Денешна дата
18/08/2019

Македонија со слаба демократија чека влез во ЕУ

Глобалното истражување на јавното мислење на Меѓународниот републикански институт- ИРИ покажува дека Северна Македонија нема јака, но има подобра демократија од земјите во поранешна Југославија. Шеесет отсто од жителите на земјава сметаат дека треба да влеземе во Европската Унија

Пишува: Александар Тодески

 

Граѓаните на Северна Македонија сакаат влез во Европската Унија, а кон САД гледаат со резерва, покажува истражувањето на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) насловено како „Демократии под притисок“ кое беше презентирано денеска. Кога станува збор за Русија пак, мислењето е поделено, иако најголемиот дел од граѓаните се индиферентни кон оваа земја.

 

Граѓаните гледаат слаба демократија

 

Ранг листата на која се поделени земјите по функционалност на демократијата според јавното мислење покажува слаб резултат на земјава, но подобар во однос на останатите земји од поранешна Југославија. Ако глобалниот просек е 51 отсто од граѓаните, Македонија се најде на 12-то место одзади, односно со просек од 37 отсто. Сепак, зад нас се Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, но и Италија и Унгарија.

Педесет и пет проценти од граѓаните наведуваат дека демократскиот систем е најдобар и нема потреба од негова замена, а 60 отсто сметаат дека земјава заслужува влез во ЕУ.

Граѓаните најмногу се плашат од војна, односно 94 отсто, за разлика од европскиот просек кој изнесува 72 отсто. На второ место е невработеноста, односно 93 отсто. Над 90 отсто од граѓаните рекле дека се загрижени за криминалот и економската криза, 87 отсто за имиграција, додека пак 86 отсто од граѓаните истакнале дека се плашат од тероризам.

За иднината на земјава пак, пооптимисти се муслиманите. Повеќе од 6о отсто од муслиманите одговориле дека земјава во иднина ја гледаат подобро отколку сега, додека пак исто одогвориле 32 отсто од христијаните. Мнозинство од христијаните, односно 38 отсто рекле дека земјава во иднина ќе биде во полоша состојба отколку сега, за разлика од муслиманите,од  кои само 18 отсто гледаат негативно на иднината на земјата.

Вицепремиерот Бујар Османи смета дека дел од негативните бројки стојат зад фактот што земјава пред 18 години потпишала договор со Европската Унија, а дури сега очекува датум за преговори.

„Патот кон Европската Унија почна одамна. Оваа година поминуваат 18 години откако го почнавме ЕУ патувањето. Ова е една од целите, бидејќи во 2001 година се потпишаа два договори, оној со Европската Унија и Охридскиот договор, двата со иста цел, интеграција. Од 2005 година сме земја кандидат, уште пред Црна Гора да постои како посебна земја. Во минатото, пред потпишувањето на Преспанскиот договор, светлото беше изгасено, перспективата беше неизвесна“, вели Османи.

Според него, Европската Унија е лепило на мултиетничкото заедиштво и доколку се тргне, ќе настане хаос во регионот.

Францускиот амбасадор во Северна Македонија, Кристијан Тимоние пак, смета дека демократијата во државата е на повисоко ниво од земји кои веќе се членки на Европската Унија, што, според него, докажува дека ЕУ не е решение за се. Сепак, вели дека има и земји како Австралија, која е на 9-то место по демократија, а каде граѓаните сметаат дека немаат слобода на говор.

Загриженоста на граѓаните од радикалниот ислам е речиси еднаква со глобалниот ранк, односно 58 отсто од граѓаните се загрижени од радикалниот ислам. Сепак, ова прашање предизвика кај пратеничката на ДУИ, Шпреса Хадри, бидејќи наместо радикален ислам беше искористен само терминот ислам.

„Мислам дека треба да се појасни дали зборувате за ислам или радликален ислам, бидејќи исламот си е религија“, рече Хадри, на што доби одговор дека станува збор за радикалниот ислам.

Земјите кандидатки за влез во Европската Унија сметаат дека влезот во Унијата ќе ја подобри демократијата во нивните земји. Четириесет и шест отсто од анкетираните граѓани на земјава одговориле дека при влезот во Унијата државата треба да почне со користење на еврото како валута.

 

 Политичарите ја имаат најголемата моќ, сметаат граѓаните од речиси сите земји


Мафијата, интернационалните институции, интелектуалната елита и религиските заедници се на дното на листата по прашањето кој ја има најголемата моќ во државите. Граѓаните на 42 земји се согласни – политичарите и богатите луѓе имаат најголема моќ во сите земји. Истражувањето на ИРИ покажува дека 30 отсто од граѓаните од 42 земји ширум светот сметаат дека моќта е во рацете на политичарите, 18 отсто дека моќта ја имаат богатите, 12 отсто дека моќта е кај избраната партија на власт, додека пак 11 отсто сметаат дека моќта ја имаат големите фирми. 6 отсто рекле дека моќта е кај граѓаните, 4 отсто дека моќта е во рацете на криминалните групи, односно мафијата, по 2 отсто за интернационалните институции, интелектуалната елита и религиските заедници, а 1 отсто од испитаниците, во земјите каде има кралство, сметаат дека моќта е во кралските семејства.

Истражувањето покажува и дека граѓаните најмала доверба, од 23 отсто имаат во политичките партии, а најмногу, односно 45 отсто од испитаниците. Во парламентот доверба имаат 41 отсто, во владата 36 отсто, а во медиумите 34 отсто. Дури 70 отсто од граѓаните сметаат дека гласањето е вредно и оти може да направи промени, додека пак 30 отсто од испитаниците сметаат дека гласањето нема поента.

Демократскиот систем како најдобар го избрале 82 отсто од испитаниците. На второ место се наоѓа мислењето дека граѓаните треба сами да одлучуваат наместо владата, со 72 отсто, додека пак 57 отсто, односно средна оцена добило мислењето дека експерти наместо партија треба да одлучуваат во име на државата. Според 31 отсто од граѓаните, државата треба да ја води диктатор кој нема да има потреба да се грижи за избори. Зачудувачки е фактот што за диктатурата се определиле дури 38 отсто од луѓе под 35 години.