Денешна дата
19/06/2019

УГЛЕША ЗВЕКИЌ: ПОРАДИ НЕДОВЕРБАТА МЕЃУ ВЛАСТИТЕ НА БАЛКАНОТ НЕМАМЕ ЕФЕКТИВНА БОРБА СО ТРАНСНАЦИОНАЛНИОТ КРИМИНАЛ

  • Илегалната трговија, организираниот криминал и корупцијата не почнуваат на Балканот, ниту пак завршуваат на Балканот

 

  • Нашиот регион традиционално е транзитен регион за облици на нелегалната трговија, пред се за дрога, хероин

 

  • Додека употребата на кокаин во американските земји и Северна Америка се сопира, стагнира, во Европа има раст

 

 

Интервјуирал: Александар Тодески

 

 

Углеша Звекиќ е поранешен амбасадор на Репубика Србија во Обединетите нации. Иако професор на факултети во Србија и Италија, тој е еден од најгласните и најголеми експерти за транснационален организиран криминал и корупција. Во Скопје учествуваше на тридневна конференција „Национален стратешки дијалог за недозволена трговија“ со посебен осврт кон случувањата во Северна Македонија, каде воедно и одговараше на неколку прашања на Инбокс7.

 

Инбокс7: Господине Звекиќ, ќе може ли да ни кажете малку повеќе за конференцијата „Национален стратешки дијалог за недозволена трговија“ во РСМ?

 

Звекиќ: Оваа конференција „Национален стратешки дијалог за недозволена трговија“ во регионот, со посебен осврт на Република Северна Македонија. Таа настана како производ на еден процес, истражување под раководство на Институтот за меѓународно кривично право и човекови права, сместен во Сиракузи на Сицилија во Италија и која опфати 11 земји од Југоисточна Европа. Меѓу тие истражувања кои траат по една година е и истражувањето на различни облици, методи и патишта на илегална трговија, но пред се, капацитетот на државните органи, превенција и сузбивање на илегалната трговија во регионот и секако во сите овие земји. Во декември месец минатата година, во Сиракузи имаше регионален стратешки дијалог на кој учествуваа претставници од сите земји, од Република Северна Македонија беше министерката за правда, госпоѓа Десковска, а потоа тргнавме со една серија „Национален стратешки дијалог“ и Р.С. Македонија е првата земја која ја посетуваме и ова е прв „Национален стратешки дијалог“, кој овде во Скопје ќе трае три дена.

 

Инбокс7: Земјите од Западниот Балкан се стремат кон Европската Унија. Колку се тие подготвени за почнување на преговори ако се земе предвид дека една од најбитните работи за Унијата е борбата против организираниот криминал?

 

Звекиќ: Борбата против организираниот криминал и корупцијата, затоа што тие две работи и на национално, и на регионално и на транснационално ниво одат заедно. Денеска е многу тешко да се одвојат, се еден од многу важните препреки и предизвици на сите држави кои сакаат да влезат во Европската Унија, но исто така се предизвик и за ЕУ. Во нашето истражување кое го претставуваме тука е многу јасно дека илегалната трговија, организираниот криминал и корупцијата не почнуваат на Балканот, ниту пак завршуваат на Балканот. Тие доаѓаат од некаде и одат некаде. Доаѓаат од државите кои се околу нас, проаѓаат низ целата наша територија и ние имаме голем придонес во организираниот криминал и корупцијата на регионално и на национално ниво и потоа ги праќаме понатаму кон Европската Унија затоа што крајната цел на многу облици на нелегална трговија е Европската Унија. Затоа, не се работи само за тоа дека земјите на овој регион се заинтересирани да станат членки на ЕУ. И Европската Унија мора да биде заинтересирана овие земји да станат членки за сепак да се води хармонизирана стратегија за превенција и борба против нелегална трговија.

 

Инбокс7: Што најмногу влијае за појава на организираниот криминал и корупцијата?

