Денешна дата
23/10/2019

Матни милионски тендери за водоводна опрема

Компанијата за водоводна опрема „Техноскоп“ склучила бројни договори за јавна набавка со јавните комунални претпријатија, кои се групирани во здружението „АДКОМ“, чие овластено лице е во тесни роднински врски со првите луѓе на компанијата. Притоа, „Техноскоп“ остварил најпродуктивна соработка со ЈП „Водовод и канализација – Скопје“, чија служба за јавни набавки ја раководи мајката на вработена во компанијата. Досега, конкурентските компании оспориле низа тендерски постапки пред Комисијата за жалби по јавни набавки, обвинувајќи за дискриминација и фаворизирање, а случајот го испитува и Антикорупциската комисија!

Пишува Влатко СТОЈАНОВСКИ

Само во последните десетина години, компанијата за водоводна опрема „Техноскоп“ склучила над 200 договори за јавна набавка во вкупна вредност од околу 17,5 милиони евра, претежно со јавните комунални претпријатија од земјава. Според официјалните податоци што ги обезбедивме од надлежните институции, тие се групирани во здружението на даватали на комунални услуги – АДКОМ, чие овластено лице е сопруга на единствениот сопственик на „Техноскоп“ и воедно е сестра на управителот на оваа компанија. Покрај тоа, во „Техноскоп“ веќе неколку години работи ќерката на раководителката на службата за јавни набавки на ЈП „Водовод и канализација – Скопје“, со кое впрочем компанијата од 2008 година досега склучила договори во вкупна вредност од околу 4 и пол милиони евра.

 

 

Исто така, сопственикот на „Техноскоп“ своевремено основал уште една компанија што делува во овој сектор – „Матам Инг“, чиј моментален сопственик порано работел токму во „Техноскоп“. Притоа, двете компании меѓусебно се натпреварувале во една тендерска постапка, откако биле елиминирани други заинтересирани компании од процесот, што го отвора прашањето дали на овој пазар постои нелојална конкуренција. Во многу тендерски постапки, пак, „Техноскоп“ бил единствен понудувач, бидејќи претходно биле дисквалификувани сите останати понудувачи, иако тие првично доставиле пониски цени, што укажува на можно ненаменско трошење на јавните средства.

Некои конкурентски компании, пред се „Каз Груп“, пак, оспориле низа тендерски постапки за водоводна опрема, главно спроведувани од ЈП „Водовод и канализација – Скопје“, во чии рамки учествувал и  „Техноскоп“. Во жалбите што ги поднесувала компанијата и решенијата што ги носела надлежната Комисија за жалби по јавни набавки, се содржани наводи за нееднаков третман на економските оператори и за дискриминација и фаворизирање компании, по пат на противзаконско изготвување на тендерската документација и техничките спецификации, кои предвидуваат компаниите да поседуваат специфичен сертификат наместо да исполнуваат соодветен стандард. И Комисијата за спречување на корупција и судир на интереси смета дека има доволно елементи за проверка на начинот на кој „Техноскоп“ ги добивал тендерите.

Во рамки на ова истражување, утврдивме дека во своето постоење од 1994 година досега, „Техноскоп“ остварил приходи од околу 39 милиони евра, од кои како добивка останале околу 7 и пол милиони евра. Патем, значителен дел од овие финансиски приливи се резултат на јавните пари, со оглед дека, според пресметките, вредноста на договорите за јавна набавка што компанијата ги склучувала во периодот од 2008 до 2018 година одговараат на повеќе од половина од приходите што ги остварила во истиот период. Она што е неспорен факт, по формирањето на АДКОМ, компанијата бележи финансиски раст.

 

 

ПАРАЛЕЛНО ЗДРУЖЕНИЕ НА КОМУНАЛНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ВО СТАН НА СОПСТВЕНИК НА КОМПАНИЈА

 

 

Од „АДКОМ“ велат дека здружението се формирало во 2004 година по иницијатива и со поддршка на УСАИД заради слободно здружување на граѓаните и јавните комунални претпријатија и унапредување на комуналната дејност. И покрај тоа што од таму посочуваат оти член на здружението може да биде јавно комунално претпријатие претставено преку своите вработени, но и секое физичко или правно лице, сепак, на официјалната интернет-страна на здружението се наведува дека членовите на „АДКОМ“ ги претставуваат јавните комунални претпријатија во општините од кои произлегуваат. Всушност, меѓу 85-те членки на здружението таксативно се наведени јавни комунални претпријатија основани од единици на локалната самоуправа, но не и други субјекти или лица.

Како што уверуваат од „АДКОМ“, овој начин на функционирање е применет и во други асоцијации, посочувајќи дека и во структурата на Стопанската комора на Македонија (СКМ) функционира Групација за водовод во рамки на Здружението на комуналните дејности, кое ги обединува јавните комунални претпријатија со дел од приватните компании од овој сектор. Од таа гледна точка, „АДКОМ“ дејствува како паралелно здружение на даватели на комунални услуги во однос на тоа во СКМ, со таа разлика што СКМ се дефинира како деловно-стручна асоцијација според Закон за Стопанска комора, додека „АДКОМ“ дејствува врз основа на Законот за здруженија и фондации.

