Денешна дата
18/08/2019

„Метлата“ на Заев ќе смете најмалку 5 министри и 20-тина директори?!

Деновиве се чека премиерот Заев конечно да ги соопшти смените на министрите. Во веројатната петорка Адеми, Дураку, Сугаревски, Лика, а за Димитров се уште се шпекулира

Светлана Унковска

 

 

Премиерот Зоран Заев и коалицискиот партнер, лидерот на ДУИ Али Ахмети во најголем дел се усогласиле за договорот за новиот изглед на Владата и веќе наредните денови се очекува тој да биде и официјално соопштен, велат партиски извори, повикувајќи се и на изјавата на премиерот кога рече дека ги има имињата на функционерите коишто планира да ги предложи за испразнетите позиции по смените во Владата и во партијата. Тој и натаму не открива кои се имињата што ќе ги опфати метлата, но само рече дека тоа нема да бидат жените-министри.

 

Николовски најавува дека е можно деновиве да се објави реконструкцијата

 

Генералниот секретар на партијата и сè уште министер за земјоделство, Љупчо Николовски вели дека во тек се консултациите на премиерот Заев со коалициските партнери. Тој очекува дека во наредните денови ќе има повеќе информации во однос на реконструкцијата на Владата после која тој ќе се повлече од министерската позиција.

Сите кадровски преструктуирања, односно зголемувањето на потенцијалот на капацитетите продолжува на сите нивоа и партиски и на ниво на Влада и не само на министерско, туку и во останатите ешалони. Паралелно се одвиваат сите активности, но очекувам дека претседателот на Владата ќе ја информира јавноста во текот на следните денови за исходот од првичните одлуки за реконструкцијата на Владата. Заев им порача на министрите и директорите да си проверат во фиоките и оние предмети кои не им се завршени да ги завршат“, истакна Николовски кој додаде дека промените целосно ќе соодветствуваат на потребите, сигналите и пораките што ги пратија граѓаните изминатиот период.

И вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи вели дека во преговорите за министерските смени се договараат зајакнувања на капацитетите, посебно во економијата.

Претседателот Ахмети и претседателот Заев разговараат за зајакнување на капацитетите во пресрет на новото поглавје, новиот фокус на Владата, а тоа е економијата“, истакна Османи.

 

Николовски, Адеми, Дураку, Сугаревски, Лика во веројатната петорка

 

Неофицијалните информации говорат дека промените ќе опфатат најмалку 5 министри и околу 20-ина директори на важни институции. Во јавноста се шпекулира дека сигурно промени ќе има во ресорот екологија каде се очекува да го преземе СДСМ, потоа транспорт и врски, но и во ресорот економија. Засега е сигурно дека ресорот земјоделство ќе добие нов министер, откако Љупчо Николовски беше назначен за нов генерален секретар на СДСМ на неодамнешниот Централен одбор на партијата. Од министерската позиција заминува и министерот за култура, Асаф Адеми кој претходно сам најави дека се повлекува од функцијата поради здравствени причини. Се поизвесно е дека министерот за екологија, Садула Дураку ќе биде сменет од оваа позиција  поради неисполнување на обврските. Метлата се очекува да го опфати и министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски.  Од вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договорот Хазби Лика кој не доаѓаше на работа, ќе има елегантно отстранување откако беше одлучено да се укине Секретаријатот за Рамковен договор, а да се формира ново министерство. Се уште во рамки на шпекулации се тврдењата дека министерот за надворешни работи, Никола Димитров заминува во Америка во престижен институт, но самиот тој во една прилика го отфрли ова како невистина. Смени веројатно ќе има и на дел од економските министри, најмногу кај одговорните за инвестиции. Заев најави промени и кај замениците министри, државните секретари и директорите на јавните претпријатија.

 

Стојадиновиќ: Промени да има каде што е потребно, а не поради нечии интереси

 

Политичкиот аналитичар, Соња Стојадиновиќ вели дека прво и основно е промените да се направат таму каде што е најпотребно, односно каде што нема покажано никакви резултати.

„Ако бидат поставени квалитетни кадри на места каде што не е покажан резултат, а не да се гледа партиски или коалициски интерес, тогаш ќе имаме промени во власта како што треба. Треба да се престане со тие коалициски и партиски кадри, туку да бидат поставени личности кои најпрво ќе се грижат за интересите на граѓаните. Во овие смени што се најавуваат има мала нелогичност со промената на министерот за земјоделство, кој беше исклучително компетентен и добро работеше, но бидејќи веќе се одлучило тој да замине во партијата, сметам дека таму повторно треба да биде именуван некој кој ќе го продолжи успешното работење. За она што се говори дека Садула Дураку ќе си замине, мислам дека тој воопшто и не требаше да биде поставен, но тоа беше дел од коалициски договор, што, како што реков претходно, такви партиски и коалициски интереси треба да престанат“, вели Стојадиновиќ.

Откако Заев ги најави промени во Владата, опозициската ВМРО-ДПМНЕ почна со серија критики, а таканаречената „метла“ ја нарече само обид да се амнестира лично тој самиот себе и неколку лица блиски до него од одговорност за сите штетни политики кои ги спроведуваа изминатите две години.

„Потегот на Зоран Заев е правење на една димна завеса, со која што ќе се амнестира себеси и тие блиските околу него за штетните политики кои во изминатите две години како Влада ги прават“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.