Денешна дата
15/08/2020

Магистри и доктори на врвни универзитети, а неквалификувани за дипломати?!

Министерството за надворешни работи одбило кандидати за дипломати со образложенија дека немале целосна документација, иако доставиле се што било побарано од нив. Симон Андов одбиен поради застарено лекарско уверение, Маја Стојанова како доктор на науки со 500 ЕКТС кредити не задоволувала услов бидејќи се барало лице со 180, а на Филип Ивановски му барале сертификати за англиски јазик и компјутер, иако завршил со најдобри оценки на универзитети во Канада и Лондон

Пишува: Александар Тодески

 

На неполн месец по изборот на Стево Пендаровски за претседател, на чии митинзи премиерот Зоран Заев ја ветуваше „метлата“, но и посветената работа, во Министерството за надворешни работи излезе нов скандал. Според информациите до кои дојде „Инбокс7“, десетици кандидати за дипломати, кои според доставените документи биле меѓу најдобрите се одбивале со образложение дека не ги доставиле документите во целост. Иако, тие тврдат дека доставиле се што било побарано од нив во апликацијата. Сега пак, прстот се вперува кон Агенцијата за администрација.

Одбиените – партиски неподобни?!

 

Најголемиот дел од кандидатите кои во повратното писмо заедно со документите добиле информација дека се одбиени поради нецелосни документи, не се членови на владејачката СДСМ, што го посочуваат како главна причина за одбивањето на нивната пријава уште на стартот. Иако дел од нив се побуниле, одговорот кој го добиле повторно бил истиот, по што се откажале од намерата својата кариера да ја продолжат според образованието кое го имаат.

Од Министерството за надворешни работи не одговараат на нашите прашања дали ќе се ревидира огласот по скандалот кој изби за одбивањето, ниту пак колку точно кандидати за дипломати досега биле одбиени.

Министерот Никола Димитров, кој според информациите до кои дојдовме, бил затекнат од ситуацијата и не знаел за ваквата селекција, преку социјалните мрежи реагираше дека во првиот круг изборот го врши Агенцијата за администрација.

„Во првата фаза на конкурсот, одлучувачки надлежности има Агенцијата за администрација, која постапува по одредбите на законот и проверува дали кандидатите имаат доставено комплетна документација дека ги исполнуваат пропишаните услови. Постапуваат по закон, што за мој вкус е премногу ригиден и треба да се менува. На пример, Законот не дава можност од дополнително доставување на документи кои недостасуваат (имав посебен состанок на оваа тема со Агенцијата пред да го објавиме конкурсот). Во оваа фаза, МНР има крајно ограничена можност да влијае врз оценката за документацијата. Или ги има сите документи или ги нема. Вината не би ја префрлил ниту на Агенцијата, туку на нефлексибилноста на Законот за административни службеници, што мислам дека треба да се измени. Посебно е прашањето што дипломатите, со оглед на спецификите, треба да се изземат од системот на државни службеници и во делот на вработувањето, за одговорноста, постапката и политиките да бидат во МНР. Но, додека тоа не го направиме (работиме на нов закон) за нас, посебно во оваа фаза, е надлежна Агенцијата и должни сме да го применуваме и почитуваме Законот за административни службеници. За жал, реакцијата на неколку се чини одлични кандидати, револтирани од ригидноста на системот, беше политички злоупотребена токму од болеста наречена “државата е партијата“, напиша Димитров.

Тројца одбиени кандидати со отворени писма до јавноста

Симон Андов, кој своето образование го стекнал во земји членки на Европската Унија пишува дека во времето кога се аплицирало, но и до кога требало да се одлучи, сите документи му биле уредни. Сепак, по замрзнување на процесот поради претседателските избори апликацијата му била вратена како „неуредна“ поради застарено лекарско уверение.

„Постапката за селекција траеше цели пет месеци. Замрзнување, па одмрзнување на процесот, го направија немо, без никакво соопштение. И вчера, сосема случајно отворам профилот па читам – „Твојата апликација е означена за неуредна. Причина: застарено лекарско уверение.“ Аха. Е па добро. Извинете што сум неуреден и за времето што ви го одземав и фала многу! Си ја наведнав главата и се прашав: зарем дипломиран правник (со просек 9,20), специјалист и магистер по европско право на ЦЕИ во Нанси, Франција, магистер по европска интеграција на Универзитетот во Ремс, Франција, човек кој бил дел од Извршниот совет на УНЕСКО во Париз (2015), Постојаната мисија на Македонија во ЕУ во Брисел (2015), Министерството за надворешни работи на Македонија (2016), Централно-европска иницијатива, Италија (од 2018 до денес) – Заслужил да биде отфрлен како неуреден кандидат?“, пишува Андов.

