Денешна дата
05/12/2020

ПАТЕТИКИ И МАТЕМАТИКИ

Три децении искуство од типот како ќе каже и кого ќе одбере лидерот, би било полезно што побргу да е минато

Пишува: Зоран Иванов

Толку љубов и лојалност спрема лидерот и партијата не пројавија кога ги номинираа, избираа или именуваа на партиските и на државните функции отколку што тоа го покажаа дури сега кога заигра метлата. Без трунка непријатност, го прават тоа со солзи и патетики и од сопствени математики. А истите не потплачнуваа кога партијата ги сместуваше по државните и општинските фотељи ниту кога таму не си ги работеа работите. Сега одеднаш плач од Галичник до Река. Требаше да се случат претседателските па да чукне главата во ѕид за отрезнување од привилегиите на владеењето.

Да се биде на власт не е само да се биде на власт. Не е само да се запоседнат институциите. Да се тркала времето и се некој друг да е виновен за неостварувањата. Те опозицијата и пустошот што го оставила, те системот, те времето изгубено со предизборните рестрикции. Треба нешто и конкретно да се сработи. Ама дури откако на изборните денови граѓаните кажаа дека со реформите и со подобриот живот е тапа, ете ги изнудените чекори за кадровски метлања.

Потегот на раководството на владејачката партија е за поздравување, но само по себе тој не носи промени. Рекомпонирањето на раководните структури во владејачката партија на повеќе нивоа, воедно е и временски застој во функционирањето на институциите. Луѓето се во исчекување, обложувалниците работат турбо, политичката чаршија се забавува, се прават математики, се истураат патетични понизности. Под притисок на метлата одеднаш отрезнувања, покајувања, напливи од додворувања и кај партијата и кај граѓаните. Будење со изливи за лојалност, посветеност, чесност, работливост. Наеднаш цунами од фото и видеа од асвалтирања, чистења, садења, ветувања и разни други пародични кампањски радости.

Партијата која една деценија беше во опозиција и сонуваше конечно да дојде на власт и бидна тоа со нејзина политичка активност, но и со огромната граѓанска поддршка, брзо се успа врз привилегиите. Да не беа претседателските и пораките од избирачите со ниската излезност и со скромната доверба што им го предочи со изборниот скор, сонот ќе потраеше и будењето ќе беше задоцнето.

Причините за лошиот впечаток во јавноста се едноставни. Партиски кадри со лоши карактерни особини и слаби функционални способности. Препотентни блефери, арогантни, дрчни, алчни. И инертни, неснаодливи, со незнаења и со менаџерски неумеења. И најмногу, секако, со злоупотреби на позицијата при располагањето со ресурсите и на државно и на локално ниво. Откако ги распосла по фотељите преслечени со телешка кожа и откако на градоначалниците им ги покри загубите и ги премолча нивните луксузирања со нови скапи автомобили додека децата во нивните атари уште пијат загадена вода, додека си ги вработуваат своите од подома и си ги делат тендерчињата и бонусите од разните фондови, луѓето полека почнаа да креваат раце и од оваа власт. Исто онака како што пред годинаипол го сторија тоа и со претходната. Од поинакви причини ама сеедно.

Додека во таа годинаипол откога партискиот лидер и премиер е на власт тој ги рушеше бариерите, ги деблокираше ветата од соседите, неговите партиски другари и другарки се брчкаа во малите и во поголемите оази од буџетски  привилегии. Истите сега пред разиграната метла предоцна потплачнуваат за судбината на своите партиски и функционерски кариери. Јавно тагуваат по доскорешните позиции, по своите политички судбини и по загубените привилегии.

Елементарната причина за ваквите согледувања на партиските стварности би можеле да се дефинираат во три, четири термини. Во молкот и полтронство внатре во партијата и во клиентелизмот и комотноста од институционалните погодности што ги овозможува власта. Молкот е поради отсуството на внатрешно партиска критичка демократија и поради опстојувањето на статутарната султанска доктрина. И особено и менталитетот на клиентелизам и лицемерие како масовна внатрешно партиско карактерна состојба. Таквиот амбиент кога партијата е на власт, се отсликува и во управувањето со институциите и со државните ресурси. Оттаму се и поситните и  покрупни злоупотреби. Оттаму е и слепоста спрема состојбите што функционерите не ги чувствуваат или арогантно ги игнорираат. Последици кои од нивното работење или од нивното неработење, за луѓето се видливи дури од авион.

Во македонските партии царува молкот. Во нив се уште нема ниту трага од внатрешно партиски демократии. Широкото членство е изолирано од било какви влијанија во градењето на дневните партиски политики. Тие, исто како и кадровските комбинаторики се кројат зад партиската железна завеса. Само лидерот и тесниот круг негови избраници се гласот. Сите други таму се молкот. Таквата партиска безгласност, отсуството на континуирани јавни анализи, оценки и критики за партиските политики и за партиските кадри кои раководат со државните ресурси на сите нивоа, го создаваат колективното слепило за кадарноста на дисперзираниот партиски потенцијал по мноштвото институции .

Внатрешно партиската гласност и слухот за одгласите, за реакциите од јавноста, се примарниот постулат за остварување на прокламациите за демократска држава. Отворените критики за партиските кадри инсталиран во државниот апарат, би требало да се елементарен контролен фактор за забрзано европеизирање и на земјава. Партиската транспарентност е моќен заштитен механизам од злоупотреба на јавните добра од страна на партиските носители на јавните функции. Партиската демократија е условот за непристрасно, транспарентно и одговорно управување со државата и со сите нејзини институции.

Јавни постапки, слободни дебати , отворени изборни листи, транспарентни номинации, тајни гласања, па и статутарни фракциски етаблирања, се посакувани еволуирања во насока на нужното проевропско демократизирање на македонските политички партии. Три децении искуство од типот како ќе каже и кого ќе одбере лидерот, би било полезно што побргу да е минато. Партискиот молк пред очигледниот неквалитет на одделни партиски кадри вгнездени во институциите како реакција на освојување на власта, е генераторот за неостварувањата, злоупотребите и секако за разочарувањата на граѓаните.

Оттука, се додека нашите партии не си вградат вистинска функционална внатрешно партиска контролна демократија која подразбира јавна и достапна интеракциска транспарентност за сопствените критики насочени спрема секого од своите избраници сместени во ешелоните на власта, се дотогаш ќе нема ништо од партиската демократија. Аналогно на тоа, ќе нема ништо и од демократска држава.

А кога партијата, било која, пред неспособноста на своите кадри во државните служби го практикува молкот, тогаш од неа уште помалку може да се очекува дека е таа способна да обезбедува амбиент за спастрено функционално демократски општество.

Сето друго, па и ова со плачливите реакции поради личните болки од кадровската метла, се само жални пресметливи додворувачки патетики и себични кариеристички математики.

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.

Администратор

Latest posts by Администратор (see all)