Во статутот на „АДКОМ“ се предвидува дека највисок орган е Собранието кое ги донесува сите одлуки, програми и финансиски планови за работа на здружението. Извршен орган на Собранието е Управниот одбор, кој за извршување на делегираните задачи и активности има извршна канцеларија на чело со извршен директор, кој го застапува друштвото и одговара за законитоста во работењето. На крајот, Надзорниот одбор е овластен да врши надзор и мониторинг врз работењето на здружението во исполнување на задачите, како и да врши контрола за наменско располагање со средствата и приходите.

Податоците што ги добивме од Централниот регистар покажуваат дека овластено лице на „АДКОМ“ по формирањето во 2004 година бил Јордан Милков, поранешен директор на јавното комунално претпријатие од Кавадарци. Тој се задржува на оваа позиција сѐ до средината на 2010 година, кога на негово место доаѓа Лолита Стојановска, која, според потврдени информации, е сопруга на сопственикот на „Техноскоп“ Бошко Стојановски и сестра на управителот на оваа компанија Димитар Поплазаров. Проверките што ги извршивме во Катастарот на недвижности покажуваат дека седиштето на „АДКОМ“, всушност, е лоцирано во стан во скопската населба Аеродром во сопственост на првиот човек на „Техноскоп“, Стојановски.

Седиштето на АДКОМ во скопската населба Аеродром“

 

 

ПО ФОРМИРАЊЕТО НА ЗДРУЖЕНИЕТО, ПОРАСНАЛЕ ПРИХОДИТЕ НА КОМПАНИЈАТА

 

 

По формирањето во 1994 година, „Техноскоп“ имал двајца сопственици, меѓутоа од 2007 година Стојановски се јавува како единствен сопственик на компанијата, додека неговиот шура Поплазаров од 2013 година е управител на друштвото. Со исклучок на неколку години, компанијата бележи тенденција на постојано зголемување на приходите и на профитот од година во година, меѓутоа овој раст е поинензивен по формирањето на „АДКОМ“ во 2004 година и особено по назначувањето на Стојановска за овластено лице на здружението во 2010 година. Оттогаш, компанијата на нејзиниот сопруг ги остварува највисоките приходи и профити во своето работење.

Една година по формирањето во 1994 година, „Техноскоп“ остварил приходи 2.752.379 денари или околу 45.000 евра и расходи од 2.663.654 денари или околу 43.500 евра, што значи дека добивката изнесувала 88.725 денари или околу 1.500 евра. Во следниот период, приходите на компанијата, со исклучок на 1998 и на 2001 година, бележат постојан раст во однос на претходната година, така што во споменатата 2004 година, кога се формира „АДКОМ“, тие достигнале ниво од 58.877.134 денари или околу 957.500 евра, додека добивката на крајот на годината изнесувала 9.190.281 денари или околу 149.500 евра. Веќе во следната 2005 година, компанијата речиси ги удвојува приходите, со оглед дека финансиското салдо е претставено преку приходи од 94.831.870 денари или околу 1.542.000 евра, од кои, по минусирањето на расходите, останала добивка од 14.493.424 денари или околу 235.500 евра.

 

 

Финансиските приливи во касата на „Техноскоп“ претежно растат и во следните години, така што во 2010 година, кога сопругата на сопственикот и сестрата на управителот на компанијата станува овластено лице во „АДКОМ“, приходите достигнуваат 122.784.848 денари или околу 1.996.500 евра, додека добивката изнесува 40.275.134 денари или околу 655.000 евра. Во следната 2011 година, пак, приходите бележат скок на 183.685.726 денари или околу 2.987.000 евра, а добивката достигнала рекордни 76.192.097 денари или околу 1.239.000 евра. Само две години подоцна, т.е. во 2013 година, „Техноскоп“ бележи рекордно високо ниво на приходи од дури 345.919.928 денари или околу 5.625.000 евра, но и расходите биле повисоки, па добивката изнесувала 52.582.257 денари или околу 855.000 евра.

Сумарно, доколку се соберат бројките од финансиските извештаи на „Техноскоп“ во периодот 1995 – 2018 година, произлегува дека во овие 24 календарски години компанијата остварила вкупни приходи во износ од 2.599.255.052 денари или околу 42.264.500 евра и вкупни расходи во износ од 2.134.034.437 денари или околу 34.700.000 евра. Оттука произлегува дека во наведениот период компанијата за водоводна опрема остварила профит од 465.220.615 денари или околу 7.564.500 евра. Ако друштвото во првите години од формирањето имало само тројца вработени, нивниот број од година во година постепено растел, па во изминатава 2018 година имало 19 вработени.

