Денешна дата
16/07/2019

ОД ВАРДАР ДО ТОРОНТО

Пишува: Александар Кржаловски

 

Јуни е обично мирен месец, но овој се покажа поинаков, со завршници на неколку спортски натпреварувања интересни за нас и во исчекување на фамозниот „датум“ за почеток на преговорите со ЕУ. Спортските и политичките настани се испреплетуваа, исто така и победите и поразите. Она што ми остави впечаток како некоја константа се „хејтерите“ по социјалните мрежи, кои секој чин го користат за исфрлање на својата доза на омраза кон „другите“ (или демонстрација на припадност кон „своите“), се разбира во веќе „нормалниот“ свет на лажни вести. Човек веќе тешко може да прочита нешто што нема да биде нападнато во коментарите од „едната или другата“ страна, а уште потешко да напише, а да не биде оквалификуван како „вморон или комуњар“ или пак „клет или каур“, зависно од темата на написот или статусот на фејсбук.

Затоа, во очекување на „вести од Европа“ (јас секако не очекувам да бидат добри, т.е. да добиеме неделава на ЕУ самитот датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, но сепак се надевам дека тоа ќе се постигне до крајот на годинава), оваа колумна е главно посветена на тие „хејтери“, а како продолжение на написот од пред две недели „Еден Вардар за сите“, односно како демонстрација колку тешко ќе стигнеме (ако воопшто некогаш стигнеме) до едно општество (еднакво) за сите!

 

Имено, по триумфот на ракометарите на Вардар во Лигата на шампиони, не можевме на раат ни да се израдуваме, кога за неполни 2-3 часа, од неподелена еуфорија и искрени честитки на сите што „шкртнаа“ нешто на социјалните медиуми (без разлика на етничка и друга припадност), заради повици (со употреба на погрдното „клетите Шиптари“ за сограѓаните Албанци) на некоја група навивачи на Вардар на плоштадот, Фејсбукот се преплави со статуси за говор на омраза, повици за бојкот на ракометарите и на клубот, до одење во другата крајност со прогласување на фашисти. Според мене, тоа беше претерана реакција (иако беше оправдана), земајќи ја предвид значајноста на постигнувањето на РК Вардар, но и демонстрирајќи дека на повеќето (барем од тие активни „онлајн“) поважни им се етничките елементи, отколку државните/националните приоритети (и од едната и од другата најголема заедница). И за жал демонстрира колку сме далеку од „едно општество за сите“ или како што напишав тогаш „еден Вардар за сите“. Малубројни беа разумните повици да се игнорираат малите групи на хејтери и заведени (најверојатно малолетни) навивачи од своите „воџи“. Не требаше долго, па следниот ден (т.е. ноќ) на дочекот на ракометарите на плоштадот, „етничката“ интернет препирка се трансформира во „интер-партиска“ со исвиркувањето на градското раководство кое всушност ја овозможи и организира прославата, продолжените и повторени недолични повици на плоштадот, до неизбежното интернет препукување. И жално е што една од највпечатливите констатации по овој повод беше, дека грандиозниот успех на Вардар (тим во кој покрај 7 македонци, има и играчи од речиси сите екс-југословенски републики, како и значајно „руско влијание“) успеа да ја обедини Југославија, но и да ја подели Македонија!

 

Уште не стивнаа страстите околу Вардар, по (за жал) двата порази на нашата фудбалска репрезентација, се појави случајот со Езгијан (или Езѓан) Алиоски, со наводното бркање од кафана во Прилеп (патем, неговиот роден град) затоа што зборувал на албански јазик. Уште не стигна некоја новинарска екипа да појде таму и провери/утврди што навистина се случило, имаше веќе и по над двесте коментари на социјалните медиуми на написите поврзани со овој случај. Се разбира, на хејтерите (од двете страни, во случајот повторно етнички поделени) не им беше битна вистина и што навистина се случило – дали бил избркан од кафаната или замолен да се премести на друга маса; дали тоа се случило заради тоа што зборувал на албански јазик или заради претходна резервација на масата; итн. И повторно жално, најмалку се коментираше убавиот гест на самиот Алиоски следниот ден, да се врати во кафаната и човечки да се разберат со сопственикот/персоналот.

