Денешна дата
23/10/2019

ВО ТРИАГОЛНИКОТ НА КРИЗИ: ЕКОНОМСКАТА НЕСТАБИЛНОСТ И ПОРОЗНИТЕ ГРАНИЦИ – „РАЈ“ ЗА ОРГАНИЗИРАНИОТ КРИМИНАЛ

  • Јужна Србија, Косово и Северна Македонија „жешки точки“ за криминал на Балканот

 

  • Северна Македонија е најголемата крстосница за организираниот криминал, покажува извештајот на Глобал Инишијатив

 

  • „Тријаголникот на кризи“ поврзан со нелегална трговија од разни врсти, не е само дрогата, тука делумно е и трговијата со мигранти, делумно и цигарите, но и разна роба од широка потрошувачка која доаѓа од Кина, вели професорот Углеша Звекиќ

 

 

Пишува: Александар Тодески

 

Северниот дел од државата, Јужна Србија и Косово се „жешки точки“ на Балканот, пишува Глобал Инишијатив во својот извештај за организираниот криминал и корупцијата во Западен Балкан. Меѓународниот институт за кривична правда и човекови правата од Саракуза пак, земјава ја сместува во транзитните држави, со најголема стапка на трговија со опојни дроги и криумчарење.

 

„Тријаголникот на кризи“ нема целосна контрола на границите

 

 

Северна Македонија, Косово и Јужна Србија се земјите – тријаголник на кризи, чија покриеност на границите освен на официјалните гранични премини е никаква. Зелената граница без контрола претставува и слободно движење за транснационалниот организиран криминал, бидејќи секој може да премине и пренесе што сака.

 

Станчиќ во Косово, Прешево во Србија, граничниот премин Табановце, како и Белановце, Лојане, Ваксинце и Куманово во Северна Македонија се мапирани како „жешки точки“ во регионот. Економската неразвиеност, нестабилност, порозните граници и лошото владеење се главните причини што овој регион го прави „ранлив“ пред организираниот криминал.

 

Македонските градови пак, имаат дополнителни причини, бидејќи се центар низ кој се помнува од Србија до Грција, но и Косово и Бугарија, а како градови со местоположба „најпогодна“ за организираниот криминал се претставени Тетово и Куманово, бидејќи се главниот премин помеѓу државите.

 

Најголемата стапка на невработеност во Северна Македонија е забележана во Тетово, Куманово и Липково, односно дури 58%, па со тоа и младите кои не се иселени од овој дел се најподложни на „брзи пари“, односно регрутација во криминални или вооружени групи. Семејните односи во „триаголникот на кризи“, кој до 1991 година беше една држава, а сега е во три, но и честите посети на роднините меѓусебно е наведено како причина за лабави ставови кон границите и овозможување на шверц.

 

Примерите за шверц се неретки, па така пред две години, автобус кој се движел од Прешевската долина кон Швајцарија бил претресуван, а од него биле запленети 110 килограми хероин. Минатата година пак, во Албанија е откриена лабораторија за хероин, а морфиумот и другите состојки на дрога кои се пронајдени, беа донесени од Турција преку Косово и Северна Македонија.

 

Најголемо количество на синтетички лекови што некогаш биле запленети во југоисточна Европа е најдено близу Тетово во 2017 година. Полицијата заплени триста килограми амфетамин, во една илегална лабораторија.

 

Углеша Звекиќ, поранешен амбасадор на Србија во Обединетите нации и актуелен амбасадор на Интернационалниот институт за криминална правда и човекови права од Саракуза во интервју за Инбокс7 вели дека овој триаголник поради слабата економија е подложен и на корупција, што е олеснителна околност за нелегалната трговија. Според него, државите немаат голем капацитет да се борат со овој вид на криминал.

Углеша Звекиќ

„Капацитетот на државите да се борат со нелегалната трговија е многу скромен и не може да се очекува дека само полицијата, обвинителството и судството да го решаваат тој проблем. Зошто, затоа што нелегалната трговија има економска подлога, не доаѓа тука зошто некому тоа му се допаѓа, туку затоа што постојат големи можности за нелегална трговија. Затоа што приметивме дека голем број од тие жаришта, како тој триаголник на границите измеѓу трите територии и тука е положбата на тие места на кои се случуваа, која е многу слаба. Тоа се економски ослабени, локалните власти и администрацијата се неефикасни, немаат капацитет да пружат добри услуги на граѓаните, има голема стапка на невработеност, големо заминување на младите од тие краишта или во поголемите градови или надвор од државите, па со тоа, единствено вложувањето во инфраструктурата, економска и политичко-административна, важно е да се подвлече, државата мора да вложува во сопствената администрација доколку сака да го подигне капацитетот за услуги на граѓаните и доколку сака да ги контролира тековите на нелегалниот капитал. Тој секако е поврзан со нелегална трговија од разни врсти, не е само дрогата, тука делумно е и трговијата со мигранти, делумно и цигарите, но и разна роба од широка потрошувачка која доаѓа од Кина, преку исток и тука наоѓа пазар, секако граѓаните имаат аспирација да купуваат поевтини работи иако се тие со лош квалитет“, вели Звекиќ.

 

ЛИЦАТА НА КРИМИНАЛОТ

 

Во регионот на Тетово, се вели дека постојат околу осум криминални групи. Тие се добро поврзани со заедницата, со многу оперативни ресторани и барови, а некои и со мрежи во странство.

 

„Конкретно една група се чини дека има силна врска со добро поврзана група етнички Албанци од Северна Македонија кои работат во Словачка. Еден од најголемите лордови на трговија со дроги во Северна Македонија, Бајруш Сејдиу, доаѓа од Куманово“, пишува во извештајот на Глобал Инишијатив.

