Денешна дата
31/05/2020

СЕ ЗАЈАКНУВА ПОЗИЦИЈАТА НА ПРЕМИЕРОТ, СО РЕФОРМИТЕ ГИ „ПРИБИРА“ АГЕНЦИИТЕ ЗА РАЗУЗНАВАЊЕ

  • Формирањето на Агенцијата за национална безбедност донесе зголемени ингеренции на премиерот во разузнавањето

 

  • Досегашниот начин на функционирање без законски можност за координација, оставаше впечаток дека агенциите за разузнавање се на три различни држави, вели поранешниот премиер Владо Бучковски

 

  • Премиерот преку координацијата на националната разузнавачка заедница ќе добива информации од сите разузнавачки агенции во државата

 

 

Пишува: Александар Тодески

 

Ерол Муслиу најверојатно ќе биде последниот директор на Агенцијата за разузнавање кој го назначил претседателот на државата. Од јануари годинава Министерството за правда подготвува измени во законот за Агенција за разузнавање (AР), закон кој не е менуван од нејзиното формирање. Останува да се види дали на премиерот ќе му се даде ингеренција за избор  директорот и на оваа Агенција, со што би имал повеќе ингеренции и врз ова институција.

 

Додека во Северна Македонија овие реформи се гледаат со резерва заради концентрацијата на поголема моќ кај премиерот на државата, Европската комисија (ЕК) ги поздрави истите во најновиот извештај, објавен в среда во Брисел. „За реформата на разузнавачките служби, Северна Македонија постигна добар напредок. Следејќи ги реформите на системот за следење на комуникациите, новата Оперативна Техничка Агенција е целосно оперативна. Земјата, исто така, започна со реформа на своите разузнавачки служби во соработка со НАТО и други партнери. Моделот е избран е усвоена и правната рамка за формирање на нова Агенција за национална безбедност.“

 

ОД УБК ВО АНД

Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) од 22 мај отиде во историјата. Со 91 глас „за“, пратениците ја изгласаа новата Агенција за национална безбедност (АНБ), каде поголеми ингеренции добива премиерот, кој сега ќе го предлага директорот на Агенцијата, но ќе ја води и координацијата на националната разузнавачка заедница, каде и официјално ќе се разменуваат информации сите трите тајни служби, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и Военото разузнавање. Владата излезе со став дека реформите се европски и преку нив ќе спречат злоупотреби на службата.

 

Поранешниот премиер Владо Бучковски во изјава за Инбокс7 вели дека досегашниот модел, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и Военото разузнавање да немаат координација давало впечаток како тие да се агенции на три различни држави.

„Според мене, ние сега имаме еден модел кој би требало да ни ги направи разузнавачките служби поефикасни. Досегашниот начин на функционирање без законски можност за коодринација, оставаше впечаток дека агенциите за разузнавање како да се на три различни држави. Сега имаме модел кој би требало да биде поефикасен. Со тоа што премиерот ги презема агенциите, нормално дека има и поголема моќ“, вели екс премиерот Бучковски.

 

Најголемата надлежност која останува кај пратениците е контролата на средствата, што е новост, бидејќи до сега УБК имаше тајни фондови, односно никој не знаел како Управата трошела пари. Со сегашното законско решение, Агенцијата за национална безбедност (АНБ) ќе одговара пред Собранието за потрошените средства од буџетот.

 

„Мора да има цивилна контрола. На овој начин конечно ќе покажеме дека сме парламентарна демократија“, вели екс премиерот Бучковски.

 

Во новиот извештај на ЕК го поздравува и надзорот на новата агенција ОТА, која е задолжена за следење на комуникациите. „Благодарение на меѓупартискиот компромис, правната рамка која овозможува реформа на следењето на комуникацијата беше усвоено со 2/3 мнозинство. Новата Оперативна Техничка Агенција (ОТА) започна со работа во ноември 2018 година надзорен комитет за следење на комуникациите е во процес на ангажирање експерти за поддршка на неговата работа во оваа област. Комитетот изврши четири инспекциски посети.“

 

Сепак, новата АНБ ги скара и потпретседателите на владејачката СДСМ – министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и пратениците Фросина Ременски и Мухамед Зекири, тројцата кои имаа дијаметрално различен став за членови од законот. Копјата се кршеа за одредувањето на лицата со прикриен идентитет, дали да бидат во рацете на судот, како што предложи Ременски, или пак во рацете на директорот на Агенцијата, како што беше во предлог законот, но и како што остана во законското решение.

