Денешна дата
17/08/2019

ЕВРОПСКИОТ ИЗВЕШТАЈ

Пишува: Александар Кржаловски

Откако минатата недела Вардар стана европски шампион во ракомет, заслужено ги засени сите други теми. Покрај радоста што ја донесе на целата нација, битно е што уште еднаш се демонстрира дека можеме да бидеме и први во Европа. Барем во нешто – ракометот во случајов. Слично како што и две недели пред тоа Тамара демонстрираше дека можеме да бидеме први во Европа и во музиката – барем според мислењето на стручните жирија низ цела Европа!

Злобниците веројатно ќе речат дека успехот на Вардар се должи на парите на русинот Самсоненко и на плејадата играчи кои не се од Македонија. Но, и во се-англиското финале во Лигата на Европа во фудбал меѓу Челзи и Арсенал имаше само еден Англичанец (од 22 играчи кои го започнаа мечот), па никој не помислува ни да дебатира, а камоли да оспори дека е тоа англиски успех. Во тимот на Вардар, всушност има најмногу Македонци, вкупно 7 од 18. За волја на вистината, во финалето играше само еден од нив, ама и тоа како вреден – капитенот Столе Стоилов. И за него се наоѓа по некој злобник кој го нарекува „играчот со број 5“, а и други на кои им пречеше што на прес-конференцијата за освоената титула изјави дека е горд на успехот на својот клуб (Вардар), својот град (Скопје) и својата држава, Република Македонија.

 

Но, тоа беше минатата недела и еуфоријата од еден од ретките наши големи европски успеси стивна, па време е да се вратиме на другите актуелни теми. Една работа што остана во сенка беше и Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјите аспиранти за членство во Унијата (шесте држави од Западниот Балкан и Турција), објавени на 29 мај во Брисел.

Покрај Вардар, причина за тоа делумно запоставување беа и тукушто завршените избори за Европскиот Парламент, како и фокусот на следниот чекор по објавувањето на извештајот – одлуката на Европскиот Совет за доделување на датум за почеток на преговорите на Македонија со Унијата. Премиерот и водечките министри направија вонредни напори да се лобира за добивање на датумот сега, во јуни, на самитот на премиерите на ЕУ земјите кој ќе се одржи на 20-21 јуни, но веќе е извесно дека (и) овој пат – нема ништо од датумот. Тоа беше прилично јасно уште кон крајот на април, по средбата на премиерите на земјите од регионот со Меркел и Макрон, како што најавив во тогашниот напис „Ладен туш“. Сепак, премиерот Заев е се уште оптимист и деновиве пак ќе се сретне со Меркел, со надеж дека преговорите сепак би почнале до крајот на годинава, иако одлуката за тоа би се донела подоцна. Надеж секогаш постои иако јас не сум толку оптимист како премиерот.

 

А не сум оптимист, меѓу другото и заради сето она што го пишува во Извештајот на Европската комисија. Вообичаено, владејачката коалиција го претставува како најдобар извештај до сега и прв со препорака без никакво условување, а опозицијата потсетува дека е ова веќе 10-та препорака и дека како и обично – тоа ништо нема да значи, т.е. Советот нема да одлучи да почнеме преговори (пак – десетти пат). Како и за се во државата, тешко може да се држиме до изјавите на било која партија (особено нивните портпароли), па затоа јас се потпирам на анализите на колегите од граѓанскиот сектор – во случајов на Институтот за европски политики (ЕПИ, www.epi.org.mk), кој редовно темелно ги анализира ЕУ извештаите и ги прави попрегледни, приемчиви и поразбирливи за пошироката јавност. Како и сите минатите години од 2011 година наваму, ЕПИ и овој пат издаде своја анализа за објавениот извештај на ЕУ за напредокот на Македонија. И кога ќе се погледа таа анализа, која главно укажува дека и не се многу различни сите претходни извештаи, фасцинантно е да се слушаат дијаметрално спротивставените гледишта на власта и опозицијата за напишаното во извештајот, а уште пофасцинантно е да се споредат сличните изјави од пред неколку години, кога за речиси исти извештаи, самите партии имаат целосно спротивни изјави (бидејќи тогаш биле на „другата страна“, т.е. ВМРО-ДПМНЕ била власт, а СДСМ опозиција). Тоа за жал само ја потврдува површноста во нашите водечки партии, нивното политиканство и бомбастични изјави за дневна употреба, како и медиокритетство на сите страни, без волја а уште помалку капацитет да се погледа што навистина ЕУ мисли (и пишува) за нас во извештајот, да се анализира трезвено и да се постапува по наодите, за да се подобрат состојбите. Напротив, кај нас е битно само да се потенцира колку е добро или лошо (зависно дали коментира претставник на власта, или на опозицијата) во очекување дека ќе се добие некое поенче кај гласачите или барем ќе му се наштети на противникот.

