Денешна дата
15/08/2020

По промените во СДСМ, ќе има ли “пријатни изненадувања” и во Владата?

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги нарече козметички внатрепартиските промени во СДСМ непосредно пред најавената реконструкција во Владата. Експертите, пак, потенцираат дека ако не се смени методот на делување на партијата, залудни се промените на кадрите

Светлана Унковска

 

Централниот одбор на СДСМ во Охрид на кој беше избран нов состав на Извршниот одбор само половично го комплетираше раководството на владејачката партија. Во текот на неделава премиерот и лидер на партијата, Зоран Заев треба да обелодени и кои ќе бидат новите потпретседатели. Во промените на новиот Извршен одбор за кои Заев претходно рече дека ќе има пријатни изненадување како нови лица влегоа професорката Тања Стојановска-Иванова, која, до пред некоја година беше во партијата ГРОМ, потоа Есра Салихи, Маринела Ојлеска, Салија Љатиф Петрушевска, Ѓоко Танасовски, Весна Гершан, Кети Василевска и Нина Велкова.

Од Гром-овник во СДСМ-овник: Тања Стојановска-Иванова

Во новиот состав се и актуелните министри за правда, Рената Дескоска и за финансии, Драган Тевковски, потоа довчерашните потпретседатели на партијата, пратеничката Фросина Ременски, како и градоначалниците на Скопје и на Штип, Петре Шилегов и Благој Бочварски, потоа портпаролот и пратеник Костадин Костадинов, градоначалникот на Карпош Стефан Богоев и Васко Талески од битолскиот разгранок. На списокот на високото партиско тело повеќе ги нема поранешните потпретседатели, актуелните министри за внатрешни работи, Оливер Спасовски и за администрација, Дамјан Манчевски и пратеникот Мухамед Зеќири. Во Извршниот одбор не се повеќе и екс-генералниот секретар, Александар Кирацовски и екс-организацискиот секретар, Миле Зечевиќ, чии места ги зазедоа министерот за земјоделство, Љупчо Николовски и Душко Васковски, кој треба да ја напушти директорската позиција во „Водовод и канализација“.

 

Заев најави промени, опозицијата критикува

 

По Централниот одбор, Заев најави дека на нова седница во текот на неделава ќе бидат избрани и нови потпретседатели, откако претходно беа разрешени минатиот месец. Рече дека актуелните состојби со добивањето датум за преговори со Европската унија ги става во позиција да го скратат секое можно време за политички промени што значи дека покрај партиското докомплетирање набрзо ќе се спроведе и владината реконструкција.

„Мораме да ги скратиме сите рокови и да ги донесеме одлуките за политички промени и да се донесе одлука која ќе биде најцелисходна и за државата и за граѓаните, а тоа е да завршат промените и да продолжи Владата во целиот свој капацитет да ги извршува своите функции заради тоа што сме посветени дома и на реформите понатаму, но и на економските перспективи кои што се еден од најважните примати на работењето на Владата“ рече Заев.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ промените ги нарече смешни и дека и покрај најавите дека метлата ќе ја опфати и СДСМ нема суштински измени и само е реизбран Извршниот одбор.

„Старо-новиот Извршен одбор на Зоран Заев во СДСМ од 16 назначени членови, 10 се истите од претходниот пат. Очигледно е дека во овој театар што Зоран Заев им го приреди на членовите, наместо метла, одговорност и реформи, направи простор за да си ја зацврсти позицијата претседател на партијата односно да не биде сменет за сите погрешни политики кои што ги води и одговорноста која што ја бара членството од него. Во глобала се е исто во СДСМ само Кирацовски го нема”, сметаат во опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

Експерти: Поважно е промена на методот отколку само промена на луѓе

 

 

Познавачите на состојбите во СДСМ велат дека промените значат прегрупирање на силите и нов начин на функционирање и комуникација. Бидејќи, како што истакнуваат, доколку не се смени и методот на делување, нема да има резултат само со кадровски промени. Политичкиот аналитичар, Ѓунер Исмаил истакнува дека не може да се вели дека се прават некакви промени колку да се направат, туку една функционална реорганизација.

„Јас ова го гледам како поставување на одредени личности на одредени места кои ќе бидат посоодветни и кои повеќе ќе можат да одговорат на задачите кои што времето ги наметна. Колку што можам да видам најавен е поинаков систем на работа, односно една поинаква организациона поставеност. Односно во иднина општинските организации ќе мора да ги зацврстат релациите со локалната самоуправа со градоначалници и советите, потоа во владиниот состав министрите ќе мора да бидат во најтесна корелација со пратеничката група со која ќе мораат да контактираат секогаш кога ќе има пленарна седница, односно кога ќе заседаваат комисиите и кога на дневен ред ќе има точки од нивните ресори“, вели Исмаил.

На иста линија е и политичкиот аналитичар, Петар Арсовски кој укажува дека најважно од се е да се смени методот на однесувањето и политичко дејствување.

„Само ако сето ова е пропратено со менување на личности, но не и со начинот на функционирање нема да има позитивни резултати. Не е доволно само да ги смените луѓето, треба да се смени и методологијата на работење и функционирање на самата партија, за оние новите кои што ќе дојдат да не се однесуваат онака како што се однесувале нивните претходници. Исто така и начинот на функционирање треба да се засили, значи да има вистинско воведување на отчетност, одговорност, меритократија“, наведува Арсовски.

Во идното функционирање на социјалдемократите секако клучна улога ќе има и новиот генерален секретар на партијата, Љупчо Николовски, кој му беше шеф на кабинет додека Заев беше во опозиција, истакнува Исмаил. Оттука, вели тој, Николовски, многу добро го познава и членството и внатрепартиските состојби, но и каде треба да се насочат за да функционираат добро. Но, како ќе се одрази на другото членство тоа што во новиот Извршен одбор влезе професорката Татјана Стојановска Иванова, која претходно беше во партијата ГРОМ на Стевче Јакимовски, партија која директно атакуваше на СДСМ или пак личности кои се непознати за јавноста.

„ Не очекувам дека сето ова ќе предизвика некакви внатрешни турбуленции, напротив познавам неколкумина кои ги охрабруваат овие процеси. Очигледно е дека СДСМ се прилично флексибилни кога станува збор за вкупниот интерес и дека прво го ставаат интересот на државата пред сите други интереси. СДСМ мораше да направи многу потези изминатите две години кои предизвикаа покрупни импликации отколку тоа што на листата нови членови се нашле луѓе кои претходно имале идеи или членувале во други партии“, посочува Исмаил.

Дали ќе биде сериозна промената и вистинските луѓе ќе покаже времето, а тоа секако ќе се види со промените во извршната власт, нагласува Арсовски.

„Мислам дека е се уште рано да се оценува за тоа какви се конечните состојби во СДСМ по направените промени на високо партиско ниво. Вистинското мерило за тоа дали тие пристапиле кон сериозни промени ќе се видат со промените во Владата, односно со најавената реконструкција што треба да ја видиме наскоро. Бидејќи самите промени во партијата се полесни, таму лидерот има посилна позиција нема некои противници и има помалку отпор, додека во промените на Владата е малку поинаку“, истакнува Арсовски.