Фросина Ременски

„Имајќи предвид дека и во актуелни судски постапки на СЈО, во кои како сведоци се повикуваат лица кои ги обезбедиле незаконски следените комуникации, во кои слушавме изјави од обвинети и од лица кои се во самото обвинение дека биле ангажирани како агенти, извршувале одредени активности по наредба од обвинети лица во постапката на СЈО. Меѓутоа, никој досега не даде одговор дали и по кој основ тие лица се ангажирани. Говорам конкретно за изјавата на Нинџа, кој излезе со тврдење дека бил ангажиран од управата во извршување на некакви специјални задачи“, изјави Ременски.

 

На ова, Спасовски одговори дека можноста директорот на Агенцијата да одлучува за лицата со прикриен идентитет се дава поголема можност за оперативност на агенцијата.

 

„Во моменти кога ќе се потврдат доволно индиции и ќе има сериозен сомнеж дека некој може да го загрози уставниот поредок и има група за криминал, тогаш мерки презема јавната безбедност и тогаш имаме утврдување посебни истражни мерки по Законот за кривична постапка. И во тој закон не стои дека судот определува посебна истражна мерка користење лица со прикриен идентитет за следење и прибирање информации и податоци“, рече Спасовски.

 

 

ЈА ГУБИ ЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ КОНТРОЛАТА НАД АР?

 

Во извештајот на ЕК се потенцира и текот на реформите на разузнавачките служби, кој се прави во партнерство со НАТО. Поширока реформа на разузнавачките служби е во тек, во соработка со НАТО и други партнери. Нови закони за Агенцијата за националната безбедност и за за координација на разузнавачката и безбедносна заедница се или ќе треба да се донесат. Од суштинско значење е овие законите брзо се спроведуваат во соработка со НАТО и со стратешките партнери.

 

Дали формирањето на Советот за координација на разузнавачката и безбедносна заедница, кој ќе биде координиран од страна на премиерот, ќе значи и намалување на ингеренциите на претседателот на државата?

 

Ѓорге Иванов како претседател ги добиваше сите информации од тековните работи на Агенцијата за разузнавање, чиј број на вработени, успешни и неуспешни акции, но и детални трошоци не се познати за јавноста.

 

Сега, претседателот Стево Пендаровски ќе ги знае овие информации како и неговиот претходник, барем додека не се донесе новиот закон за Агенцијата за разузнавање, но со истите информации ќе располага и премиерот Зоран Заев, преку координацијата на националната разузнавачка заедница.

 

Дел од македонските експерти сметаат дека не е секогаш до врвот, односно кој управува со агенциите, туку е до оперативата, луѓето кои работат во агенциите и силните контролни механизми.

Оваа Агенција беше меѓу посериозните ингеренции кои останаа во рацете на претседателот на државата. Со законските измени во агенцијата, доколку оваа агенција се тргне од рацете на претседателот, како негова посериозна ингеренција останува тој да биде врховен командант на војската.

 

САМО ИРНОЦ ПОД ИНГЕРЕНЦИИ НА ОДБРАНАТА

 

Од Министерството за одбрана се уште не откриваат детали околу новиот закон за Агенцијата за разузнавање кој ќе го предложат во владата, а потоа и пред пратениците, бидејќи се уште се подготвува. Сепак, неофицијално и оваа агенција ќе реферира пред претседателот на владата.

 

Една од ретките разузнавачки дејности која нема да биде под ингеренции на премиерот е новиот баталјон за извидување, разузнавање, набљудување и определување на цели (ИРНОЦ), кој ќе биде под армијата, односно под Министерството за одбрана.

 

Министерката Радмила Шекеринска во интервју за Инбокс7 рече дека ИРНОЦ се формира поради модерните предизвици на војската, но е и дел од воените реформи кои ги исполнуваме за влезот во НАТО алијансата до крајот на годинава. Во баталјонот ќе влезат и дел од Ренџерите, бидејќи таквата формација како што е во моментов, нема да постои.

 

„Ризиците кои постоеле пред 10-20 години се комплетно променети и еден од тие нови ризици бара формирање на еден нов баталјон којшто ќе се занимава со извидување, разузнавање, електронско извидување и кој што ќе ја храни армијата не само податоци, туку и конкретни податоци за тоа како да се справиме со новите предизвици. Тоа е многу важен баталјон. Ние дополнително во следната фаза и со НАТО ќе правиме консултации околу деталите“, вели Шекеринска.

 

Во околните земји пак, имаме различни примери за тоа кој управува со агенциите за разузнавање. Додека во Албанија претседателот и премиерот имаат врзана моќ, во Србија и Грција, моќта е во рацете на министерот за внатрешни работи.

 

Сепак, македонските пратеници и од власта и од опозицијата одлучија на Агенцијата за национална безбедност, наследничката на УБК, да и се одземе полициското овластување. Поради злоупотребата на УБК во минатото, од каде и произлезе неовластеното прислушување, се формираше и Оперативно-техничката агенција, па и ова овластување веќе го немаат во новата АНБ.