Денешна дата
16/09/2019

Волонтерството води кон вработување

Добар ден, добродојдовте во неделното Инбокс7 интервју.
Денеска со нас имаме гостинка од Ерменија, Ненси Мкртчјан

Здраво Ненси. Претстави ни се од каде доаѓаш, што студираш, од која организација си дел?

Мкртчјан: Секако. Благодарам многу што не поканивте во оваа интервју. Јас сум Ненси Мкртчјан од Ерменија, тоа е типично ерменско презиме. Студент сум, трета година на Францускиот универзитет во Ерменија, студирам маркетинг и бизнис. Имам мој стартап, веќе два месеци заедно со одлични колеги и пријатели, се работи за волонтерство и го започнавме овој стартап со цел да го револуционализираме волонтерскиот систем во Ерменија. Базирани сме во Ерменија, но дојдовме овде да го презентираме нашиот проект, можеби и да победиме. Бидејќи е град на Мајка Тереза, наидовме на многу убави места и воодушевени сме од овој град.

Како што рече главната причина што сте овде во Северна Македонија е волонтерството. Може ли да ни кажеш зошто волонтерството е толку битно во Ерменија?

Мкртчјан: Секако, еве ќе започнам од моето лично искуство. Веќе пет или шест години сум посветена на волонтерство и да тоа е битно, за време на колеџ не е задолжително, но така учиме повеќе не формална едукација, за важноста на неформалната едукација повеќе од типичното формално образование. Кога ја сфативме важноста за тоа, почнавме да волонтираме, да одиме на настани, да собираме искуства. Јас и моите пријатели учествувавме на настани каде што можевме да научиме многу работи, многу нови вештини, многу искуства и секако се добива многу почнувајќи од сертификати, се до нови пријатели, градење заедници и најбитното правење промени. Без претерување секоја втора или трета личност која ќе ја сретнеш на улица, волонтира, како и јас и мојата другарка. Тоа е широко распространето во Ерменија. Во некои случаи тоа го прават за добивање на сертификати и всушност тоа е тоа што ние сакаме да го смениме, бидејќи е лоша навика, намерата не е да се волонтира поради признание. Но не ги обвинуваме ни волонтерите, можеби универзитетите, работодавците, компаниите го бараат тоа од нив.

Полесно ли е да се најде работа ако имате волонтерско искуство?

Мкртчјан: Од мое лично искуство, да. Бидејќи сме работеле не во компании, но во организации за волонтерство и еднаш, двапати кога ќе отидеш таму, организаторите, менаџерите за човечки ресурси, ја гледаат твојата активност, твојата подготвеност да правиш работи и едноставно еден ден те повикуваат да работиш. Има многу ситуации кога ме повикале на позиција со полно работно време, но кога си студент тешко е да се комбинираат студиите со работата, затоа во повеќето случаи ги одбивам тие можности, затоа што во Ерменија образовниот систем е многу строг, покрај дипломирањето потребна е и магистратура. Јас сум сега на пред дипломски студии, инаку дипломските студии се четири години и се задолжителни, ако немаш диплома тоа е срам за твојата фамилија, за општеството и за добивање работа воопшто.  Но самата диплома не значи многу, бидејќи во денешно време работодавците бараат повеќе вештини и поважна им е личноста одколку дипломата, ако не знаеш англиски или други јазици како руски, француски, шпански затоа што ерменците ги знаат тие јазици.

Рече дека си основач на стартап, кажи ни на што се однесува, исто така за организацијата како стана дел од неа и дали си обврзан да бидеш член на организација за да можеш да волонтираш?

Мкртчјан: Поминаа два месеци откако го најавивме основањето на нашиот стартап, во Ерменија го викаме стартап бидејќи сега се развиваат технолошките полиња во нашава земја и имаме многу поддржувачи, па имаме повеќе шанси да растеме во услови на финансиска поддршка, канцелариска поддршка и секаков вид на менторство од поддржувачите. И универзитетите имаат сопствени поддржувачи за стартапи, не знам на колку точно време, но до неколку месеци или неколку недели, така што можете да имате сопствена канцеларија, место за работа и менторство за да го развивате вашиот бизнис. Волонтерскиот тим е за поврзување на волонтерите, НВО (невладини, непрофитни организации). Се стремиме кон волонтерство, воглавно бидејќи имавме претпоставки дека волонтерите бараат волонтерски можности за што им е потребно многу време. Но после доаѓањето овде, интервјуирањето на луѓе и волонтери и воглавно организации (за што ќе зборувам подоцна), сфативме дека тоа не е така како што замислувавме, всушност потребен е еден ден за да добиеш одговор за можност за волонтерско искуство. Во Ерменија секој го знае секого, секој волонтер познава организација, па нема потреба за помагање во нивно поврзување. Но, тоа е потребно за студентите кои немаат волонтирано, затоа фокусот е повеќе на тие луѓе, тие волонтери и ентузијасти. Друга цел на нашата активност е да ги поврзиме компаниите и невладините организации, бидејќи правејќи истражувања од оваа област гледаме дека компаниите, невладините се однесуваат исто кон условите на животна средина, помагаат во чистење на места и ја подигаат корпоративната општествена одговорност, но тоа го прават одделно, ние сакаме да ги споиме нивните активности за да се зголеми влијанието и да се воспостави култура на соработка. Ова е тоа што е уникатно во нашиот старт ап, тие морат да бидат уникатни, да имаат некоја новост, но не дека треба да измислите тркало.
Во врска со организациите, кога имав 15 години, наидов на многу добра невладина организација во Ерменија која се викаше „Клуб на млади“ , најголемата и најстарата во Ерменија. Отидов на еден од нивните настани и станав член, ништо не бараа од мене. Таму сретнав добри пријатели и волонтери од секаде.

