Денешна дата
16/09/2019

TАБЛИЦИ СО НОВОТО ИМЕ ОД 15 ЈУНИ, ЛИЧНИТЕ ДОКУМЕНТИ ЧЕКААТ ЈАВНА НАБАВКА

  • Не се знае кога МВР ќе почне да издава лични документи со новото уставно име, иако крајниот рок за целосна замена е до 2024 година

 

  • Пасошите ќе добијат и нов изглед, за разлика од личните карти и возачките чија форма останува иста

 

  • Од 15 јуни се пуштаат во промет регистарските таблици на кои пишува „NMK

 

 

 

Пишува: Александар Тодески

 

 

Договорот од Преспа освен промена на уставното име значеше и промена на сите ознаки на кои до сега пишуваше Република Македонија. Иако државните органи прво велеа дека до декември ќе почнат да се издаваат лични документи со новото уставно име, сега Министерството за внатрешни работи не дава конкретни рокови за тоа кога би почнале со издавање на документи на кои ќе стои новото име, Република Северна Македонија.

 

МВР НЕМА КОНКРЕТЕН ДАТУМ ЗА ДОКУМЕНТИТЕ

 

 

Министерството за внатрешни работи не дава конкретен датум од кога ќе почнат со издавање на документи со името Република Северна Македонија. Сепак, за Инбокс7 велат дека крајниот рок кога сите жители на државата ќе имаат нови документи е февруари 2024 година, односно пет години откако стапија на сила уставните измени.

 

Од таму велат дека со ревидирањето на обрасците на патните исправи и визи, ќе се промени и формата и содржината на пасошите, но и дека граѓаните навремено ќе бидат известени.

 

„Во однос на издавањето на нови патни исправи, претстои ревидирање на Правилникот за обрасците на патните исправи и визи на државјаните на Република Македонија, за начинот на фотографирање и земање на потпис за патните исправи и за водење на евиденција, со што ќе се предвиди формата и содржината на обрасците на новите патни исправи, по што ќе следува постапката за набавка на нови патни исправи, за што граѓаните навремено ќе бидат известени за промената. Во однос на рокот за замена на старите со нови лични документи согласно Спогодбата, ве информираме дека истиот изнесува пет години од стапувањето во сила на уставните измени“, велат од МВР.

 

И додека да се усогласи изгледот на новиот пасош, граѓаните ќе продолжат да добиваат патни исправи со старото име на државата, но и штембил на кој пишува „Овој пасош е сопственост на Република Северна Македонија“, испишано на македонски, англиски и француски јазик.

 

За разлика од пасошите, личните карти и возачките остануваат со истата форма. Единствена измена која ќе ја претрпат овие документи е внесот на новото уставно име, Република Северна Македонија. И за нив нема рок кога би почнале со издавање, но се знае дека и тие за пет години ќе мора целосно да бидат променети.

 

ПРИСТИГНУВААТ ТАБЛИЦИ СО „NMK

 

За разлика од личните документи за кои не се знае кога ќе го добијат новото уставно име, регистарските таблици со ознаката „NMK“ ќе се пуштат во употреба на 15 месецов. Од Министерството за внатрешни работи велат дека сите возила ќе мора да добијат нови регистарски таблици до 2024 година, а до тогаш на старите ќе се лепат налепниците со кодот „NMK“, кои почнаа да се лепат веднаш откако стапија во сила уставните измени.

 

„Во однос на регистарските таблици што ги издава Министерството за внатрешни работи, а кои се уредени со подзаконски пропис кој произлегува од Законот за возила, информираме дека со цел усогласување со уставните амандмани извршено е ревидирање на предметниот пропис, односно донесени се измени и дополнувања на Правилникот за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на пробните таблици, формата и содржината на регистарските таблици и на пробните таблици на возилата, како и начинот и постапката на нивно издавање. Имено, со измената бр. 37/19 на предметниот Правилник се пропишува дека на сите видови регистарски таблици уредени со овој правилник во делот каде е испишана националната авто ознака на Република Македонија, како и на вертикално поставената национална ознака „МК“, се става налепница со идентична димензија како националната авто ознака на Република Македонија односно вертикално поставената национална ознака „МК“, на која е испишана национална ознака „NMK“. Со следната измена бр. 67/19, се врши интервенција во однос на уставното име на државата, односно се предвидува издавање на нови регистарски таблици од 15.06.2019 година. Истовремено се пропишува дека одредбата која се однесува на налепницата „NMK“, ќе се применува до 12.02.2024 година“, велат од МВР за Инбокс7.

 

Сепак, овие налепници ги добиваат само сопствениците на автомобили кои излегуваат на граничните премини кон Грција, за разлика од оние кои патуваат кон останатите соседни земји, на чии гранични премини не се лепи налепницата „NMK“.