Денешна дата
13/12/2019

Препораката за ЕУ стигна, но дали предвреме славиме?

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан пред Европскиот парламент истакна дека Македонија покажала значаен напредок во реформските задачи и му предложи на Советот да ни даде датум за старт на пристапните преговори. Сепак, експертите порачуваат дека клучот е кај земјите членки, особено оние кои се противници на проширувањето

пишува: СВЕТЛАНА УНКОВСКА

 

Позитивниот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјава даде зелено светло за пристапните преговори во ЕУ. Но, сепак самиот старт на преговорите зависи од поддршката на сите влади на земјите членки на унијата. Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан пред Европскиот парламент истакна дека Македонија покажала значаен напредок во реформските задачи и му предложи на Советот да ни даде датум за старт на пристапните преговори.

Експерти: Немаме априори противници, туку земји кои имаат проблеми со реформи во ЕУ

Експертската јавност вели дека иако имаме досега најдобар извештај и чиста препорака, сепак се воздржани и велат дека гаранции за стопроцентно почнување на преговорите немаме. Поранешниот дипломат Огнен Малески вели дека не треба предвреме да ги глорифицираме состојбите дека сме завршиле се што треба, бидејќи треба да е јасно дека се уште сме на почетокот, односно на прагот пред Европската унија.

Добро е тоа што имаме извештај без посериозни забелешки, но мора да имаме предвид дека ова е процес кој што ќе трае. Несреќната околност е тоа што се случува во одделни земји членки на ЕУ кои се највлијателни и кои што можат да направат проблем за почнувањето на пристапните преговори. Пред се, тука мислам на Франција и Холандија, кои не се априори против нас, туку поради нивните внатрешни проблеми. Но, сепак, мене се уште не ме напуштил оптимизмот и можеби нема во јуни да биде, но дека не може да се повтори грубото одбивање бидејќи имаме позитивен извештај и не можат туку така да преминат преку тоа. Мислам дека компромисот ќе биде да се одложи стартот за септември најдоцна до декември, што исто е позитивно за нас, вели Малески.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу е со исто мислење дека немаме сигурни гаранции за почеток на преговорите и тоа најмногу поради внатрешни работи со кои се соочува Европската унија, но сепак верува дека ќе добиеме зелено светло од Европскиот совет.

Тука треба да се направи јасна дистинкција во она што се вели дека има противници за нашиот старт на преговорите, бидејќи тие не се скептични околу членството на Македонија, туку имаат одредени несогласувања околу внатрешната организација на ЕУ и тоа е битен момент. Тие не велат дека Македонија не заслужува и не треба да ги почне преговорите. Јас не верувам дека во овој случај кога имаме позитивен извештај и препорака ќе инсистираат тој процес дека да се запре со недавање датум, затоа што тоа и била лоша порака за другите балкански држави. Реално патот ни е отворен, Македонија доволно направила во целиот овој процес, иако тука нема да се запре, бидејќи не чека уште многу работа“, нагласува Муслиу.

 

 

Дипломатски притисок до Европски совет

 

Кусиот тајминг до одржувањето на седницата на Советот треба да се искористи и да се продолжи со барањето помош од нашите пријатели да го искористат влијанието за да добиеме старт на преговорите, порачуваат Малески и Муслиу.

Од она што го гледаме како активности на државниот врв претседателот, премиерот, министерот за надворешни и вицепремиерот за европски прашања, како и цела таа дипломатска мрежа каде имаме добри амбасади дека се активни и дека работат на тоа да се влијае за почнување пристапни преговори. Добро е тоа што и препораката од еврокомесарот Јоханес Хан е јасна и убедлива, но гледаме дека не е само до одлуката на Комисијата, туку до политичките проценки на земјите членки. Но сепак не очекувам дека ќе бидат тврдо против зашто нема аргументи за такво нешто и ќе мораат да ја подотворат вратата“, вели Малески.

Муслиу додава и дека покрај резултатите што ги покажавме, ќе се продолжи и натаму со менување закони и процеси со што ќе се придонесе во градењето позитивна слика за нас.

„Македонија доволно направи досега, но тој процес ќе продолжи со менување многу закони, имаме уште многу да направиме особено во економијата, образованието, администрацијата, судството, особено во борбата против корупцијата. Во извештајот е точно дека се уште се нотира дека се потребни уште посилни напори во справувањето со корупцијата, но тоа е процес кој што не можете да го решите со трепнување со око. Добро е што е почнато, што сериозно го водиме и на вистински начин. Воедно и надворешно-политичките играчи деновиве треба поинтензивно да контактираат со нашите пријатели кои се во блиски односи со Франција и Холандија да ги убедат дека нашето почнување на преговорите нема да им наштети на нивните идеи за реформи во Европската унија“, потенцира Муслиу.

Силна препорака од еврокомесарот Јоханес Хан

Еврокомесарот Јоханес Хан пред Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент ги презентираше достигнувањата на земјите од Западен Балкан, а договорот во Преспа го наведе како светол пример што треба да го следат и другите земји во регионот.

Северна Македонија не само што продолжи со својата амбициозна реформска агенда, туку и го постигна историскиот договор со Грција, решавајќи го долгогодишниот спор за името. Заедно со билатералниот договор со Бугарија е пример за зајаканување на добрососедските односи во целиот регион. Ова е светол пример за другите земји и сведочи за привлечната моќ на европската перспектива“, нагласи Хан и додаде дека за да се задржи довербата во Унијата и земјите членки тие треба да се држат до своите обврски и да одговорат јасно и позитивно.

Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, исто така, истакна дека имаме испорачано реформи и резултати и затоа Европската комисија препорачува почнување преговори.

Тие го сработија своето и сега Европската унија треба да го исполни својот дел. Дискусиите сега се во земјите членки, тоа е комплициран процес. Не значи дека утре ќе се влезе во ЕУ, но реформите и подготовките за преговори се направени“, рече Могерини.

Државниот врв ја прослави Препораката во вила Водно

Државниот врв заедно со евроамбасадорот Самуел Жбогар од вила Водно ја поздрави чистата препорака и изрази задоволство дека Европската комисија го препознала напредокот во реформскиот процес.

Жбогар истакна дека овој пат препораката е поинаква и ги вреднува и условите кои земјите членки ги поставиле минатата година.

Државата е подготвена токму сега да ги започне преговорите. Секако работата не треба тука да застане, реформите треба да продолжат и очекувам ентузијазмот да продолжи и во иднина, рече Жбогар.

Го добивме најпозитивниот извештај досега, со чиста препорака за почеток на преговори за членство во ЕУ. Сработивме многу и имаме резултат. Отворањето на преговорите со ЕУ е единствената гаранција за одржување на домашната стабилност и за одржување на реформскиот имплус во Северна Македонија со позитивни ефекти за целиот регион на Западен Балкан“, истакна премиерот Зоран Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски не присуствуваше на средбата во вила Водно. Преку соопштение наведоа дека според нив извештајот содржел низа забелешки пред се во делот на корупцијата, криминалот, како и лошата економска состојба.

Ова е инаку десетта препорака за почнување на преговори, а заедно со Македонија, препорака доби и Албанија.