 

Звекиќ: Знаете како, нашиот регион традиционално е транзитен регион за облици на нелегалната трговија, пред се за дрога, хероин. Но, во меѓувреме со глобализацијата, со поголема комерцијализација, се створија и други форми на нелегална трговија која поминува тука. Дрогата и криумчарење цигари се класични облици и знаеме за нив, некогаш цигарите се криумчареле со магариња, а денеска се пренесуваат, знаеме за такви случаи од Албанија и Италија, со мали авиони. Според тоа, од магаре до авион се променил начинот на промет на нелегалната роба. Значајно е дека овој регион станал исто така и транзитен регион за нови облици на нелегална трговија кои порано не постоеле, пред се во областите на дрога, каде би подвлекол само две: кокаинот и хероинот. Знаете дека Европа стана пазар на користење на кокаинот во пораст. Додека употребата на кокаин во американските земји и Северна Америка се сопира, стагнира, во Европа има раст. Секако, борбата против трговијата и криумчарење на кокаин доведе до тоа да старите патишта за криумчарење кокаин кои одеа од Јужна и Северна Америка, во главно преку Колумбија, Ротердам, па потоа дел преку Африка, преку Нигерија, Либија и Италија беа сопрени, а сега се наоѓаат нови патишта и новиот пат е Балканот. Ние благодарејќи на Балканот, зошто го има целото јадранска крајбрежје, тука е Грција, Турција, Кипар, Црна Гора, Албанија, Хрватска…Значи дојде до една голема поврзаност на картелите од Јужна Америка со регионални групи на организиран криминал. Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, сите земји се многу вмешани. Тоа е еден облик кој порасна, порасна и употребата на кокаин во нашиот регион, не во толкави размери како во Европската Унија, значи главната работа е во тоа што кокаинот влегува во Балканот и оди во Европската Унија. Тоа е всушност третиот пат на кокаинот на глобално ниво. Друг интересен облик се синтетичките дроги. Тие синтетички дроги не доаѓаат од југ, па поминуваат низ Балканот и одат на запад и север, туку доаѓаат од запад на Балкан, одат на пазарот пред се во Турција, а се користат многу и во нашиот регион. Нашиот регион исто така стана, пред се во Србија, делумно во Албанија, па и овде, во северниот дел на Северна Македонија, на граница со Србија и Косово, откриени се фабрики за производство на синтетичка дрога. Ние и увезуваме синтетичка дрога која доаѓа од Холандија и Германија на Балкан и оди кон Турција и на исток, но и правиме во мали количини. Сакам да кажам дека трговијата со дрога стана еден голем автопат. Тоа не е едносмерна улица, не доаѓа само од исток, кон Балкан, па на запад, туку доаѓа и од латинска Америка и југ, преку Балкан на запад и од западот преку Балкан на исток. Значи станавме прилично важна раскрсница за трговија на различни видови на дрога, хероин, кокаин, канабис и синтетичка дога.

 

Инбокс7: Косово, Србија и Северна Македонија според Глобал Инишијатив се „жешки точки“ на Балканот, воедно се тврди дека тоа е поради економската нестабилност и лошото владеење. Како државите да стават ред на овој т.н. триаголник?

 

Звекиќ: Нема тука некои посебно нови методи. Се работи за тоа дека она што досега се правело е да се направи многу за реформите во полиција, обвинителство, судство и тоа донесе одредени резултати, тоа не треба да се негира. Меѓутоа капацитетот на државите да се борат со нелегалната трговија е многу скромен и не може да се очекува дека само полицијата, обвинителството и судството да го решаваат тој проблем. Нелегалната трговија има економска подлога, не доаѓа тука зошто некому тоа му се допаѓа, туку затоа што постојат големи можности за нелегална трговија. Приметивме дека голем број од тие жаришта, вие споменавте, постои тој триаголник, на границите измеѓу трите територии и тука е положбата на тие места на кои се случува, која е многу слаба. Тоа се економски ослабени, локалните власти и администрацијата се неефикасни, немаат капацитет да пружат добри услуги на граѓаните, голема стапка на невработеност, големо заминување на младите од тие краишта или во поголемите градови или надвор од државите, па со тоа, единствено вложувањето во инфраструктурата, економска и политичко-административна, важно е да се подвлече, државата мора да вложува во сопствената администрација доколку сака да го подигне капацитетот за услуги на граѓаните и доколку сака да ги контролира тековите на нелегалниот капитал. Тој секако е поврзан со нелегална трговија од разни врсти, не е само дрогата, тука делумно е и трговијата со мигранти, делумно и цигарите, но и разна роба од широка потрошувачка која доаѓа од Кина, преку исток и тука наоѓа пазар, секако граѓаните имаат аспирација да купуваат поевтини работи иако се тие со лош квалитет.