Оливер Ивановиќ

По повеќе од една година од убиството на Оливер Ивановиќ, извештајот нотира дека смртта на овој косовски политичар зборува повеќе за мрачната економија на Косово отколку за тензиите на српските и албанските заедници во земјата.

 

Северниот дел на Косово функционира како „сива зона“ уште од крајот на Косовската војна во 1999 година, бидејќи косовските власти и меѓународната заедница оттогаш имаат ограничени овластувања. За оваа „сива зона“, Глобал Инишијатив пишува дека шверцот е толку неконтролиран што се смета за редовна економска активност, додека мистериозните експлозии на бомби се „новата нормалност“, додавајќи дека ова покажува дека, барем кога станува збор за шверцерските мрежи, етничките, географските и административните граници не се пречка за соработка меѓу криминалците.

 

Тука се споменуваат и имињата на Звонко Веселиновиќ и Милан Радоичиќ, долгогодишни деловни партнери, блиски познаници и според официјалните извештаи и истражувачките стории, партнери во криминалот.

Звонко Веселиновиќ и Милан Радоичиќ

Уште во 2011 година, двајцата се сметаа за водачи на отпорот и заштитници на интересите на Србите во Косово.

 

„Додека играа на националистичка картичка, се чини дека она за што тие навистина беа загрижени беше дека построгата царинска регулација би им наштетила на нивните кривични и деловни интереси. Ова тврдење беше поткрепено со изјавите на локалните косовски полициски службеници, западните дипломати и царинските власти, кои сите тврдеа дека Веселиновиќ е босот во криминалната мрежа која сега е загрозена од царинските контроли и дека тој е централен организатор, одговорен за поставувањето и одржувањето на десетици барикади“, пишува Глобаш Инишијатив.

 

Она што ги поврзува двајцата со Оливер Ивановиќ е интервјуто на Ивановиќ за Балканската мрежа за истражувачки новинари непосредно пред неговата смрт, кога го опишал Радоичиќ како „мрачниот владетел на северот на Косово“ и „клучна личност во застрашувачкиот систем на моќ на северно Косово“. Ивановиќ во интервјуто вели и дека власта во северно Косово не биле во рацете на избраните функционери и локални институции, и дека Радоичиќ претставува неформален центар на моќ и одлучување во регионот.

 

Минатата година, кога е убиен Ивановиќ, Радоичиќ станува потпретседател на Српска листа, сестринска партија на владејачката СНС во Србија, но и коалиционен партнер на косовската влада.

 

За прашањето што убиството на Ивановиќ покажало за мрачната економија во Косово, Углеша Звекиќ во интервјуто за Инбокс7 вели дека во тешка ситуација како во северот на Косово, било тешко за политичарите кои се спротивставувале на организираниот криминал.

 

„Тоа се уште не завршена постапка, не е се откриено, така да тоа се само претпоставки и тешко е да се каже нешто за тоа. Факт е дека на сите делови од земја во која нема правна држава и нема ефикасна администрација, каде нема вистинско производство, всушност нема економија, економија која е базирана на помош која стигнува и од странски земји и од самата држава и така натаму, а тоа е типично за она што се случува во северниот дел на Косово, воведување на царинската бариера, привремената забрана за српски производи исто така го зголеми криумчарењето, тоа не е ништо изричито. И ако имате тешка, сложена ситуација, луѓето кои таму се занимавале со политика, се соочувале со предизвиците од организираниот криминал кој е поврзан не само во тој дел, туку општо поврзан со политички структури и тоа се предизвиците. Бидејќи не е завршено судењето, целата истрага не е готова и не можам ништо околу тоа да зборувам. Сакам да кажам дека постоеше една економско-политичка ситуација која беше неповолна за оние кои се обидуваа да се спротивстават“, вели Звекиќ.

 

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА – НАЈВАЖНИОТ ПАТ НА ТРАНСАНЦИОНАЛНИОТ КРИМИНАЛ

 

Патот на организираниот криминал е најширок низ македонските градови. Штип, Кочани, Свети Николе, Велес, Скопје, Тетово, но и Струга, Гевгелија и други градови може да се видат јасно на мапата, бидејќи низ нив минува нелегалната трговија, од исток кон запад и од север кон југ.

 

Најраспространетите активности на организираниот криминал кои минуваат низ Скопје вклучуваат трговија со дрога, кражба на автомобили, шверц на мигранти, како и правни фирми кои обезбедуваат превоз за нелегална трговија, како и можности за перење пари. Она што го нотира извештајот на Глобал Инишијатив е фактот дека трите главни криминални групи кои работат во регионот (селата Арачиново, Кондово и Грчец) уживаат политичка заштита.

 

Велес пак, како центар кој води од север кон југ, односно од Грција кон Косово, но и на исток кон Бугарија е важна раскрсница за шверцот на дрога. Сепак, официјалниот број на заплени на дрога е многу низок, како и официјалната стапка на криминал. За овој македонски град, Глобал Инишијатив пишува дека дел од профитите од оваа незаконска активност се чини дека биле пренесени во градските дискотеки, кафе барови, ресторани, туризам, хотели и обложувалници.

 

Интернационалниот институт за криминална правда и човекови права од Сракауза пак, освен како „земја транзит“, Северна Македонија ја нотира и како држава во која се произведуваат помали количества на опојни дроги, главно за локални и регионални пазари. За криминалните групи пак, се наведува дека имаат и фирми, преку кои ги сокриваат криминалните активности.

 

Проблемот во државата пак, освен во транснационалниот криминал е очигледен и во домашниот организиран криминал и корупција, бидејќи како што Инбокс7 веќе пишуваше, судовите имаат многу мал број на пресуди за ваков тип на криминал.