Денешна дата
23/09/2021

КПД „Идризово“ немало возило за да го донесе Вранишковски на Апелација

Втор пат затвореникот Вранишковски наместо пред Апелација остана во затворот „Идризово“. Директорот Пејковски вели технички причини, за адвокатот Тортевски ова е скандалозно. Во исто време делегација на ПОА патува на Саборот на СПЦ

Немавме возило на располагање за да го спроведеме Јован Вранишковски од КПД Идризово до Апелација денеска“, изјави за Инбокс 7, директорот на затворот Живко Пејковски, кој објасни дека причините се од чисто техничка причина.

Едно возило мораше да оди на клиника, да беше судењето подоцна ќе имавме превоз. За ова го известивме и затвореникот Вранишковски, а ќе испратиме и известување до Апелациониот суд“, објаснува Пејковски.

Јован Вранишковски по втор пат не беше донесен на седница на Апелациониот суд, јавната седница која денеска требаше да се одржи е одложена за 18 јули, поради неприсуството на Вранишковски и на дел од обвинетите. Главната судијка изјави дека до почетокот на процесот тие не добиле никаво образложение од затворот.

За адвокатот на Вранишковски, Александар Тортевски, ова е скандалозно, не постои никаков аргумент еден осуден човек да не може да биде донесен пред суд.

Значи во оваа држава нема комуникација меѓу институциите, меѓу судот и затворот, дека станува збор за технички причини во ваков случај е зачудувачки, мора да постои некоја друга причина“, рече адвокатот Тортевски.

Тој истакна дека Вранишковски не се чувствува виновен и поради тоа нема да бара помилување, „тој бара правда“, пренесе Тортевски дел од разговорот што го имал со Јован на последниот нивни состанок.

Инаку пред еден месец (16 април 2014 г.), исто така беше одложен претресот на Апелацискиот суд во Скопје по однос на жалбата на одлуката на Основниот суд Скопје I, со која Јован Вранишковски е осуден на нова тригодишна затворска казна, а осудени се и епископи, свештеници, монаштво и верници на Православната Охридска Архиепископија за проневера на 240.000 евра. И тогаш причините, судот ги оквалификува како необјаснливи.

Инбокс 7 веќе објави дека помилување или евнтуално ослободување на Вранишковски ја отвора врата за продолжување на разговорите меѓу СПЦ и МПЦ-ОА, услов поставен од српска страна.

Писмото испратено од Синодот на МПЦ ќе биде тема на српскиот Сабор кој денеска започнува во Белград, а ќе трае наредните неколку дена. Делегација на црквата на Вранишковски, ПОА денеска патува за Белград на Саборот на СПЦ.

stavrova@inbox7.mk