 

Па што вели извештајот? Освен пофалбите и од Могерини и од Хан, за постигнатиот напредок, со исклучително значение на постигнатиот договор со Грција, навистина јасната и недвосмислена препорака за почеток на преговорите, всушност анализата на ЕПИ, а особено оценките (интерпретации со бројки од 0 до 5 на фразите употребени во извештајот) покажува дека и нема баш голем напредок. Уште полошо, во нивото на усогласеност со европската легислатива, сме на речиси истото ниво како лани – нема подобрување во 32 од 33 области, а има само во една – правосудството, за половина поен (од 2 на 2,5).

Во шест поглавја имаме оценка 0 (нула – нема никаков напредок), во 21 имаме 1 (единица – незадоволителен напредок) и во шест поглавја имаме оценка 2 (мал напредок). Немаме оценки 3, 4 или 5. За волја на вистината, ретко сме имале такви оценки… единствените две “тројки“ ни се во 2011 односно 2013 година. Но, исто така ретко сме имале и нули – од 2011 до 2015 вкупно само три, а потоа 6 (како и сега) во 2016-та година, и рекордни 8 во минатиот извештај – од 2018 година. Па така, со просек од точно 1,00 ова е всушност еден од полошите извештаи во делот на напредокот во однос на претходната година/извештај. Всушност е трет најлош, од вкупно осум, од кога ЕПИ ја прави оваа анализа. Полоши се само претходните два (2016-та со 0,88 просечен напредок и 2018-та со само 0,82). Сите други се со просек над 1 (од 1,03 во 2015-та, до 1,27 во 2011-та кога бил најдобар напредокот).

 

Втората компонента на анализата е усогласеноста со ЕУ легислативата, исто така во сите 33 поглавја. Како што констатирав погоре, нивото на усогласеност е само половина поен подобро од минатата година (и тоа, замислете, во поглавјето 23 – правосудство) и има вкупна оценка 98,5 (од можни 165) или просек од 2,98 (од 5). Како и во другиот случај и овде тоа е подобро од последните два извештаи (2016 и 2018), како и од 2015 година. Малку е полоша состојбата од 2012 и 2013 година, а повеќе од годините 2011 и 2014 кога сме биле најусогласени (3,15 и 3,18 респективно). И тука, немаме 5-ка, а имаме две единици! Не дека било многу подобро и претходно, ама сме имале и „петки“ во две области, двете во 2011 година – пак веројатно изненадувачки – во број 5: Јавни набавки и во 31: Надворешна политика (оваа се задржала и во 2012 и 2013 година).

 

Се на се, не е добро. Секако, може да почне некој да релативизира со бројките (од тоа дали се мерело на ист начин, преку „променетиот контекст“ и особено сменетата перцепција за состојбите), но само да укажам дека и градивото/предметите на оценка (поглавјата) се истите 33 цело време, а и учителката  која оценува, е иста (Европската комисија).

Поентата на текстов не е да се „мери“ кога било подобро или најлошо, зошто главниот заклучок е дека е прилично еднакво лошо во сите претходни години.

Напредокот во целиот период е недоволен и за жал оди во прилог на земјите кои имаат проблем со доделување на датум за преговори на основа на издржани аргументи, а не на поединечни блесоци, колку и тие да се импресивни и широко поддржани од истите тие земји.

Затоа, како што велат некои од нив, а уште повеќе граѓански организации тука веќе отрпнаа од укажување дека „Преспа не е доволна“ и дека „Прибе“ е примарен за ЕУ напредокот, треба засукување на ракавите (со или без метла, сеедно) и сработување многу повеќе и многу подобро во скоро сите области.

