овие стари возила најверојатно еден дел и ќе ги продадеме затоа што е поскапо да ги чувате и одржувате. Одржувањето, сервисирањето на борбените возила воопшто не е лесно. Ние оваа година имавме еден обид и за жал никој не се пријави да учествува на тендерот, меѓу другото затоа што се работи за стари возила за кои веќе фирмите немаат ни интерес. Пред неколку дена успеавме после подолго време за потребите на армијата да обезбедиме и набавиме една серија на инженериски возила за потребите на армијата кои биле многу важни за нејзините задачи и за поддршка на цивилните власти, ќе ви кажам еден пример – 2016 година, кога се случи поплавата во Стајковци, државата имаше проблеми со механизација за да помогне во справувањето со последиците. Во тој момент е поправено старо возило кое што чинело 40 илјади евра само да се поправи, не е завршено на време, а потоа е констатирано дека ниту поправката не го вратила во употреба. Сме се јавувале во КФОР, од Косово да ни пратат машини со кои реално се справуваме со последиците во Стајковци.

 

Инбокс7: Ги споменавте Ренџерите. Се формира новиот баталјон ИРНОЦ. Дали ќе се укинуваат Ренџерите бидејќи имаше таква најава и дали се укинуваат само затоа што таква формација има единствено во САД, Русија и Северна Македонија?

 

Шекеринска: Според стратегискиот одбранбен преглед кој го изработивме пред НАТО самитот, а кој за жал 3-4 години беше одложен, се виде дека структурата на Армијата не одговара на тоа што се моменталните проблеми, предизвици и закани по нашата безбедност. Светот не стои во место, се менува. Ризиците кои постоеле пред 10-20 години се комплетно променети и еден од тие нови ризици бара формирање на еден нов баталјон којшто ќе се занимава со извидување, разузнавање, електронско извидување и кој што ќе ја храни армијата не само податоци, туку и конкретни податоци за тоа како да се справиме со новите предизвици. Тоа е многу важен баталјон. Ние дополнително во следната фаза и со НАТО ќе правиме консултации околу деталите, но она што е јасно е дека дел од ренџерската чета ќе биде основа за формирање на овој нов баталјон. Што значи, многу е тешко да се одговори дали ќе се укинува или нема да се укинува, ќе имаме или ќе немаме. Практично ќе добијат и нови задачи, бидејќи целата структура на Армијата по малку ја менуваме. На ниту една држава и мала и голема, веќе не и требаат армии кои тешко се покренуваат, кои бавно се менуваат. Една од клучните карактеристики кои ги бара НАТО и за себе и за земјите е капацитетот за брзо прилагодување.

 

Инбокс7: Во вашето двегодишно министерување колку војници заминале од армијата и како планирате да го решите овој проблем?

 

Шекеринска: Заминувањето не смеете да го запрете. Од ниедна институција немате само влез а да нема излез. Тој проблем е повеќе проблем генерално на државата, меѓутоа проблем е исто така затоа што треба да знаеш во кои луѓе да вложуваш. Професионалните војници можат да бидат професионални војници само до 45 годишна возраст. Дел од нив веќе на 35-40 години размислуваат и сакаат да најдат алтернатива. Законот наш ја обврзува државата дека секој војник кој ја завршува работата, државата треба да му најде некаква алтернатива, но имате многу професионални војници кои што имаат поголема амбиција, кои биле во Авганистан, Ирак и знаат дека може тоа да го работат и приватно и си бараат такви алтернативи. Не мислам дека во тој процес треба да кажеме како да им забраниме на луѓето, тоа е неминовно, но факт е дека треба да се трудиме подобрите да ги задржиме, барем во годините кога се најпродуктивни. Една од главните причини зошто војниците заминуваат и заминуваа е немањето т.н. курс за подофицери со кои професионалните војници можеа да станат подофицери со договор на неопределено време и таа сигурност ги тераше да останат во армијата. Осум години таков курс не е спроведен. Ние сакавме прво да ги завршиме сите стратешки документи, да знаеме колку подофицери ни требаат, да не ги лажеме луѓето и непосредно пред изборите, после толку години отсуство на курс за подофицери, го распишавме курсот. Конкурираа околу 1500 лица за курс во кој нема да учествуваат најверојатно повеќе од стотина. Бидејќи беа во тек избори, незаконски ќе беше да продолжиме со селекцијата, но тоа е сега клучна работа, да ги избереме оние кои ќе одат на тој курс за подофицери и да почнат курсевите да се одржуваат за да ги имаме идните подофицери.

