Денешна дата
18/08/2019

Серијал Ветено – неисполнето: Три години чекаме бесплатни лекови

Ова го потврди и Европската комисија во најновиот Извештај за напредокот на земјава, каде се потенцира дека за повеќе од една третина здравствени услуги, граѓаните сами си ги плаќаат

 

СДСМ во предизборната програма најави гинеколог за секоја бремена жена и проширување на листата на бесплатни лекови барем еднаш годишно. Реалноста е дека недостигаат најмалку 250 гинеколози, а бесплатни лекови има само во првата недела од месецот

Љубица Иванова

 

Во предизборието на парламентарните избори 2016 година, СДСМ настапи пред избирачите со ветувањето дека за секој граѓанин на државава, пристапот до основниот здравствен пакет ќе го направи бесплатен. Во тој дух, Владата, минатата година, најави дека од јануари 2019 година ќе ја укине партиципацијата за болничките здравствени услуги. Но, по две години од доаѓањето на власт на новата влада, промени на подобро во здравството речиси и да нема. Граѓаните сè уште плаќаат партиципација.

На позитивната листа нема ниту еден нов лек. Со доплата до 100 денари се приближно 40,6% од лековите со референтна цена, а со доплата од 100 до 500 денари се 16.5 % лекови . Алармантна е и состојбата на немање лекови на рецепт после 15-ти во месецот. Но, има и други проблеми кои не се знае кога ќе се решат. Еден од нив е што во моментов, во државата се активни 144 матични гинеколози, иако според светските параметри, кај нас треба да има минимум 400 гинеколози.

Министерството за здравство молчи за нереализираните ветувања. Во меѓувреме, во најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава се наведува дека „нема напредок за заштита на здравјето и потрошувачите“. Исто така, се потенцира дека повеќе од една третина здравствени услуги, граѓаните ги плаќаат од својот џеб.

 

 

 

Дали политичарите го ветуваат и невозможното за да придобијат гласови?!

 

 

На третата година од владеењето на новоформираната Влада предводена од Зоран Заев, “Инбокс7” истражува и прави анализа до каде и колку од предизборните ветувања на власта се исполнети.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и коалицијата за парламентарните избори 2016 година, изготви многу амбициозна програма која се содржи во „План за живот во Македонија“. Планот е изготвен според потребите на граѓаните, за живеење на добар и достоинствен живот.
Ова не е бајка, овој план е базиран на наука, историја и факти. Остварлив е и можеме заедно и да го реализираме„ – стои во воведот на програмата.
Во околку 260 страници се опфатени сите сфери од општественото битествување на секој граѓанин.

Ветено:

-Ќе овозможиме квалитетно јавно здравство достапно за сите, во кое што ќе работат стручни и квалитетни лекари.
– Ќе воведеме бесплатно болничко лекување за сите граѓани – партиципацијата ќе ја укинеме.
-Ќе обезбедиме достапност до матичен гинеколог за секоја бремена жена.
-На позитивните листи ќе има најмалку еден бесплатен лек од секоја генерика.
-Ќе ја прошируваме позитивната листа на лекови барем еднаш годишно.

Реалност:

-Граѓаните сеуште плаќаат партиципација
-Во моментов, во државата се активни 144 матични гинеколози; според СЗО, на овој број на население во Македонија,треба да има минимум 400
-Со доплата до 100 денари се приближно 40,6% од лековите со референтна цена
Со доплата од 100 до 500 денари се 16.5 % лекови
Минимални 2,9% се лекови со доплата од над 500 денари, за кои се обезбедени други лекови од истата генерика кои што се без доплата.
-Состојба на немање лекови на рецепт после 15ти во месецот.

Во делот за здравство се ветува дека СДСМ ќе овозможи квалитетно здравство достапно за сите, потоа бесплатно болничко лекување за сите граѓани, матичен гинеколог за секоја бремена жена и најмалку еден бесплатен лек барем еднаш годишно. Но, досега сето ова остана на ниво на ветувања.