 

 

ТЕНДЕРИ ВРЕДНИ КОЛКУ ПОЛОВИНА ОД ПРИХОДИТЕ НА ДРУШТВОТО, КОЕ НАЈМНОГУ СОРАБОТУВАЛО СО СКОПСКИ ВОДОВОД

 

 

Според податоците од Бирото за јавни набавки, од 2008 година досега, кога, впрочем, тендерските постапки се спроведуваат транспарентно и се евидентираат електронски, „Техноскоп“ склучил над 200 договори за јавна набавка во вкупна вредност од над милијарда денари или поточно околу 17,5 милиони евра. Патем, во оваа бројка не се земени во предвид приходите врз основа на дел од посебните договори склучени во рамки на рамковните спогодби постари од 5 години, од причина што јавните претпријатија не ни ги доставија на увид, повикувајќи се на Законот за архивска граѓа, кој налага документацијата да ја чуваат само 5 години. Исто така, не се опфатени ниту многубројните помали тендери со вредност од под милион денари.

За да се добие јасна слика за уделот на јавните пари во приходната страна на компанијата, треба да се споредат приходите на „Техноскоп“ од 2008 до 2018 година, кои вкупно изнесуваат 2.044.237.619 денари или околу 33.240.000 евра, како и договорите за јавна набавка во истиот период, чија вкупна вредност е 1.068.954.292 денари или околу 17.381.500 евра без ДДВ, кој не го пресметуваме бидејќи компанијата како добавувач не го книжи. Врз основа на тоа, висината на анализираните договори за јавна набавка што ги склучувала компанијата одговараат на повеќе од половина од приходите што ги остварила во анализираниот период. Во крајна линија, не може најточно да се утврди колку јавни пари се слеале во касата на компанијата, бидејќи многу договори предвидуваат дека стоките се набавуваат по потреба и се фактурира по достава.

Од Техноскоп велат дека ликвидноста и солвентноста на друштвото е повеќе резултат на работењето со приватните компании, но не одговараат прецизно колку јавните пари учествуваат во структурата на приходите“

 

 

Приходите кои „Техноскоп“ ги остварува по основ на продажба на водоводни материјали на јавните претпријатија учествуваат во прометот на компанијата, но поддршката за остварување на солвентноста и ликвидноста на нашата компанија е директно поврзана со работењето на приватните компании, земајќи предвид дека приватните компании се придржуваат за валутата за плаќање по основ на склучените договори што претставува круцијален дел во нашето работење. Како еден од проблемите со кој генерално се соочуваат голем дел од фирмите во државата, може да се наведе проблемот со наплатата на побарувањата во законски рокови“, велат од „Техноскоп“, без да одговорат прецизно колку јавните пари учествуваат во структурата на приходите.

Од аспект на нивната вкупна вредност, „Техноскоп“ најмногу добил од ЈП „Водовод и канализација – Скопје“, кое функционира под капата на Град Скопје. Пресметките покажуваат дека договорите што двете страни ги склучиле од 2008 година досега изнесуваат вкупно 280.410.018 денари или околу 4.559.500 евра без ДДВ, што претставува повеќе од една четвртина од вредноста на вкупниот број на договори за јавна набавка што ги склучила компанијата во истиот период. Најголемите договори меѓу ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ и „Техноскоп“ се однесуваат на набавка на систем за автоматско управување со софт-стартери и фреквентни регулатори во 2017 година од 29.480.046 денари со ДДВ (околу 479.500 евра), на автоматска регулација на електромоторите и пумпните станици во 2012 година од 23.234.604 денари (околу 378.000 евра), на систем за далечинско отчитување на водомери во 2009 година од 23.378.278 денари (околу 380.000 евра) итн.

 

 