 

Целиот извештај на ЕПИ може да се најде на следниот линк:

https://epi.org.mk/wp-content/uploads/2019/05/preporakata_nesporna-datumot_neizvesen.pdf

 

а табелите од истиот тој извештај кои се користени во оваа анализа се прикажани и  во продолжение:

 

    НАПРЕДОК УСОГЛАСЕНОСТ
  ПОГЛАВЈЕ 2011 2012 2013 2014 2015 2016 2018 2019 2011 2012 2013 2014 2015 2016 2018 2019
1. Слободно движење на стоки 1 2 1 1 1 1 0 0 3 4 4 4 3 3 3 3
2. Слобода на движење за работниците 1 1 1 1 1 1 0 0 1 1 1 1 1 1 1 1
3. Право на основање и слобода на обезбедување услуги 1 1 1 1 1 1 0 1 1 3 3 3 3 3 3 3
4. Слободно движење на капиталот 1 1 1 1 1 1 1 1 3 3 3 3 3 3 3 3
5. Јавни набавки 1 1 2 1 1 0 1 1 5 4 4 4 3 3 3 3
6. Право на трговски друштва 2 2 2 2 1 1 1 0 3 3 4 4 4 4 4 4
7. Право на интелектуална сопственост 1 1 1 1 1 1 1 1 3 3 3 3 3 3 3 3
8. Политика на конкуренција 1 2 2 2 1 0 0 0 3 4 4 4 3 3 3 3
9. Финансиски услуги 2 1 1 1 1 1 1 1 3 3 3 3 3 3 3 3
10. Информатичко општество и медиуми 1 1 1 2 1 0 0 1 3 3 3 3 4 4 3 3
11. Земјоделство и рурален развој 1 1 1 1 1 1 1 1 3 3 3 3 3 3 3 3
12. Безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика 2 2 2 1 1 1 1 2 4 3 3 3 2 2 4 4
13. Рибарство 1 1 1 1 1 2 0 0 3 3 3 4 3 3 3 3
14. Сообраќајна политика 1 1 1 1 1 1 1 1 4 3 3 3 3 3 3 3
15. Енергија 2 1 1 1 1 1 1 2 3 3 3 3 3 3 3 3
16. Оданочување 1 1 1 1 1 1 1 1 3 3 3 3 3 3 3 3
17. Економска и монетарна политика 3 1 1 1 1 1 1 1 4 4 4 4 3 3 3 3
18. Статистика 2 1 2 2 1 1 1 2 4 3 4 4 3 3 3 3
19. Социјална политика и вработување 1 1 1 1 1 1 1 1 2 2 1 3 3 3 3 3
20. Претпријатија и индустриска политика 1 1 1 1 1 1 0 1 3 3 3 3 3 3 3 3
21. Трансевропски мрежи 1 1 1 1 2 2 1 1 4 3 4 4 4 4 4 4
22. Регионална политика и координација на структурните инструменти 1 1 1 1 0 1 1 1 3 3 2 2 3 3 3 3
23. Правосудство и фундаментални права 1 1 1 1 0 0 2 2 3 3 3 4 2 2 2 2.5
24. Правда, слобода и безбедност 1 1 1 1 1 1 2 2 4 4 4 4 3 3 3 3
25. Наука и истражување 1 1 2 2 2 1 1 1 2 2 2 3 4 4 4 4
26. Образование и култура 1 1 1 1 1 1 1 1 3 3 3 3 3 3 3 3
27. Животна средина 1 1 1 1 1 1 1 1 3 3 3 3 3 2 2 2
28. Заштита на потрошувачите и здравствена заштита 1 1 1 1 1 0 0 0 3 3 3 3 3 3 3 3
29. Царинска унија 2 1 1 1 2 1 1 2 4 4 4 4 4 4 4 4
30. Надворешни односи 1 1 1 1 1 1 1 1 4 3 3 3 3 3 3 3
31. Надворешна, безбедносна и одбранбена политика 2 2 3 1 1 1 1 1 5 5 5 3 3 3 3 3
32. Финансиска контрола 1 1 1 1 1 0 1 1 2 1 1 3 3 3 3 3
33. Финансиски и буџетски одредби 1 1 0 1 1 1 1 1 3 1 1 1 1 1 1 1

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.