Гоце Чакаровски, поранешен заменик министер за здравство,  кој учествувал во изработка на „План за живот“, кој подоцна Владата го именуваше за Национален координатор за здравство, за “Инбокс7” изјави дека во програмата не било спомнувано укинување на партиципација или како што тој вели барем самиот не се сеќава на такво нешто.

 

Менче Атанасова Точи – искусна новинарка која ја следи областа од здравството, смета дека непромислено и избрзано им е ветувањето за бесплатно јавно здравство во „Планот за живот на СДСМ“:
„Очигледно беше и на почеток, дека дури и самите не веруваа во тоа што беше зацртано од партиската Комисија за здравство, каде се ветуваа и други работи само да се урне претходната власт”. Точи тврди дека затоа и во Министерството за здравство воопшто и не се спомнува такво нешто. Ова ветување е нереално бидејќи бесплатно здравство нема, а не може ниту да има. Здравството и така кубури со пари и ако стане бесплатно, згора на се и се укине и партиципацијата, системот ќе колабира и ќе престане да функционира, додава таа.

Две години од доаѓањето на власт позитивната листа на лекови не е ревидирана, во неа нема ниту еден нов лек, потенцираТочи. Истражувањата на Точи покажуваат дека листата на лекови не е променета повеќе од една деценија, со што лекарите не можат да спроведуваат медицина базирана на докази ако пациентот не е во можност да си го купи лекот. На листата се наоѓаат многу стари лекови, така што лекови кои во другите земји се употребуваат со години кај нас ги нема на рецепт и пациентите се принудени сами да си ги купуваат.
Точи потенцира дека ова е многу несериозно од страна Министерството за здравство и излегува дека грижата за здравјето на пациентите е на последно место.


Родител на оперирано дете раскажува како после извршената операција, неопходно било нејзиниот син да прима терапија десет дена, поточно, три пати на ден од антибиотикот meropenem. Меѓутоа, залихи од лекот немало ниту на одделот во кој биле хоспитализирани, ниту во Брза помош.
„Бевме принудени да го купиме лекот на приватно. Никој не нè праша дали во моментот ги имаме потребните финансии, а од друга страна никако не смееме да дозволиме прекин на терапијата. Целата терапија од вкупно 30 раствори за инјектирање, нè чинеше 24.000 денари. Поднесовме документи за повраток на средствата, меѓутоа Фондот за здравство враќа само 70% од вкупната сума“, вели мајката на оперираното дете.

К.Јовановска,  родител раскажува:
„Откако моето дете остана неподвижно, додека лежеше во болница па и отпосле,  имаше потреба од примање терапија за разредување на крвта. На позитивната листа на лекови го немаше потребниот лек, па бевме принудени да го набавуваме на сопствен трошок. Многу често имаше ситуации кога снемуваше и други од неопходните лекови кои се на позитивната листа, па моравме да ги набавуваме како знаеме и умееме.“ 

 

Што велат експертите од областа на здравството?

 

 Владимир Лазаревиќ – експерт за јавно здравство констатира дека ако не плаќаат граѓаните, треба да плати државата, поточно, повторно граѓаните, но преку даноци:
„Не постои никаде во светот концепт на бесплатно здравство. Квалитетното здравство чини пари и некој мора да плати за тоа.“

Менче Атанасова Точи потенцира дека:
После остатоците од пост-социјалистичкиот систем кога се збогувавме со бесплатното здравство, на граѓаните јасно им беше ставено до знаење дека лекување без пари повеќе нема да има.“
Според неа, тој процес е одамна започнат, здравството веќе помина низ трансформација за да од бесплатно премине кон пазарна економија и тој процес незапирливо тече. Тоа што пациентите плаќаат трикратно е навистина проблем, вели таа, еднаш преку придонеси за здравствено осигурување во ФЗОМ, втор пат преку партиципација и трет пат преку упатување во приватни болници и лаборатотии кога некој апарат не функционира, се чека многу за прегледи, снимања или операции.