ТОП-15 ДОГОВОРИ ЗА ЈАВНА НАБАВКА НА „ТЕХНОСКОП“

  Договорен орган Предмет на набавка Вид на постапка Висина на склучен договор/и Дата на склучен договор/и
01 Министерство за транспорт и врски Замена и инсталација на куќни, комбинирани, индустриски и ултразвучни водомери и нивна интеграција во систем за далечинско отчитување во системот за водоснабдување на општина Куманово Отворена постапка, во чии рамки предметот на набавката е поделен на 2 дела, така што министерството склучило договори со Техноскоп за двата лота во износ од 96.742.300 и 19.897.278 ден. 116.639.578 ден. 03.04.2018 год.
02 ЈП Исар – Штип Набавка на водоводен и канализационен материјал Отворена постапка, во чии рамки предметот на набавката е поделен на 4 дела, така што јавното претпријатие склучило договори со Техноскоп за два лота во износ од 29.382.732 и 53.653.024 ден. 83.035.756 ден. 27.06.2008 год.
03 Министерство за транспорт и врски Набавка на опрема за отчитување Отворена постапка, во чии рамки предметот на набавката е поделен на 2 дела, така што министерството склучило договор со Техноскоп за еден лот 59.824.820 ден. 28.03.2016 год.
04 МЈП Проаква Набавка на цевки и фитинзи Отворена постапка, во чии рамки предметот на набавката е поделен на 3 дела, така што јавното претпријатие склучило договор со Техноскоп за еден лот 44.947.489 ден. 23.04.2009 год.
05 Министерство за транспорт и врски Набавка на куќни повеќемлазни, комбинирани, индустриски ултразвучни водомери со поставување и вградување и интеграција во систем за далечинско отчитување во системот за водоснабдување на Пробиштип Отворена постапка во која учествувале двајца понудувачи 37.319.652 ден. 21.09.2015 год.
06 ЈП Водовод и канализација – Скопје Набавка на систем за автоматско управување со софт-стартери и фрекфентни регулатори Отворена постапка во која учествувале петмина понудувачи 29.480.046 ден. 13.11.2017 год.
07 ЈП Водовод и канализација – Скопје Набавка на систем за далечинско отчитување на водомери Отворена постапка во која учествувале тројца понудувачи. 23.378.278 ден. 15.07.2009 год.
08 ЈП Водовод и канализација – Скопје Набавка на опрема за автоматска регулација на работата на електромотрите и пумпните станици Отворена постапка во која учествувал еден понудувач 23.234.604 ден. 05.11.2012 год.
09 ЈП Нискоградба Охрид  -Охрид Набавка на лиено железни цевки и фасонски делови за водоснабдување Отворена постапка во која учествувале тројца понудувачи 22.148.197 ден. 11.11.2011 год.
10 ЈП Солидарност Виница Набавка на водоводни материјали Отворена постапка, во чии рамки предметот на набавката е поделен на 11 дела, така што јавното претпријатие склучило договори со Техноскоп за 4 лота во износ од 7.982.684, 5.378.794, 5.018.579 и 3.760.433 ден. 22.140.490 ден. 24.12.2009 год.
11 ЈПКД Комуналец – Струмица Набавка на лиено железни фасонски делови, фасонски затварачи, ПП хидранти, сервисни вентили и др. Отворена постапка, во чии рамки јавното претпријатие склучило договор со Техноскоп во износ од 19.045.397 денари, но двете страни подоцна склучиле и анекс на основниот договор во постапка со преговарање без претходно објавување на оглас во износ од 3.065.175 ден. 22.110.572 ден. 15.04.2012/ 10.12.2012 год.
12 ЈП Исар – Штип Набавка на ПЕ шахти со разни димензии, водоводен и канализационен материјал за реконструкции на водоводни и канализациони линии Отворена постапка, во чии рамки предметот на набавката е поделен на 2 дела, така што јавното претпријатие склучило договор со Техноскоп за еден лот 20.237.000 ден. 14.11.2012 год.
13 ЈП Водовод и канализација – Скопје Набавка на систем за автоматско управување со фреквентни регулатори и софт стартери ПС Сарај, ПС Свиларе Отворена постапка во која учествувале четворица понудувачи 17.315.675 ден. 15.09.2015 год.
14 ЈП Комуналец – Кавадарци Набавка и монтажа на водоинсталатерски, градежни работи, протокомери и други делови за поставување СКАДА систем Отворена постапка во која учествувале двајца понудувачи 16.052.873 ден. 04.07.2012 год.
15 ЈП Водовод и канализација – Скопје Набавка на софт-стартери и фрекфентни регулатори Отворена постапка во која учествувал еден понудувач 15.132.900 ден. 12.02.2014 год.

„Петнаесетте највредни зделки на Техноскоп од 2008 година досега според висината на договорот, односно договорите склучени во рамки на една тендерска постапка“

 

 

СЕМЕЈНА ВРСКА МЕЃУ ЈАВНОТО ПРЕТПРИЈАТИЕ И КОМПАНИЈАТА-ДОБАВУВАЧ, ДЕЛ ОД КОНКУРЕНЦИЈАТА НАДВОР ОД ИГРА

 

 

Според проверени информации, во „Техноскоп“ како комерцијалист работи Јана Апостоловска, ќерка на Лујза Накова-Кардулоска, раководителка на одделението за јавни набавки при ЈП „Водовод и канализација – Скопје“. Иако во делокругот на работа на оваа служба, меѓу другото, спаѓа изготвување на целокупната документација за реализација на јавните набавки, сепак, од јавното претпријатие велат дека нема ништо спорно во тоа што раководителот на оваа служба е во роднинска врска со вработен во компанија што добивала тендери од претпријатието. Од „Техноскоп“, пак, истакнуваат дека не ги селектираат и вреднуваат вработените по пат народнински, пријателски и деловни врски, туку, велат од таму, вработувањето го вршат согласно законските прописи, по претходно објавен оглас и 6-месечен пробен период.