 

Инбокс7: Колку граничната полиција и цариниците се вклучени во организираниот криминал и корупцијата бидејќи неретко гледаме дека се пропуштаат криумчарите?

 

Звекиќ: Да, па тоа е голем проблем. Прво морам да кажам дека со помош на меѓународната заедница, пред се Европската Унија и организациите за соработка и безбедност „Фронтекс“, граничната полиција и царината ги зголемија своите капацитети, не се веќе толку пасивни како некогаш што беа. Но мора да сфатиме дека тие органи се најподложни на разни врсти корупција и проблемот е во тоа. Вие не можете денес да објасните дека во сите технолошки средства кои постојат и понатаму е големо криумчарењето на роба, мора да постои некакво објаснување, а тоа објаснување е корупцијата. За жал во тие органи корупцијата е многу присутна. Таа може да биде на мало ниво што е најчест случај и против неа лесно може да се избориме, но може да биде на многу повисоко ниво, а тоа е поозбилна спрега на одредени политички структури во друштво и организираниот криминал. Не треба прстот да се впери само кон граничната полиција и на царината, тие се дел од една структура на еден цел систем и морам да застанам во одбрана на граничната полиција и царината и да кажам дека многу е направено нивните капацитети да се подобрат. Значи треба да се работи на зголемување на нивните капацитети и интегритетот.

 

Инбокс7: Косово, Србија и Северна Македонија исто така се нотирани како „жариште“ за трговија со луѓе, но дел од Северна Македонија е наречен и „сообраќајница за шверц на мигранти“. Како криминалците опстојуваат тука, зошто властите потфрлаат во борбата со шверцерите?

 

Звекиќ: Знаете што, тоа со мигрантите знаете, имавме голема криза пред неколку години, сепак бројот на мигранти опадна во однос на тоа што го имавме во 2015, 2016 година, но се уште, покрај сите преземени мерки, мигрнатите доаѓаат и доаѓа до шверц. Имам впечаток дека во нивното криумчарење само делумно се големи групи на организираниот криминал вклучени. Многу почесто се случува во мали, пофлексибилни групи. Тоа не се некои големи групи и тука е проблемот на полицијата, како да се бори против помалите групи. Полицијата го има зголемено капацитетот да се бори против големи мафии, но нема капацитет да се бори против малите мафии кои се многу флексибилни групи, кои всушност се оформуваат по потреба, а потоа се растураат, па повторно се оформуваат, па повторно се растураат. Знаете дека делот на кирумчарење на мигранти не е само работа на кривичното право, туку е и правење на мали профити. Има многу агенции кои немаат никаква врска со организиран криминал, кои всушност за пари даваат услуги, на пример, хотели, мотели, такси и така натаму, кои упаднале во нелегална  трговија иако сами по себе не се криминални групи. Кога имате можност да остварите одреден профит, па дури и да е мал, дури и оние кои не се криминалци употребуваат криминални методи. За тоа се работи и тоа е најголем проблем на нашиот регион, таа култура, криминално-културниот стил кој всушност го опфати целиот регион и е далеку поопасна работа отколку самиот организиран криминал, односно групите на организираниот криминал со кои дури и може да се борат државите, но против еден стил на криминална култура тешко е да се бориш, тоа бара друг пристап, а не полиција, обвинителство или судство.

 

Инбокс7: Што треба властите да преземат за да се намали стапката на криминал во земјите на Балканот?