За граѓаните кои гласале за овие промени, сè уштe е нејасно зошто овие ветувања не се исполнети. За експертите од областа на здравство, мерката – укинување на партиципација не постои никаде во светот и не треба да постои, бидејќи пред сè таа ќе се одрази повторно по џебот на граѓаните, преку плаќање на повисоки даноци.
По одекнување на веста за бесплатно лекување, во јавноста се појавија и неколку истражувања кои укажуваат дека оваа мерка ќе предизвика контра ефект, со тоа што ќе се зголеми побарувачката на услуги и ќе ги принуди болниците да ги зголемат листите на чекање.
Партиципацијата е механизам кој има за цел да го ограничи прекумерното (и често непотребно) лекување во болниците. Таа мерка се воведува насекаде во светот и ја користат дури и најбогатите држави како што се Германија, Јапонија, САД.
Колку и да звучи идеално укинувањето на партиципацијата, особено за граѓаните кои не се експерти и добри познавачи од оваа област, евидентно е дека плаќање на партиципација е неопходна и клучна мерка за фукнционирање на здравствениот систем.
Со укинување на партиципацијата, последиците ќе се почувствуваат и на економски план на државата, бидејќи сиот товар за финансирање на фондот за здравство ќе падне на нејзиниот грб. Во моментов 83,7% од приходот во буџетот на Фондот за здравствено осигурување доаѓа од придонесите на осигурениците, поточно од активно вработените лица, со месечен придонес од 2.601денари.

 

  

Анализи

 

Ако здравствените услуги се бесплатни, побарувањето ќе се зголеми до максимум, покажуваат анализите на „Хелтгрупер“, организација која работи на истражување на состојбите во здравството во југо-источна Европа. „Хелтгрупер“ спроведува истражувања во сите земји каде проектот е активен со цел да се направат компаративни анализи за состојбите во здравствените системи во регионот и да се унапреди квалитетот на здравствената заштита. Истражувањата кои ги спроведуваат експертите на „Хелтгрупер“ укажуваат дека мерката – укинување на партиципација може да резултира со сосема спротивни ефекти од очекуваните. Кога ќе се укине партиципацијта, автоматски се очекува да се зголеми побарувањето на здравствените услуги, а тоа ќе се одрази на снабдувањето со здравствени услуги. Според експертите од „Хелтгрупер“, новата ситуација ќе ги принуди „снабдувачите“, поточно болниците, да воведат нивни рестриктивни мерки во форма на продолжено време на чекање за лекување, од причини што нема да може да одговорат на зголемената побарувачка.

Експертот Владимир Лазаревиќ, кој е директор на „Хелтгрупер“, за „Инбокс7“ изјави дека директниот резултат од укинувањето на партиципацијата, всушност, ќе се одрази врз џебот на граѓаните во наредните 12-24 месеци.
Лазаревиќ додава дека преку оваа мерка која ја предлага Владата (укинување на партиципација), предвидувањата се дека ќе се зголемат листите на чекање во државните болници, што ќе ги принуди пациентите да се лекуваат повеќе во приватното здравство. Од друга страна, пак, вели тој, приватните болници ќе профитираат од предложената мерка. Поточно, зголемената побарувачка на услуги ќе отвори нови пазарни можности за приватниот сектор да ги зголеми цените на услугите кои ги нуди.