Охрабрена од него, на социјалните мрежи отворено писмо напиша и Маја Стојанова, чија апликација исто така била вратена како „неуредна“.

„Се пријавив, и добив известување дека имам уредна апликација. Ги прикачив сите потребни документи, а во графата дополнително додадов сертификати и признанија кои не беа обврзувачки во огласот, но кои дополнително ја нагласуваат мојата компетентност за работното место за кое аплицирав. Огласот, нормално, согласно Изборниот законик, беше замрзнат за време на изборниот период. Пред неколку денови кога видов дека се ставаат известувања за полагање на испит на административен службеник, отворив на својот профил и видов дека мојата апликација сега е означена како неуредна. Цел тој период од декември до денес отворав и во опцијата ‘увид’ стоеше – „вашата апликација се разгледува“. Кога видов дека е неуредна апликацијата се јавив во Агенцијата за администрација и ми беше одговорено од Комисијата за селекција по јавен оглас дека сѐ би требало да е в ред. Кога прашав детално што може да се стори во ваква ситуација, службеничката ми одговори „не знам што да ви кажам јас и така не сум стручна за ова“. Се обратив до одредени државни институции и ми сугерираа да закажам состанок со одговорно лице во агенцијата. Отидов таму, и морам да кажам јавно дека бев примена најкоректно од вработените, но лицето кое беше надлежно да ме прими за оваа проблематика не беше на работното место. Ме прими друг секретар кој, исто така, беше исклучително љубезен и културен човек и ми рече дека одговорното лице ќе се врати дури во понеделник. Ми беше посочено дека неуредна апликација не се исправа и да се исправи по кој било основ би можела да бидам одбиена. Најсмешниот од сите нив ми беше дека огласот на кој сум конкурирала бара лице со 180 ЕКТС кредити, а јас со докторска титула имам 500. Што значи тој услов не го исполнувам. Република Северна Македонија нема слух за вработување на дете на самохрана мајка кое од прво одделение останало без својот родител. Оваа земја која во моментот „моли“ за датум во пријателска Германија нема работно место за докторот на науки кој донесе државна награда од Германија“, пишува Стојанова на социјалните мрежи.

Третиот одбиен кандидат пак, Филип Ивановски на социјалните мрежи напиша дека бил одбиен оти не поднел доказ за познавање на англиски јазик, иако образование стекнал во Канада.

Филип Ивановски

„Аплицирав во дадениот рок, по што добив потврдна порака на мојот профил од страна на Агенцијата за администрација дека мојата апликација е успешно примена и дека е во процес на разгледување. После шест месеци чекање одговор, бев разочаран кога дознав дека мојата апликација е одбиена уште во првата фаза на конкурсот. Причините за одбивањето се во најмала рака смешни, што ме прави да верувам дека јас сум жртва на некакви зад кулисни игри со цел промоција на други кандидати поради тесно партиски интереси. Според одговорот што го добив, јас сум морал да доставам и сертификат за познавање на англиски јазик, како и документ што потврдува дека знам да ракувам со компјутер. Во тој момент видно се разочарав и веднаш се запрашав себеси: дали е можно македонската држава да покажува ваква негрижа и ноншалантност за своите чеда? Дали е можно една личност да е ценета и вреднувана во Канада, Германија и Англија а истовремено да не ја бива во нашата Македонија? На човек што дипломирал и магистрирал со највисоки оценки на најдобрите универзитети во Канада и имал краток студиски престој на Кралскиот колеџ во Лондон да му се бара сертификат за познавање на англиски јазик и воедно тоа да биде причина за одбивање на неговата апликација е во најмала рака тенденциозно, а богами и разочарувачки. Истото важи и за сертификатот за познавање на основни компјутерски вештини, небаре јас работев како млад амбасадор на Германската Служба за Академска Размена и како аналитичар на база за податоци при Меѓународната Организација за Миграција (ИОМ) во Берлин без да ги имам тие основни познавања за работење со компјутер“, пишува Ивановски.

Иако не со отворени писма, дел од кандидатите кои биле одбиени за „Инбокс7“ потврдуваат дека одбивањето било поради навидум смешни причини, за кои би требало да се остави простор за дополнување на документите, а не директно исклучување.

И додека се префрла топката од МНР кон Агенцијата за администрација, од министерството не одговараат на нашето прашање дали ќе го ревидираат и ќе го вратат од почеток овој конкурс, кој уште од првата фаза го следат контроверзии. Единствено министерот Димитров им одговори на тројцата кандидати, на ист начин како што тие ја известија јавноста за можни малверзации, со отворено писмо преку социјалните мрежи.