Денешна дата
23/10/2019

Бундестагот ќе ја запечати политичката иднина на Заев?

Според „Дојче Веле“, пратениците од ЦДУ- партијата на канцеларката Ангела Меркел, минатата недела веќе најавиле дека до почетокот на летните одмори на крајот на јуни, нема да има време да се разгледа и да се гласа за Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија. Поради тоа, наведува „Дојче Веле“, отпаѓа и можноста земјата да го добие посакуваниот датум за почеток на преговори со ЕУ летово

Светлана Унковска

 

Силна дипломатска офанзива пред претстојниот состанок на Европскиот совет. Премиерот Зоран Заев деновиве во Брисел на средби со европските челници, а министерот за надворешни работи, Никола Димитров и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи во Франција во обид да се добие поддршката за датум за преговори. Заев по средбата со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер и еврокомесарите за надворешна политика и за проширување, Федерика Могерини и Јоханес Хан во Брисел, порача дека на потег е Европа да покаже дека стои на зборот. Тој предупреди дека доколку Европскиот совет одлучи да не ја прифати препораката од Европската комисија, нашата земја да ги почне преговорите со Европската унија може да ги загрози сите досегашни резултати и со тоа и да падне Владата.

Ако одлучат да не ни дадат датум,има можност да ја уништат Владата. Стабилната Влада која ги донесе сите позитивни одлуки веројатно веднаш ќе го изгуби мнозинството во Парламентот, бидејќи им ветувавме на пратениците дека со сигурност ќе добиеме позитивна одлука од ЕУ ако одиме напред. Разочарувањето кое ќе се појави кај нашите граѓани ако нема позитивна одлука на Европскиот совет ќе им даде надеж на овие втори сили, тоа значи дека ќе има граѓани кои ќе одлучат да ги поддржат националистичките, радикалните сили и тоа не е добро. Не е добро ниту за нас, ниту за регионот“, порача Заев од Брисел. Тој рече дека и реконструкцијата ќе зависи од одлуката дали ќе добиеме зелено светло за почнување преговори, бидејќи, како што истакна Заев, доколку не ги почнеме преговорите тогаш и ќе биде изгубено мнозинството во парламентот и како што истакна нема логика да се прават смени на министрите.

 

Пакетот со Албанија ни го отежнува процесот на старт на преговори

 

Покрај скептичните Франција и Холандија се чека и германскиот Бундестаг кој неделава и на крајот на месецов се очекува да ја донесе одлуката што значи дека многу е веројатно исходот да биде познат или во јули или наесен. Уште повеќе отежнувачки за нашава земја е што не гледаат во пакет со Албанија, каде има постојани протести и нема напредок во некои полиња, особено во организираниот криминал. Според „Дојче Веле“, пратениците од ЦДУ- партијата на канцеларката Ангела Меркел, минатата недела веќе најавиле дека до почетокот на летните одмори на крајот на јуни, нема да има време да се разгледа и да се гласа за Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија. Поради тоа, наведува „Дојче Веле“, отпаѓа и можноста земјата да го добие посакуваниот датум за почеток на преговори со ЕУ летово.

Како едно од можните сценарија, Заев го наведе и отворањето преговори со нашата земја, а одложување на одлуката за Албанија за подоцна. Тој нагласи дека Холандија и Франција имаат поголеми резерви кон Албанија, но и дека Германија стравува од заканите од албанската страна за нестабилност во регионот, посебно на Косово.

Неодамна Матијас Колб, дописникот на Зидојче Цајтунг од Брисел ја анализираше состојбата за почнувањето на преговорите на Северна Македонија и Албанија.

„Доколку внатрегерманскиот судир доведе до тоа шефовите на држави или влади да не разговараат за темата како што беше најавено на крајот на јуни, тогаш тоа би било сосема во прилог на Емануел Макрон. Европската комисија би била разочарана доколку гласањето би се одложило. Во Брисел често се вели дека соседните држави се тие кои многу се залагаат, пред се грчкиот премиер Алексис Ципрас, но и Хрватска, Словенија и Бугарија вршат притисок за ваков сигнал. Одлагање или трајно одбивање на почеток на преговори за приклучување, би им било од полза на оние држави кои се борат за влијание на Западниот Балкан – Русија и Кина“, вели во својата анализа Колб.

 

Француската Стратегија обид за елегантно елиминирање на регионов

 

Студениот туш беше навестен уште на Берлинската конференција кога германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон порачаа дека земјите од Балканскиот регион треба да ги средат внатрешните работи во своите земји. Макрон рече дека Франција ќе пружи помош во клучните области што во јавноста се протолкува како нивен елегантен обид за откачување на регионов.

Денко Малески, советник на новоизбраниот претседател, во својата колумна вели дека токму оваа „Француска стратегија за Западен Балкан“ е она што не ни оди во прилог на добивање датум за преговори.

Стратегијата е детално елаборирана и од неа нема отстапување. Иницијативата, која треба да го прошири француското влијание на Балканот, притоа, може да ни биде од голема полза. Но, она што останува како непознаница е дали француската политика на Стратегијата гледа како на замена за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија или како на комплементарна со преговорите“, истакнува Малески. Тој притоа вели дека за нас е добро сепак Франција да гласа за отпочнување на преговорите кои секако ќе траат најмалку 8 години, а во меѓувреме да ја активира стратегијата. Во таков модел практично се Црна Гора и Србија.

Србија и Црна Гора, опфатени со планот на Макрон, паралелно водат преговори за членство со Унијата, па никаков преседан не би се направил ако нашата држава добие датум и биде опфатена од планот на Макрон. Но одлуката не е наша. Таа е од областа на надворешната политика, а надворешна значи дека во крајна линија, немаме влијание врз исходот од политичката дебата и ставот на една суверена држава чии последици, сепак, ќе ги почувствуваме“, оценува Малески.

Професорот на Факултетот за европски студии во Белград, Слободан Зечевиќ вели дека Франција сака да игра поактивна улога на овие простори особено кон Србија.

Очигледна е намерата на Макрон за Франција да го врати своето влијание во регионот на Балканот. За нас е тоа можеби исклучителна можност поради нашите традиционално добри односи со Париз. Можност да пробаме да направиме европско партнерство кое и пред тоа го правевме, но неуспешно“, вели професор Зечевиќ.