„Од скопското јавно водоводно претпријатие тврдат дека раководителот на јавни набавки нема директен допир со изработка на техничките спецификации “

 

 

Раководителот на јавни набавки не учествува во планирањето на годишните потреби на секторите и во изработка на техничките спецификации од планот за јавни набавки. Истите се изработуваат во секторите баратели на набавките од страна на стручните лица на претпријатието. Комисиите за јавни набавки, согласно член 39 од Законот за јавни набавки, го спроведуваат техничкиот дијалог со економските оператори, отворањето на понудите, утврдувањето на способноста на економските оператори, проверување на техничките понуди, проверување на финансиските понуди поднесени од понудувачите во врска со цената, утврдување на неприфатливи и прифатливи понуди… Лицата и раководителот во организацискиот облик кои вршат работи од областа на јавните набавки не може да влијаат врз работата на комисиите за јавни набавки и нивните предлози за избор на најповолни понудувачи“, ни изјавија од ЈП „Водовод и канализација – Скопје“.

Увидот во извештаите од спроведените постапки за поголемите и поважните договори за јавна набавка склучени меѓу ЈП „Водовод и Канализација – Скопје“ и „Техноскоп“, што ги обезбедивме согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, открива дека во дел од овие постапки комисиите формирани во претпријатието за спроведување на јавната набавка дисквалификувала конкурентски компании на „Техноскоп“. Една од ваквите постапки се однесува за набавка на водомери, во чии рамки ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ склучил договор со „Техноскоп“ кон крајот на 2010 година. Поточно, компанијата била повикана да поднесе конечна цена, која изнесувала 7.212.300 денари или околу 117.000 евра без ДДВ, што е повеќе во споредба со првичните понуди на конкурентските „ЦМЦ Екогон“ и „Каз Груп“ во износ од 6.585.500 или околу 107.000 евра, односно 6.347.928 денари или околу 103.000 евра. Сепак, овие две компании биле елиминирани во фазата на евалуација.

Законот за јавни набавки дефинира дека постапката на евалуација е една од почетните фази од тендерската постапка, во чии рамки се проверува комплетноста и валидноста на документацијата на економските оператори кои поднеле понуда на јавното отворање. Односно, евалуација се врши исклучиво врз основа на критериумите наведени во тендерската документација, така што прифатливите понуди се рангираат со предлог за избор на најповолна понуда. Кога во условите на тендерот се предвидува и електронска аукција како завршна фаза, се повикуваат сите што доставиле прифатлива понуда да достават нови цени. Но, ако се јавил или останал само еден понудувач, тогаш договорниот орган задолжително го повикува да поднесе конечна цена или во спротивно за конечна цена ќе се смета неговата првична понуда.

 

 

РЕАЛНА ИЛИ ФИКТИВНА КОНКУРЕНЦИЈА – ВРАБОТЕН ПРЕЗЕЛ КОМПАНИЈА ФОРМИРАНА ОД ГАЗДАТА

 

 

Информациите од извештајот за спроведување на друга тендерска постапка, пак, откриваат конекција меѓу сопственикот на „Техноскоп“ и уште една компанија за водоводна опрема. Во тендерската постапка на ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ за набавка на чепови (балони) на истекот на 2017 година, во фазата на евалуација биле дисквалификувани компаниите „Антиплам Тони“ и „Алки Александар“, па на електронска аукција биле повикани „Техноскоп“ и „Матам Инг“, при што „Техноскоп“ испаднал победник, понудувајќи цена од 5.099.969 денари или околу 83.000 евра, која била за само 54.254 денари или околу 800 евра пониска од понудените 5.154.223 денари или околу 83.800 евра на „Матам Инг“. Според Централниот регистар, „Матам Инг“ била формирана од сопственикот на „Техноскоп“ Стојановски во 2007 година, но во 2016 година нов сопственик на „Матам Инг“ станал Боби Дамјановски, кој е поранешен вработен во „Техноскоп“.

На пазарот се воведе бодување по основ на најниска цена во 2007 година, а „Техноскоп“ како фирма која работи со висок рејтинг и со реномиран квалитет на пазарот по кој е и препознатлива од почетокот на нејзиното постоење, не можеше да се избори со ниските цени на јавните наддавања кои беа клучен сегмент за добивање на тендерските постапки, иако тоа соодветствуваше со понуда на материјали со низок квалитет. Од тие причини е настаната „Матам Инг“, која на пазарот конкурираше со понуда на материјали со пониски цени и со многу послаб квалитет на производите. Со компанијата „Матам Инг“ имаме конкуренција на пазарот, со оглед на тоа што нудиме различни производи, од различни производители и по различни цени и ниво на квалитет “, вели Поплазаров, управител на „Техноскоп“.