 

Инбокс7: Деновиве имаше информација во врска со барањето приватни агенции да ги чуваат касарните. Дали ја разгледувате таа можност и дали можеби размислувате за формирање на некаква државна агенција во која би работеле војниците по 45-годишна возраст да ја вршат таа дејност?

 

Шекеринска: Ова е идеја на која и давам целосна поддршка од моментот кога влегов во министерството. Сите генерали, двата генералштаба кои постоеја во овие две години, НАТО советниците, претставниците на НАТО…велат – трошите скапи ресурси за работа која не би требало да ја вршат професионални војници во армијата. Чувањето на касарните не е примарно воена задача и најголем дел од искуствата се дека тоа го прават некои друг тип на агенции. Не сум поборник на тоа да им го зголемиме само бизнисот на приватните агенции, бидејќи државата ставила во закон дека по 45 години ќе им најде чаре на професионалните војници, ама воопшто не е лесно да најдете позиција, во армијата е ограничен бројот на места. Целта ќе ни биде да направиме едно државно претпријатие кое што армијата ќе го плаќа за чување на касарните, за делот од угостителските услуги, во делот на храната, не треба началник на генералштаб или министерот, кој треба да се занимаваат со стратешки, воени прашања да се занимаваат со спецификација за вода.

 

Инбокс7: „Метлата“ на премиерот Зоран Заев е најавена за јуни, практично за десетина дена. Очекувате ли да бидете сменета?

 

Шекеринска: Мислам дека е ова прашање кое никој од нас не може објективно и чесно да го одговори. Дури мислам дека е некако невоспитано да секој од нас си кажува за себе. Она што знам е дека како држава овие две години успеавме многу работи да ги промениме до непрепознавање. Имате ситуација на медиуми кои што се гласни, критични слободни и во принцип сконцентрирани да ги бараат грешките на власта, а не на некој друг. Имаме претседателски избори, локални избори и референдум, кој што за прв пат по толку години ни поминуваат со највисоки оцени кај странските и домашните набљудувачи. Имаме влада која што ниту еден податок не може да скрие токму поради притисокот на јавноста. Влада која што не ја напаѓа јавноста, туку прима напади од неа, како што би требало да биде во нормална демократија и држава која што претставува сега репер за сите земји од западниот Балкан, де факто членка на НАТО и држава која се подготвува за преговори со Европската Унија. Има и многу работи кои не ги завршивме и сега кај тие работи кои не ги завршивме треба да направиме не само кадровски промени, треба нешто да промениме во системот, затоа што и нов министер и нов директор со ист систем повторно ќе биде неуспешен. Мислам дека мора да ја раздрмаме целосно државната управа, не само од министри, туку сите кои работат да сфатат дека кога ќе се вработиш во администрација не добиваш само плата, туку и одговорност и дека таа одговорност не е ливчето да му го предадеш на колегата и да му кажеш не е до мене. Најлесно е да кажеш не е до мене. И со право граѓаните, бизнисите се лутат и се критични кога гледаат дека институциите играат пинг-понг со нив. Тоа не е грешка само на некој министер или директор. Системот толку станал трул, толку станал зависен од добрата волја на администрацијата, некој ќе го крсти добра волја, некој корупција можеби, што ако тој дел не го промениме, ниту една метла нема да биде доволна за граѓаните.

Јас сум свесна дека од владата се очекуваат промени во суштина, а не во шминка. Ни треба чувство кај граѓаните дека без разлика дали се вика Петко или Станко, дали е машко или женско, дека кога ќе чукне на врата во администрацијата, ќе добие одговор и тоа што му треба ако законот го овозможува тоа и второ чувство, дека без разлика кој е, законот ќе важи подеднакво за сите. Ова не можеме сами да го направиме. Ни треба поддршка што ја имаме на јавноста, која сака такви промени, ни треба поддршка и од секторите како правосудство и обвинителство. Покажавме дека партиски не им се мешаме, ама очекуваме навистина правдата да важи за сите. Секој од нас во семејство, во фирма знае дека кога работите не се добри, лесно не се менуваат. Многу тешко навиките се менуваат, особено што преку законот административните службеници се заштитени. Таа заштита мора да значи и огромна одговорност и целта ќе ни биде од првиот во институцијата до сите надолу да сфатат дека мораме да бидеме подобри и по мене тоа е вистинскиот тест и за нашето НАТО членство и за нашето ЕУ членство, но најважно тоа е тест пред нашите граѓани да бидеме подобри.