Денешна дата
19/11/2019

МИРИСА НА ПАРЛАМЕНТАРНИ СО ЕПИЛОГ СИТЕ ВО ВЛАДА

Без опозиција во собранието и под европска контрола во спроведувањето на европските реформски задачи.

Пишува: Зоран Иванов

Не знам зошто по изјавата на претседателот на државата сите се нафрлија врз изборниот модел. Тоа не е тема зашто негова промена едноставно нема да има. Не дека е тоа непотребно, напротив. Туку од една проста причина што нашиве по партиите не можат една обична реформа да истуркаат во било која област, а камоли да се договорат и да се нафатат за нова форма на изборниот модел, една за нив толку сложена, комплицирана, тешка и неизвесна операција. Затоа до промена на изборниот модел до догледно време нема да дојде, барем не од  сегашниве партиски генерации.

Туку, важно вака или онака избори, предвремени парламентарни годинава галиба сепак ќе има. Поради ригидноста на Макрон и на Меркел и тоа да, но пред сè поради домашните инертности со реформите. Западот, Унијата поконкретно, е изморена од самата себе, но преморена е и од нас. Од нашите меѓупартиски хирови. Германската канцеларка, на пример, на двапати ни го праќаше и го плаќаше Прибе, а ние ништо. После европската вавилонка ни била виновна, ни ветила со ова со она, ни ветила бла, бла.

Нејсе. Затоа, вообичаено за нас, кога веќе нема ништо и нема каде, на избори па кому иде. И онака состојбата во владата од типот дотука со ДУИ, оттука без неа, станува се погуста. Се насетува дека ако сака целосно да не потоне, СДСМ кoнечно ќе мора да ја спука со вечниот партнер со секого. Се разбира доколку не попушти ароганцијата на коалицискиот партнер. Ако тоа бргу не се случи, тогаш СДСМ веќе нема каде па можни се предвремени и од немајкаде.

Проекцијата би била на избори секој сам па за идните коалиции се можни секакви комбинации. Од варијанта СДСМ пак со ДУИ, преку СДСМ без ДУИ, па СДСМ со Алијансата и Беса, но и СДСМ со ВМРО-ДПМНЕ и со Алијансата и Беса и можеби тука и таму и со по некој кадaр на ДУИ или повторно со целата ДУИ. Еден ваков галиматијас секој со секого и секој без никого во првата наредна постизборна влада сега наликува на фантастична приказна. Ама како течат работите, сепак е сè можно. Дури, во некој европски кабинет тоа можеби веќе и се проектира како насока и како можност реално да се тргне со реформите без опозициски препреки и без партиски хирови.

Земјава е пред неизвесност околу добивањето датум за почеток на преговори со Унијата. За да се случи покана, моќните во овој сојуз треба да се убедени дека ние имаме капацитет да исчекориме или дека сепак можеме нешто набрзина да сработиме. Тоа е можно само без многу тегавења и со сесрдна кооперација и внатре во сегашната владина коалиција и со опозицијата, со ВМРО-ДПМНЕ и со Алијансата и Беса. Или тоа или вонредни избори па кому иде. Состојбата меѓу власта и опозицијата во парламентот сè да се турка на сила, заврши. Таа енергија и тој капитал владејачката коалиција го потроши со договорот со јужниот сосед и со уставните измени. Оттогаш наваму на политички и на реформски палан речиси ништо радикално не се случува. А без брзи, длабоки и темелни зафати нема ни почеток на преговори.

Во меѓувреме се случија претседателските и застој од цели месеци пол два од функционирањето на државата. Тоа за власта беше добродојдено алиби за релакс од заморот од Преспанскиот, но тоа беше и сè од ентузијазмот и од реформската енергија. Па доколку Македонија сега, значи веќе ова лето не добие датум, тогаш брзи парламентарни се извесни. Распоредот на политичките сили, судејќи и по претседателските изборни резултати и според некои порелевантни анкети, упатуваат дека доцна на есен или рано претстојната зима, сепак ќе се случат изнудени предвремени.