 

 

 

Договорите за јавна набавка склучени од Матам Инг“

 

 

Според податоците од Бирото за јавни набавки, откога сопственик и управител на „Матам Инг“ станува некогашниот вработен во одделот за сметководство и финансии на „Техноскоп“ – Дамјаноски, компанијата склучила 5 договори за јавна набавка во вкупна вредност од 50.380.595 денари или околу 819.000 евра. Највреден е договорот со ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ за систем за управување со софт-стартери и фреквентни регулатори, склучен во 2016 година во износ од 35.181.195 денари или околу 572.000 евра, но вреди да се издвои и договорот меѓу двете страни од истиот период за возило со камера за снимање канализациони мрежи во износ од 11.798.901 денари или околу 192.000 евра. Сепак, Дамјановски вели дека се соочува со тешкотии во работењето и дека понудил продажба на компанијата со сите побарувања и обврски .

Како поранешен вработен во фирмата „Техноскоп“, го напуштив своето работно место поради заминување во Австралија. Но, поради сплет на околности, се вратив назад во Северна Македонија и по долго размислување отворив свој бизнис. Познавајќи ја областа од водоводна опрема, решив да ја преземам фирмата „Матам Инг“, со цел да се пробивам на пазарот и да остварувам месечен приход. Меѓутоа, со оглед на силната конкуренција тешко оди пробивањето на пазарот и конкурентноста со фирми од таа дејност. Состојбите на пазарот се тешки и се соочувам со многу силна конкуренција и неплаќање на побарувањата како и сите фирми во државата. Исто така, моментално се соочувам со тужби со фирми со кои соработував“, објаснува Дамјановски, сопственик на „Матам Инг“.

 

 

ИНСИСТИРАЊЕ НА СЕРТИФИКАТ ОД АСОЦИЈАЦИЈА НА ПРОИЗВОДИТЕЛИ, НАМЕСТО НА СООДВЕТЕН ЗАКОНСКИ СТАНДАРД

 

 

Во однос на дел од тендерски постапки на кои учествувал и „Техноскоп“, реагирале конкурентски компании, кои сметаат дека неправедно и незаконски биле оневозможени да учествуваат во постапката. Компанијата за производство на водоводна опрема „Каз Груп“ е водечка компанија според жалбите поднесени за тендерите за водоводна опрема, кои содржат наводи за законски прекршувања при спроведување на тендерските постапки од страна на јавните комунални претпријатија. Впрочем, за „Каз Груп“ контроверзно е тоа што ЈП „Водовод и канализација – Скопје“, во делот на антикорозивната заштита на водоводните производи, го бара таканаречениот GSK сертификат, кој, според нив, не претставува соодветен стандард, туку се издава врз основа на интерна RAL регулатива на асоцијација на производителите на водоводна опрема.

 

Дел од компаниите за водоводна опрема оспориле низа тендерски постапки пред надлежната комисија, обвинувајќи за дискриминација и фаворизирање “

 

 

 

Според „Каз Груп“, тоа е спротивно на член 33 од Законот за јавни набавки, кој гласи: „Договорниот орган ги дефинира техничките спецификации со упатување, како правило по следниот редослед – примена на македонски стандарди кои се во согласност со европските стандарди, европски технички одобренија (европски технички атести), заеднички технички спецификации што се користат во ЕУ, меѓународни технички стандарди…“. Од таму посочуваат дека инсистирањето на GSK сертификатот претставува начин како да се овозможи во постапката да учествуваат само членките на GSK асоцијацијата, што воедно е спротивно и на член 210 од Законот, кој пропишува дека доколку тендерската документација не е во согласност со законот може да доведе до дискриминација на економските оператори или ограничување на пазарната конкуренција.

Цитираната RAL регулатива RAL GЗ-662 не е ниту стандард, ниту европско техничко одобрение (технички атест,) ниту, пак, техничко упатување воведено од европски орган за стандардизација. Напротив, истата претставува интерна т.н. регулатива само на GSK асоцијацијата на производители, а наведениот GSK сертификат е документ кој го издаваат само на своите членови и на никој друг. За специфицирање на водоводни делови кои се со антикорозивна заштита за тешки услови, применувајќи го став 2 од член 33 од Законот за јавни набавки, постои соодветен стандард за оваа намена и истиот е MKC EN 14901:2014“, објаснуваат од „Каз Груп“ во низата жалби до Комисијата,.

Освен тоа, „Каз Груп“ докажувал дека GSK сертификатот не претставува ниту гаранција за квалитет за производите. Првиот аргумент на компанијата во таа насока се базира на податокот дека GSK асоцијацијата, од сите 18 декларирани стандарди со кои го издава GSK сертификатот, е акредитирана за само еден стандард (EN ISO 4624), имајќи во предвид дека, како што тврдат од компанијата, тоа им го потврдиле од институтот MPA од Хановер, кој ги врши испитувањата за GSK асоцијацијата. Како втор аргумент го наведуваат фактот што и самиот договорен орган за едни производи бара исклучиво GSK сертификат, додека за други исти или слични производи од една иста водоводна линија бара антикорозивната заштита да биде изведена со материјал кој нeма да го загрозува здравјето на луѓето,без притоа да инсистира на сертификатот.