 

Звекиќ: Прво што треба да се направи е да се подобри ситуацијата на Балканот. Не може да се има добра соработка помеѓу полиции и обвинителства на земјите на Балканот доколку политичката клима е недоверба. За жал денес сме во ситуација во која постои голема доза на политичка недоверба меѓу земјите на Балканот. Таа политичка недоверба која владее на земјите во Балканот спречува една далеку поширока и подобра соработка помеѓу полициите, обвинителствата и судството. Не можете на организираниот криминал кој е регионален и транснационален да се спротивставите само со национална полиција или обвинителство, тоа не оди, бидејќи Балканот стана центар на транзитот на транснационален криминал. И ако имате центар на транзитот на транснационален криминал, морате да имате соработка, а за да постои соработката, мора да имате поволна политичка клима. Додека не се воспостави однос на доверба помеѓу политичката елита, односно луѓето кои се на власт на Балканот и југоисточна Европа, но особено на Балканот, не можат да се направат големи чекори напред во регионалната борба со организираниот криминал. Целиот Балкан, тоа не е работа на Северна Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина сами по себе, тие едноставно сами не можат, како што не можат тоа да го направат без помош, учество и соработка со Европската Унија од една страна, вклучувајќи ги Бугарија, Романија и Грција, како и Турција, која е надвор од ЕУ. Воопшто, правење на една политичка клима на доверба е предуслов за борба против транзитниот транснационален криминал.

 

Инбокс7: Традиционално во земјите на Балканот власта, медиумите и граѓанските здруженија не соработуваат ниту за најбитните работи како борба против организираниот криминал за разлика од организираните криминални групи кои соработуваат беспрекорно.

 

Звекиќ: Не е баш беспрекорно. Тоа е ублажување да се каже дека соработуваат беспрекорно. Соработуваат кога е потребно, но меѓу себе и се убиваат. Видете колку убиства имаме во Црна Гора, во Србија, во последно време има пресметки на разни групи на организиран криминал. Таа нивна соработка исто така зависи од можностите. Но додека се водат борби за контрола на пазарот има големи пресметки меѓу групите на организиран криминал. Сакам да кажам дека тоа мит дека фантастично соработуваат. Соработуваат кога е потребно, но не баш добро како што ние зборуваме за тоа. Далеку поголем проблем е непостоењето на поддршка и слободата за средството на јавното мислење, вклучувајќи го и истражувачките новинари кои се загрозени во сите земји на Западен Балкан. Новинарите се изложени на прогон, некои за жал се и убиени, тие пред се немаат слобода на делување, немаат слобода да дојдат до податоци, тоа е макотрпна работа. Истражувачкото новинарство кај нас нема долга традиција, тоа е релативно скоро настанато, но нема поддршка да се развива како што треба. Значи наместо државата да му помогне на истражувачкото новинарство зошто се на иста задача, борба против негативни појави, имам впечаток дека одредени наши политички структури оневозможуваат развој на истражувачкото новинарство, но не само на истражувачкото, воопшто за слободните медиуми. Знаеме дека слободата на медиумите во нашиот регион е на ниско ниво. Тоа е фантастична мерка на демократија. Доколку немате независни медиуми, тешко е да се зборува за демократија и тоа е зошто нашите држави тука многу патат, зошто тоа го немаат. Слична е ситуацијата со невладините организации, пред се оние кои се борат против корупцијата и организираниот криминал, исто така немаат поддршка, исто така се прилично оставени на себе и се наоѓаат на различни начини. Мора да бара финансиска помош од странство и никако да застанат на сопствени нозе како и истражувачкото новинарство. Да станат фактор, исто како и медиумите, тие треба да станат фактор за соработка во регионот, но додека се маргинализирани во сопствените средини, тешко е дека ќе направат големи исчекори на регионален план. Мислам дека еден од приоритетите на културната демократизација и политичката демократизација на државите тука е давање независност и слобода не медиумите, истражувачкото новинарство, невладините организации и нивна соработка со државните органи, а парадигмата е дека тие се спротивставени на државните органи, тоа не води никаде, туку го зајакнува просторот за организираниот криминал да делува.

 

Инбокс7: Истражувачки новинари од регионот пишуваат дека во дел од земјите властите соработуваат со организираните криминални групи. Дали можеби тоа е најголемата причина за оваа слика која што ја имаме денеска?

 

Звекиќ: Не сум толку упатен во тоа, така што едноставно не можам да ви кажам дали е тоа така или не е така.