 

 

 

Бројот на вработените во 2018 година изнесува 569 илјади осигуреници и бележи пад во споредба со претходната година за приближно 2,6 илјади лица, но е сè уште најбројна. Категоријата пензионери е зголемена за 4,7 илјади лица и на крајот од 2018 изнесува 312.105 илјади. Бројот на лицата осигурени преку програмата на Министерството за здравство, односно оние што не се осигурени по ниту еден друг основ, изнесува 247.179 и е зголемен во однос на претходната година за 568 лица. Намалување од 10,4% има во категоријата останати каде што се наоѓаат доброволно осигурените лица, осигурените по конвенција, борците од НОБ, верските службени лица, примателите на социјална помош и странците на школување во РСМ. Намалување од 2.367 лица во однос на 2017 година постои кај категоријата привремено невработено лице додека прима паричен надоместок. Категоријата активни земјоделци во однос на претходната година бележи намалување од 1.232 лица.

 

Од Министерството за здравство не одговорија на телефонските повици

 

Во врска со одлуката за укинување на партиципација, од Министерството за здравство не одговораа ниту на меил, ниту пак на телефонските повици. На оваа тема минатата година министерот за здравство Венко Филипче, за медиумите изјави дека секоја метода се анализира од стручните колегиуми, дека постои т.н. систем на анализа на медицинските технологии со кој тие точно знаат за инвестицијата што се добива.

Како што Менче Точи потенцира во изјавата за „Инбокс7“, министерот Филипче очигледно не го интересира да ги реши круцијалните проблеми во здравството кои ги засегаат сите граѓани во државата, а започнува со нов процес на јавно приватно партнерство за кој досега нема анализа за неговата издржаност.

 

Фондот за здравство се полни најмногу од осигурениците 

Според извештаите на Фондот за здравство во структурата на придонесите во неговиот буџет, најголемо учество со 13.498,7 милиони денари, или околу 83.7%, отпаѓа на придонесот од активно вработените лица. По нив, со по 6% или 973,2 милиони и со 5,4% или 873,4 милиони, учествуваат придонесите од дополнителниот придонес и придонесите од изминати години.

 

 

 

Стапки на придонес на различни категории:

Осигуреници Стапка на придонес Основица за пресметка Апсолутен месечен износ (денари)
Активни работници 7,30% бруто плата 2.601
Активни земјоделци 7,30% 20% од просечна бруто плата 514
Пензионери 13% пензија 1.810
Невработени (неосигурени) лица 5,40% 50% од просечна плата 951

 

 

Покрај ослободувањата по достигнувањето на годишниот лимит во законската регулатива се предвидени ослободувања од партиципација за одредени услуги и лица, и тоа на:

  • Осигурените лица за лекарски преглед кај избраниот лекар и итната медицинска помош на повик
  • Корисниците на постојана парична помош, лицата сместени во установи за социјална заштита и во друго семејство, според прописите за социјална заштита, освен за лековите од листата на лекови издадени на рецепт во примарната здравствена заштита и за лекувањето во странство
  • Душевно болни лица сместени во психијатриски болници и ментално ретардирани лица без родителска грижа
  • Деца со посебни потреби според прописите за социјална заштита
  • По програмите на Министерството за здравство (крводарители, деца до 1 година, итн)
  • Борците на НОБ; Воени инвалиди и нивните семејства;
  • Oсигурени лица кои доброволно дарувале крв, според програмата која се однесува на доброволното дарување на крв, донесена согласно со Законот за здравствената заштита
  • Осигурени лица кои доброволно дарувале ткиво или орган.

 

ЕК: Серија забелешки за здравството

 

„Висока бројка на персонал продолжува да ја напушта земјата. Неадекватната употреба на софистицирана опрема за здравство се уште е проблем. Недостигот на финансиски ресурси продолжува сериозно да го отежнува имплементирањето на јавните политики за здравство. Повеќе од една третина од сите здравствени услуги се плаќаат од џеб, што е индикација за квалитетот на заштита на здравјето и создава социјални разлики“, се вели во најновиот Извештај на Европската комисија за напредок на земјава кој пред неколку дена беше објавен. Во него, исто така, се наведуваат и ред други забелешки, меѓу кои и за неказнувањето на пушењето на јавни места.