 

 

ФИЛТРИРАЊЕ НА НЕПОДОБНАТА КОНКУРЕНЦИЈА ИЛИ ГАРАНЦИЈА ЗА КВАЛИТЕТ?

 

 

Ваквите наводи дека ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ спроведува незаконски тендерски постапки, преку филтрирање на конкуренцијата со барањето на таканаречен GSK сертификат, кој не се базира на ниту еден законски стандард, туку претставува документ што асоцијацијата го издава на своите членови врз основа на интерна RAL регулатива, при што од сите 18 декларирани стандарди врз основа на кој го издава документот е акредитирана за само еден, „Каз Груп“ ги изнел во жалбата за тендерот за реконструкција, доградба и замена на водоводни цевки од минатата 2018 година. По жалбата на компанијата, Комисијата за жалби по јавни набавки, која функционира како самостоен државен орган, одлучува да ја поништи тендерската постапка, при што јасно и недвосмислено напоменува:

Договорниот орган при евентуално повторно спроведена постапка за јавна набавка потребно е при изготвување на тендерската документација да ги има во предвид и одредбите од Законот за јавни набавки кои се однесуваат на изготвување на техничката спецификација, како и одредбите кои се однесуваат на барањето и примената на одредени стандарди“. Во продолжение, Комисијата потсетува на член 36 од законот за јавни набавки, според кој: „Договорниот орган не смее да дефинира технички спецификации кои упатуваат на конкретно производство, изведба, определен процес или трговски марки, патентни видови или специфично потекло на стоки со цел фаворизирање или елиминирање на определени економски оператори или стоки“.

Откако поништила една од обжалените тендерски постапки, Комисијата за жалби по јавни набавки побарала договорниот орган при изготвувањето на техничката спецификација да не упатува на конкретно производство, изведба, определен процес или трговски марки“

 

 

Наспроти тоа, Комисијата за јавни набавки при ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ тврдела дека GSK сертификатот не е дискриминаторски услов, туку, според нив, ознаката за квалитет RAL Qualitis Mark на GSK RAL G3 662 означува голема сигурност и гарантира беспрекорен стандард за обложување од корозија на вентили и фитинзи со премази од прав. Оттаму нагласуваат дека GSK асоцијацијата ја доделува ознаката за квалитет само на компании што ги исполнуваат условите и ги задоволуваат барањата за квалитет. Воедно, истакнуваат дека GSK сертификатот го поседуваат најреномираните компании што произведуваат вентили и водоводни делови со што го докажуваат квалитетот во однос на антикорозивната заштита.

Досега не постоеле македонски или европски директиви кои ја докажувале поквалитетната антикорозивна заштита на вентилите и фитинзите со премази со прав. GSK серитификацијата пропишувала докази за признати правила на технологијата во светски рамки како врв во полето на антикорозивната заштита. Издадениот GSK сертификат, односно ознаката за квалитет RAL Qualits Mark на GSK RAL G3 662 означува голема сигурност, квалитет и гарантира тестиран беспрекорен стандард за обложување, обезбедувајќи соодветни решенија за мрежи за снабдување со вода за пиење, отпадни води и гас“, велат од Комисијата за јавни набавки при јавното претпријатие.

 

 

ЈАВНОТО ПРЕТПРИЈАТИЕ ГО ПОНИШТИЛ ДЕЛОТ ОД НАБАВКАТА ШТО ГО ДОБИЛ ЖАЛИТЕЛОТ

 

 

Oд „Техноскоп“ велат дека не поседуваат GSK сертификат, но една жалбена постапка покрената од страна на „Каз Груп“ открива дека компанијата го приложила овој документ. Конкретно, се работи за набавката на водоводни огрлици, во чии рамки ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ првично склучил рамковни спогодби со „Техноскоп“ и „Мителмонт“ за четири лота, со тоа што „Техноскоп“ бил прворангиран за листите 2 и 4, а „Мителмонт“ за листите 1 и 3. Поради тоа што била елиминирана од постапката од едноставна причина што не го поседувала бараниот сертификат, „Каз Груп“ ја обжалила постапката, тврдејќи дека поседувале комплетна документација и доставиле потврда издадена од акредитирана лабораторија.

Во решението на Комисијата се наведува дека „Техноскоп“ понудил огрлици на IMP Armature, Словенија, со GSK сертификат за три листи, како и HUOT, Франција, со сертификат од „Завод за испитување квалитет“, Загреб, за четвртата листа. Што се однесува до „Мителмонт“, оваа компанија понудила огрлици за сите листи на Hawle, Германија, со GSK сертификат. Од „Каз Груп“ обвиниле дека документацијата на двете компании е невалидна, бидејќи лабораториите на кои се повикувале не се акредитирани. Од јавното претпријатие, пак, обвиниле дека жалителот поднел некомплетна документација, зашто опфаќала само хемиски анализи, но не и испитувања согласно техничките стандарди.