Гледано од тој агол, од актуелното расположение на гласачите, вклучително и со поголемиот процент иселени, апстиненти и неважечки ливчиња, распоредот на  политичката моќ меѓу партиите и во македонскиот и во албанскиот електорат е се поизедначен. Затоа изгледно е, доколку до крајот на оваа година сепак дојде до избори, распоредот на силите во парламентот да биде со резултат нерешено и тоа по сите линии.

Се насетува дека СДСМ би имал одредена предност, веројатно гледано одделно за  секоја партија исто би било и за ДУИ. Но и во СДСМ и во ВМРО-ДПМНЕ секако знаат дека коалицијата со ДУИ или само со неа, е веќе истрошен проект. Претпоставка е дека за тоа се свесни и во самата ДУИ и дека, кај и да е, и тие ќе треба малку подолго од година пол да го консумираат статусот на опозиција. Секако, за сите овие не толку комбинации колку размисли, клучниот збор ќе го имаат гласачите. Засега нивното расположение, судејќи и според индикаторите од претседателските, некако се движат во таа насока.

Ова прво, затоа што коалициите кај нас се детерминирани од гласовите на граѓаните и, второ, реално е да се очекува приближно изедначен изборен скор и кај ДУИ од една и кај Алијансата и Беса од друга страна и истото и кај СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Оттука, изборниот епилог сепак би се концепирал на зелена маса. И, со малку политичка волја и без многу натегања, а поради конкретни бриселски задачи и бриселски контроли, сите би се нашле во една Влада.

Всушност, дури и да се случи тесен изборен резултат за сите и СДСМ да го добие мандатот и наместо со ДУИ да кооперира со веќе помоќните Алијансата и Беса, без стабилно мнозинство и особено без нужното двотретинско за сиасет реформи во пакет со нивна имплементација, евентуалната опозиција од типот ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ би била премногу незгодна за власта. Па и тогаш од реформите пак ништо и од Европа уште повеќе пак ништо.

Ете, така некако, при тесни изборни резултати меѓу сите позначајни политички партии и со една пресметана постизборна криза, би било можно да се формира влада на спасот или на единство или широка влада или реформска или дури и пржинска или како и да се нарекува или да ја нарекуваат, сеедно. Притоа, нормално, како и досега при секои наши партиски кавги, сето со посредување на странците. Главно пак со ангажман на европската и на американската дипломатија. Со нивна агенда за брзо почнување преговори со Унијата, со сите во влада, без опозиција во собранието и, најважно, под европска контрола во креирањето на европските реформски обврски.

Па, ако за сметка на реформите и натаму продолжат препирањата меѓу власта и  опозицијата, тогаш е мошне можно токму Унијата да поттикне вонредни парламентарни за постизборно да ни состави и парламент и влада кои под контрола на бриселските бирократи и во услови без опозиција, би ги туркале реформите. Особено во правосудниот систем, во државната администрација, во справувањето со корупцијата и во ослободувањето на институциите. Без напредок во овие сфери, нема почеток на преговори. А ако нема почеток, тогаш ќе има избори. Се допаѓало некому тоа или не, однадвор ќе ни се проектира парламент без опозиција и најширока влада со конкретни задачи и рокови.

Се разбира, еден ваков засега незамислив па сепак можен постизборен дизајн, е можен и остварлив само со максимална волја на сите учесници во политичкиот живот. Со политичка култура која ќе надвисне над себичните теснопартиски лакомости. Со партиски лидери кои ќе имаат доблест на граѓаните да им манифестираат заедништво за напред на нивната држава. Со план врз прецизно дефинирани задачи сите заедно да ја преместат земјава на побрзиот колосек за Европа.

Значи, без опозиција во собранието и под европска контрола во спроведувањето на европските реформски задачи. Не се сомневам дека тезиве ќе бидат етикетирани како волунтаристички. Тие тоа и се. Ама, еве каде е есента, да бидеме живи и здрави па да видиме.

Впрочем, нели по правило сè почнува од идеа и од хипотеза. Време за партиски битки ќе има секогаш. Сега треба да се најдат барем година, две, три да се авансира за Европска Македонија. Тоа, секако, може да се случи само доколку на избори така кажат граѓаните.

Дотогаш, какви што нè дал Господ, прво по плажите да поцрнеме, потоа да мине летото па, па натаму …, натаму здравје.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.