Денешна дата
19/06/2019

Ние ја победивме Европа – примитивизмот нѐ победи нас

Политичкото подземје и во оваа пригода ги пушти своите пипци меѓу младите навивачи и меѓу своите партиски војници

Пишува: Зоран Иванов

Многу реакции и контроверзи предизвикаа збирот аеродромски и плоштадски настани на неделниот масовен свечен пречек на европските ракометни прваци.

Прво за Вардар како спортско друштво. Во овој спортски колектив, покрај спортот, отсекогаш виреел, се крепел, се негувал и подржувал македонизмот. Кажано построго, македонскиот патриотизам. Уште построго, македонската национална посебност па и најстрого, добра доза македонски национализам. Пред сѐ во фудбалскиот клуб па донекаде натаму и во истоименото спортското друштво со лепеза различни спортски дисциплини. Несомнено брендот Вардар, особено за скопјани, е национален симбол.

Еве и ракометниот клуб во кој играчи, тренери, сопственици има од секаде, ја отсликува таа национал патриотска агенда. На неа се налепуваат навивачи и навивачки групи кои и преку спортското навивање манифестираат патриотизам со особено изострено нагласена македонистичка етно национална припадност.

Впрочем, спортскиот и воопшто навивачкиот свет отсекогаш отсликувал идентитет со повеќе или со помалку нагласена национална етикета. Од олимписката антика па наваму спортот бил поле и за племенско, покасно и за етничко и за национално одмерување на моќта на еден врз друг колективитет. Нешто како контрола врз страстите и како превенција пред предизвиците за историските, но и за етно воените конфликти и во поновите времиња.

И денес, повеќе или помалку нагласено, насекаде во Европа и светот, спортот и натаму е поле за национални одмерувања. Тој е современата гладијаторска арена и за националните одмерувања на силите на меѓународните првенства вклучително и на највозвишените спортски настани какви што се олимпијадите. Спортот е поле за борба на поедници, на тимови, па и на нации. Како и кај нас, така и насекаде во светот, спортските натпревари сѐ во присуство на националните публики распослани по борилиштата, по медиумите, сега и по  социјалните мрежи. Навиваме, бодриме, истураме спортски ама и национални страсти.

Гледано низ примерот на последните настани на скопскиот плоштад меѓутоа, прашањето не е за вредноста на спортскиот успех, туку за културолошкото разбирање на успехот во спортот. Посебно во манифестирањето на емотивната возвишеност и во степенот на емотивната примитивност што тој ги поттикнува. И особено во цивилизациското разбирање на спортот и на спортските успеси.

Уникатноста на страствената навивачка матрица е во фактот што од една страна тоа некаде се прави со навивање за својот тим, а некаде против ривалот на својот тим. Во разликата на тие истурања на навивачките емоции се дефинира и актуелниот степен на општата култура на публиката, на навивачите, на навивачките групи. Во крајна линија таму е и огледот за нивото на спортската, но и на политичката и воопшто на општата култура во општеството.

Одговорот за тоа каде во сево сме ние e и едноставен и сложен. Судејќи и по одделните неделни настани на скопскиот аеродром и на скопскиот плоштад, сѐ уште сме на ниско, на мошне вулгарното навивачко ниво. Пречекот на европските ракометни прваци во тие десетина саати во многу елементи беше инстиктивен граѓански порив масовно да се манифестираат македонската гордост и македонската национална посебност. Но, во истовреме, беше тоа и трауматична провокација на македонскиот шовинизам и на наталожениот македонски примитивизам.

Додека таа неделна вечер луѓето масовно посакаа да бидат заедно, да си ја споделат радоста, да примат и да испратат вибрации на сплотеност, забавата дополнета со лошото и за моментот неадекватното сценарио, во значителна мерка ја узурпираа, ја приватизираа, ја партизираа центри кои со спортот немаат никаква врска. Ниту пак со патриотизмот и со колективните емоции распламетени од големата спортска победа во Келн. Настаните на аеродромот и на плоштадот само потврдија дека, кога е во прашање националното и  државното, ние се уште не можеме да се врамиме во европските културни стандарди.

И секако, не станува збор за провокации од некакви мали групи палави градски дечишта еуфорично понесени од големиот успех на своите спортски љубимци. Туку за подметнување вулгарни шовинизми чија база, чија платформа извира од одредени партиски па и верски центри. Наспроти мултикултурноста на општеството, наместо да продуцираат нужно заедништво, тие потхрануваат пизми. Го прават тоа спрема се што по било која основа, етничка, национална, културна, спортска, верска или социјална, сеедно, не се идентификува со нивните себични интереси. Партиските политизации, партиското негување поделби, партиските настојувања за доминации над се во општеството, ќе нѐ држат и натаму при дното на посакуваното ментално практикување и разбирање на успесите воопшто, па и на успесите во спортот.

Но, што друго да очекуваме кога наместо креирања случувања за обединувања и натаму се пакуваат национализми и национални поделености. Како да се однесуваат младите во навивачките групи, што да очекуваме од нив кога во кабинетот на поглаварот на МПЦ, на пример, со години провокативно устопорено стои знаме со шеснаесеткрако сонце. Кому и каква порака со тоа испраќа православниот верски водач. Или со какви мотиви и во која насока се вербалните деликти на поглаварот на Исламската верска заедница за идентитетот на своите сограѓани Македонци. Или пак, каква е пораката за соживот со не истакнување единствено на македонското државно знаме на партиското седиште на ДУИ. И кој и каква цел имаше со стотината преку ноќ испечатени знамиња со сонцето од Вергина што провокативно се пафтаа на општонародната спортска прослава ноќта на плоштадот Македонија. И кому му послужија сите тие инструирани политички и националистички вулгарности извикани само ден по еден најсветлите успеси во македонската спортска историја.

По се, безобразни и невоспитани биле децата. Биле, политички вулгарни и национално агресивни. А всушност примитивизмот блика токму од уставните институционални дувла. Политичкото подземје дури и во оваа славеничка пригода ги пушти своите пипци меѓу младите навивачи и меѓу своите партиски војници. Оттаму, видливо, беше и обидот кукавички да се подметне слика дека вардаровиот блескав ракометен успех е всушност плод на некаква природна етно национална супремација.

Се разбира има лек за елиминација на злоупотребите во спортот и околу спортот во политички или во било какви други неспортски цели. Треба само да се следат, да се прифатат и да се применат испробаните рецепти од другите. Од оние поискусните кои, исто така, се соочуваат со слични антагонизми но кои успеваат еуфориите од спортските успеси и траумите од спортските неуспеси цивилизациски да ги моделираат врз матрица која подразбира поддршка и љубов за своите, а не негација и омраза спрема другите.

На институциите, на спортските работници и секако на врвните спортисти со нивниот авторитет е обврската да го затворат спортот за сите неспортски појави. Да ги испудат најпрво од своите редови па натаму широко во општеството.

Како многупати досега, како и сега со Вардар и малку пред тоа со Тамара, ние и натаму во по нешто ќе ги победуваме и Европа и Светот.

Ќе победуваме секако, но би било умно повеќе да не дозволиме примитивизмот да нѐ победува нас.

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.