Арно ама, Комисијата за жалби оценила дека жалбата на „Каз Груп“ е основана, бидејќи јавното претпријатие погрешно ја утврдило фактичката состојба и сторило повреда при евалуацијата на понудите. Откако постапката била вратена во фаза на евалуација, се одржала нова постапка, во чии рамки за првата и третата листа за најповолен понудувач повторно бил избран „Мителмонт“, додека за втората и четвртата листа набавката била поништена со одлука на јавното претпријатие. Имено, ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ донел ваква одлука веднаш откако најповолна понуда доставил жалителот „Каз Груп“, со објаснување дека поради непредвидени и објективни околности се промениле потребите на договорниот орган, без притоа да се наведат детали околу ваквите околности.

Во моментов, нашата компанија по асортиманот, квалитетот и спецификата на своите производи е еден од најдобрите производствени капацитети на Балканот во својата бранша. Во сите досегашни извози не сме имале никаква рекламација на нашите производи. Напротив, странските партнери се пријатно изненадени од контролираниот и постојан квалитет, запазените рокови на испорака, комплетната логистика. Со сертификатите со кои располагаме, во европските држави сме рамноправни со сите реномирани производители, што не е случај во нашата држава каде што особено преку неосновани критериуми и сертификати, како што е GSK сертификатот, често пати, за жал и иронија, сме дисквалификувани или сме оневозможени да ги пласираме нашите производи“, велат од „Каз Груп“.

Со сертификатите со кои располагаме, во европските држави сме рамноправни со сите реномирани производители, што не е случај во нашата држава каде преку неосновани критериуми и сертификати, како што е GSK сертификатот, често пати сме дисквалификувани“, реагираат од Каз Груп.

 

 

ЕКСПЕРТИТЕ ГЛЕДААТ СУДИР НА ИНТЕРЕСИ, СЛУЧАЈОТ ПОД ЛУПА НА АНТИКОРУПЦИОНЕРИТЕ

 

 

Имајќи ги предвид сите изнесени факти и сознанија, поранешниот антикорупционер Ариф Муса посочува дека договорите за јавна набавка меѓу „Техноскоп“ и јавните комунални претпријатија треба да бидат испитани од страна на Комисијата за спречување на корупција и судир на интереси. Во врска со тоа, Законот за здруженија и фондации, врз основа на кој функционира „АДКОМ“, дефинира дека „судир на интереси подразбира судир на овластувањата и должностите во врска со работењето на организацијата со приватниот интерес на лицето кое има овластувања и должности, во кои приватниот интерес влијае или може да влијае врз вршењето на овластувањата и должностите во врска со работењето на организацијата“. Дополнително, новиот Закон за спречување на корупција и судир на интереси пропишува дека „службено лице не смее да врши незаконско влијание во постапка за јавна набавка“.

Во делокругот на работењето на АДКОМ не влегуваат теми за дискусија околу јавните набавки. За трошењето на нивните (јавните претпријатија) финансиски средства, истите даваат извештај на општинските тела. Наше мото во работењето е професионалност, одговорност и законитост. Тоа го потврдува 15-годишното успешно и квалитетно работење, задоволство и високи оценки од сите наши партнери од земјава и странство“, велат од Здружението на јавни комунални претпријатија, од каде во однос на прашањето со какви правила статутарно го уредиле судирот на интереси, одговорија дека тоа е законска обврска само на здруженија со јавни овластувања.

Комисијата за спречување на корупција и судир на интереси смета дека постојат доволно индиции за да отворат предмет за случајот“

 

 

Oд Државната комисија за спречување на корупцијата, која има право да постапува по службена должност, но и по добиени пријави, нè известија дека има доволно првични индиции да се отвори предмет за случајот, во чии рамки треба да се испита дали постои судир на интереси и влијание при јавните набавки. На барање на Комисијата, ги доставивме сите информации и податоци до кои дојдовме и со кои располагаме како резултат на ова истражување, поврзани со спрегата меѓу здружението каде се организирани јавните комунални претпријатија „АДКОМ“ и приватната компанија „Техноскоп“, која соработувала со овие субјекти.

Со оглед на тоа што информациите во врска со јавните набавки на јавните претпријатија во земјава се јавно објавени и достапни преку електронскиот систем на јавни набавки, „Техноскоп“, како и останатите приватни компании, го користат истиот начин на информирање за објавените огласи. Од своето основање, „Техноскоп“ работи исклучиво согласно законските прописи, правила и регулативи и постапува по истото“, велат од „Техноскоп“; одговарајќи на прашањето колку врската на компанијата со „АДКОМ“ е принципиелна и коректна, од аспект дека може да се искористи за лобирање, дознавање на одредени планови за јавни набавки, критериуми и услови во тендерската документација и техничката спецификација?

Оваа истражувачка сторија е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.