Како е да се биде волонтер во Ерменија, во споредба со волонтерството овде во Македонија?

Мкртчјан: Со сигурност ќе речам дека овде има недостаток на волонтерска атмосфера или мотивација, од луѓето кои досега ги сретнавме многу малку од нив се заинтересирани (како оваа канцеларија).
Вртевме и контактиравме повеќе од дваесет организации и компании, најдобрите ни одговорија и многу ни е мило што сме овде. Но од моите претпоставки за волонтерството во Македонија, очекував да видам повеќе. Се јавивме во многу добра организација ЦВС (центар за волонтерство Скопје), тие многу ни помогнаа, чувствував како да сум дома, како во првата организација во Ерменија во која волонтирав. Интервијуиравме интернационални волонтери. Сакав да дознаам повеќе од локалните волонтери, македонските. Во споредба помеѓу Ерменија и Македонија, од тоа што го видовме младинскиот живот овде е полабав. Но во врска со НВО, има предрасуди дека тие прават лоши работи, дека се корумпирани, перат пари. Пред неколку години ситуацијата беше слична во Ерменија, постоеа околу 300 невладини и тие беа фокусирани не само на младите туку и на корупција, права на жени, сè. Но никој не веруваше во нив бидејќи немаа никакви извештаи, транспарентност, како работат. Никој не знаеше за нив, никој не знаеше дека постојат такви организации. Не би сакала да навлегувам длабоко во политика, но пред една година во Ерменија имаше „Велвет револуција“ и од тогаш настанаа промените, почнувајќи од нас самите, парламентот, политичката ситуација, заменик претседател, претседател. Од републичкиот плоштад избравме новинар, бидејќи 20.000 луѓе решија да направат чекор, да направат промена. Зборувам премногу емоционално но, пред една година никој не веруваше во тоа дека сакаме промени.

Кога веќе спомена корупција, дали владата работи на подигање на свеста за корупција?

Мкртчјан: Сметам дека кампањите, некои одлуки, однесувања кон даночниот систем и корупцијата се променија. Повеќе не можеш да се вработиш со пари, да се запишеш на универзитет и да земаш диплома со пари. Сеуште постојат некои случаи се разбира, но не можеш да се ослободиш од нив за една година, потребно е повеќе време, да се биде трпелив, но нашите родители, мајки и татковци сакаат промените да настапат брзо, додека млади луѓе како мене се подготвени да чекаат за промените да настапат. Државните универзитети се најкорумпирани, мојот универзитет е приватен и се согласив да платам повеќе, за да добијам поквалитетно образование. Никој не гледаше како оди справувањето со образовниот систем, туку како студентите добиваат диплома, бидејќи секој можеше да добие диплома со пари. Но на мојот универзитет не е така. Сепак студентите сега се слободни да бираат универзитети, бидејќи имаат право да се борат за место, за бесплатно образование затоа што образованието е општо добро, а студентите треба да ги знаат нивните права.

И за крај, која е твојата порака до луѓето овде во Северна Македонија, особено до студентите. Зошто треба да започнат да волонтираат и зошто е тоа важно?

Мкртчјан: Мојата порака до вас е да бидете храбри, да не се плашите од ризици, од преземање чекори, бидејќи тоа е искуство кое менува многу. Не само волонтерството, направете чекор, чекор во вашето семејтство.. Не знам зошто започнав да волонтирам, особено во тоа време, но сега волонтерството е моја страст. Секогаш кога некој ќе ме замоли за нешто, кога моите пријатели ќе ме замолат да им напишам СV и тоа е волонтерство, иако за тоа не се добива сертификат. Тоа е само желба да се биде добар човек, да се промени однесувањето кон другите луѓе. Можеби јас сум само добра личност, не знам но, морате да ги сакате многу луѓето и да сте мотивирани секогаш бидејќи имате многу можности. Знам дека економијата е во криза овде, бидејќи е исто и во Ерменија и понекогаш како студенти мораме да заработуваме пари за нашите трошоци, за да не зависиме од нашите родители. И не велам дека јас не сум работела за пари, но отсекогаш прво сум се посветувала на мое лично развивање. Ако луѓето размислуваат така, треба да волонтираат повеќе. Тогаш ќе можат да речат дека волонтирале толку време, па после тоа започнале да работат. Да работиш е добро не велам дека не е, но волонтерството е за вас, за вие да сте задоволни, а не вашиот работодавец. Тоа е сè.