Денешна дата
21/09/2019

ЈУНИ, ЈУЛИ ИЛИ…ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ

  • Средбата на премиерот Зоран Заев со германската канцеларка Ангела Меркел, е пресуден момент
  • Печат на ова ќе бидат одлуките на Европскиот совет што треба да се одржи до крајот на месецов
  • Покрај Заев, и шефот на државата Стево Пендаровски својата прва работна посета ја посвети токму на барање поддршка за датум за преговори

 

Пишува: Светлана Унковска

 

Четири можни сценарија се на масата на премиерот Зоран Заев ако пропаднат обидите да изнуди датум на преговори за членство во ЕУ најкасно во јули ова година. Реконструкција на владата, распуштање на Собранието и прогласување на предвремени избори, враќање на мандатот и одново составување на владата со можеби нови партнери и нов мандатар, што би значело повлекување на Заев од премиерската функција.

И додека трае исчекувањето од можниот исход, како најможно сценарио во случај да не се донесе одлука согласно препораките на Европската комисија (ЕК) во последниот извештај се повеќе се говори за можни предвремени избори. Во изјави за Инбокс7 висок партиски функционер на СДСМ вели дека тие се многу веројатни да се случат наесен доколку дотогаш изостане датумот.

 

ЗАЕВ ГО БАРА ВЕТЕНОТО ОД ЕУ

 

Сите копја се прекршуваат во Германија. Оттаму се очекува да засвети зеленото светло за конечно земјава сигурно да зачекори кон полноправното членство. Се уште сме во чекалницата, цепкаме пред врата, а вратата се уште ни ја држи Берлин. Оттука се чека да се одредат идните чекори дали ќе почнема преговори или пак ќе се оди на предвремени парламентарни избори, за кои што неодамна ги најави премиерот Зоран Заев доколку нема датум. Тој рече дека идните чекори ќе ги одреди средбата со германската канцеларка Меркел но и од одлуките на Европскиот совет по што и дефинитивно ќе се знае дали одлагањето ќе биде за кратко. Сепак Заев и натаму е оптимист дека ќе добиеме датум за преговори.

Преку пораката која што ќе ја добиеме од канцеларката Меркел и јасното соопштување кои се извесните чекори што ќе дојдат, така ќе ги носиме одлуките дома. Уште еднаш ќе потврдам, нема дилеми дека ќе добиеме датум за преговори. Важно е тоа да биде порано. Важно е и да знае Европската унија дека Еверопа е за нас атрактивна заради тоа што секогаш покажала мудрост да ги прави реформите внатре но и да го држи процесот отворен за привлекување на новите земји кандидати за членство во Европската унија и верувам дека тоа ќе се случи“, изјави Заев. Тој додаде дека очекува пораката на Меркел да биде позитивна со прецизни агенди, бидејќи, како што истакна сите земји немаат никаква дилема ниту било каков аргумент против добивање датум за Северна Македонија за почеток на преговорите со ЕУ.

 

ПЕНДАРОВСКИ, ВО БИТКА ЗА ПОДДРШКА ОД ЕУ

 

Додека Заев во Берлин бара поддршка од Германија, во мисија се впушти и шефот на државата Стево Пендаровски кој својата прва работна посета  ја оствари во седиштето на Европската унија во Брисел на средби со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск и шефицата на Европската унијја за надворешни работи и безбедносни политики Федерика Могерини. Туск директно посочи дека е многу тешко датумот да го добиеме овој месец, но даде и охрабрувачка порака дека не е прашањето дали ќе го добиеме – туку кога.

Сакам да бидам искрен со вас, не сите земји членки се подготвени да ја донесат одлуката за отворање на преговорите во наредните денови. Прашањето денеска не е дали, туку кога. Јас сум претпазлив, бидејќи за постигнувањето консензус меѓу сите 28 земји членки на ЕУ е потребно повеќе време отколку што јас би сакал. Но нема сомнеж дека местото на вашата земја и целиот регион е во ЕУ“, изјави Туск. Високата претставничка на ЕУ Могерини истакна дека Северна Македонија заедно со Албанија треба да добијат датум во периодот јуни-јули и најави дека ова ќе им го препорача на сите министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ наредната недела.

Пендаровски рече дека граѓаните на Македонија не бараат незаслужена награда, туку заслужена шанса.

Свесни сме дека се потребни уште реформи и оти имаме слабости, ни претстои многу работа. Но морам да истакнам една реалност – ние сме најефикасни ккога пред нас имаме задачи, а преговорите за членство се најдобрата реформска алатка“, истакна Пендаровски.

 

ДА НЕ СЕ БРЗА СО ОДЛУКА ЗА ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ

 

Политичките аналитичари со различни анализи за политичката извесност на земјава претстојниов период, но сепак порачуваат дека не треба да се избрзува со одлуки за предвремени избори. Сашо Ордановски во својата колумна вели дека какви и да се вестите од Берлин, одлуките треба да се носат со „студени глави“.

Но, да не сме ние малку пречувствителни и дали Заев нема да претера доколку, разочаран од ЕУ и посебно од Берлин реши да ја распушти Владата чија евро-интергративна агенда, без отпочнување на преговори, со право ќе ја смета за темелно поткопана? Калкулациите за тоа веќе ги направивме и ништо битно во таа сметка нема што да се додаде. Одлуката на Заев, каква и да е, треба да биде донесена без многу емоции и со „студени глави“ кај неговите соработници. Доколку вестите од Берлин се испотават како разочарувачки, горчината и по некоја поука од актуелната политика на Германија, ќе ни служи за памет, на сите“, истакнува Ордановски.

Професорот Никола Дујовски е убеден дека не е спорно дека ќе добиеме датум, но неизвесно е кога. Очекувам вели тој дека и претседателот и премиерот ќе имаат политички успеси и ако не во јуни тогаш во јули или октомври да добиеме датум за преговори за што исполнуваме неопходни стандарди.

„Она што е потребно е да се покаже единство и да се дообјаснат работите во Париз, Берлин и Брисел и доколку нема успех во јуни или во текот на летото очекувам тоа да се случи пред октомври. Сепак моето мислење е дека тоа ќе биде во јули. Мислам дека премиерот не смее да избрзува со одлуки околу предвремени избори, бидејќи ќе има реперкусии во земјава, наместо да работиме на реформите и дополнителни подготовки. Ако не добиеме датум и до октомври тогаш може да се очекува Заев да го врати мандатот и да оди на предвремени избори. Пред октомври мислам дека е нелогично да има притисоци и од јавноста и од опозицијата, бидејќи сепак се работи само за одлуката што треба да ја донесе Бундестагот“, вели Дујовски.

Додава дека сепак на Германија и треба малку време затоа што во трасирањето на патот, односно во решавањето на прашањата со соседите. „Особено за Преспанскиот договор со Грција се вложи и самата Меркел, па нелогично би било сега да го кочи процесот“, истакнува професорот Дујовски.

 

НЕДАВАЊЕТО ДАТУМ – ГОЛЕМ СРАМ ЗА ЕУ

Иако Берлин се посочува како најголема пречка, германски „Зиддојче цајтунг“ во својот напис вели дека недавањето датум ќе биде голем срам за ЕУ. Поддршка стигна и од Партијата на европските зелени од каде копретседателот на партијата Рајнхард Бутикофер побара сите земји членки на Унијата да ни помогнат во отворање на преговорите.