 

Во таа рашомонијада на нашите спортски поделби, а во пресрет на годишнината од Преспанскиот договор и напорите за убедување на земјите членки на ЕУ (а особено милите комшии меѓу нив) да ги отпочнеме преговорите, се појави и дебата со Бугарија – чиј е Гоце Делчев, или поточно дали тој бил Македонец или Бугарин. Без да навлегувам во расправата за докажување (тоа секако е потрае подолго, а веројатно и никогаш нема да заврши), а како што констатира една пријателка – во неможност да го прашаме него  лично, зошто не е меѓу нас повеќе од сто години; ми привлече внимание еден коментар кој велеше „да бил Гоце Бугарин, ќе крстеа барем некого Гоце во Бугарија во сите овие години“. Тоа ме натера да проверам, кои се всушност најчестите имиња во нашиот регион. И точно како тврдењето погоре, Гоце го нема на листата на најчестите десет имиња во Бугарија. И навистина, имам неколку пријатели во Македонија со име Гоце, а се уште не сум сретнал некој со тоа име во Бугарија (што не значи дека нема). Арно ама, ни кај нас Гоце не е меѓу десетте најчести имиња, а не ни е баш во прилог оваа аргументација, кога се знае дека ни името Георги не е кај нас меѓу десетте најчести, а во Бугарија е на прво место. Ако ни е за утеха (пак, по повод годишнината од Преспанскиот договор), кај нас најчесто машко име е Александар, додека во Грција тоа не е меѓу првите десет!

 

Конечно, кога сум кај хејтерите, тие не го одминаа ни мојот претходен напис, посветен на ЕУ извештајот за Македонија. Интересно е да се читаат коментари на свој текст во кои те прогласуваат од „латентен вмровец“ до „комуњар“, понекогаш и за истиот текст. Во очекување да се договорат едните со другиве, дали сум ваков или таков, можам само да се заблагодарам на малкуте разумни коментатори, кои го потенцираат тоа дека што и да напише човек, веднаш некој го „класифицира“ за припадник на некоја „страна“ (партиска, етничка, или друга) или во најмала мерка е обвинет за пристрасност, а особено на оние што коментираат за содржината на напишаното, а не за „писателот“. Или да цитирам еден од последните коментари: (дури и да е точна некаква припадност или пристрасност) тоа „не му го прави помалку релевантно и реално мислењето и оценката“!

 

И сепак, покрај доминацијата на хејтерски коментари на сите теми кои ги спомнав погоре, ќе се обидам да завршам во позитивен дух, како малкуте коментатори на социјалните мрежи… и тоа со уште еден спортски настан – победата на Toronto Raptors во годинешното финале на НБА лигата. За нас сето ова има посебно значење, заради основачот на клубот, бизнисменот од македонско потекло Џон Битов јуниор, кој во сега далечната 1993 година, заедно со својот партнер Алан Слејт вложија 125 милиони долари, да донесат НБА кошарка во Канада.

За прв пат екипа од Канада стана победник на најдобрата кошаркарска лига во светот, а покрај тоа – оваа победа е триумф на диверзитетот наспроти (етничкиот) национализам, со оглед на тоа дека Торонто е најмешаниот град во Америка, а со тоа и навивачите на клубот.

Особено интересно во оваа смисла беше шоуто на Џими Кимел, во кое се обидоа да изнудат од канадските навивачи навредливи слогани (trash talk) против нивните противници (Golden State Warriors), но и по сите обиди не успеаа во тоа, туку добиваа одговори како: „зошто да ги навредувам, тие се исто така добар тим“, или „не, не, ние не го правиме тоа, ние сме Канаѓани, ние сме учтиви“ и слично.

Добар пример како некаде стигнале до едно општество за сите!

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.